Американскиот претседател Џон Кенеди и советскиот лидер Никита Хрушчов
Public domainХрушчов и Кенеди се запознаа на 4 јуни 1961 година на Виенскиот самит, една од најнеуспешните средби во историјата на советско-американските односи. Наспроти самитот советниците на Хрушчов на генералниот секретар му ги опишаа браќата Кенеди како „момчиња во куси панталони“, како луѓе со слаб карактер кои се лесна мета за вербални напади. Од друга страна, секундантите на Кенеди исто така не може да му понудат на американскиот претседател позитивна тактика за претстојната средба зашто сите тие беа загрижени противници на комунистите.
Никита Хрушчов (десно), советски државник и први секретар на Советската комунистичка партија и американскиот претседател Џон Кенеди, 35 претседател на САД, средба во американската амбасада во Виена.
Ron Case/Getty ImagesЛидерите на двата спротивставени блока долго и прилично агресивно водеа апстрактни дебати за идеологиите и за судбината на овој свет, така што средбата немаше некакви конкретни резултати. На Виенскиот самит не беше потпишан ниту еден официјален документ. Средбата што требаше да го забрза завршувањето на Студената војна придонесе за уште поголемо заострување на односите помеѓу СССР и САД што доведе до Берлинската криза од 1961 година.
И покрај неуспехот на Виенскиот самит, ниту едната, ниту другата страна не сака нова голема војна. Веќе во септември 1961 година Хрушчов му напиша на Кенеди писмо од 26 страници. Во него советскиот генерален секретар се обиде да ги реанирмира односите со американскиот претседател.
„Во мислите повеќе пати се навраќав на нашата средба во Виена. Се сеќавам дека Вие нагласувавте дека не сакате војна и дека попрво би живееле во мир со нашата земја, и едни на други да бидеме конкуренција во цивилните сфери. Иако подоцнежните настани се развија во несакана насока, помислив дека можеби би било корисно да Ви се обратам во неофицијален формат и со Вас да споделам одредени свои идеи. Доколку не се сложувате со мене, сметајте дека ова писмо не ни постоело, и јас, природно, од своја страна нема да ја искористам оваа преписка во своите изјави за јавноста. Само во доверлива преписка човек може да го каже сето она што го мисли, не обрнувајќи внимание на печатот, на новинарите“.
Никита Хрушчов, одмор на Крим.
МАММ/МДФ/russiainphoto.ruКомунистот Хрушчов во своето писмо неочекувано ја спореди нашата планета со Ноевата арка, каде прибежиште нашле како „чистите“, така и „нечистите“ животни. „Независно од тоа кој себеси се доживува како 'чисто', а кој како 'нечисто' животно, сите сме еднакво заинтересирани за едно, а тоа е Арката успешно да го продолжи својот пат. И ние немаме друга алтернатива: или ќе живееме во мир и ќе соработуваме за Арката да ја продолжи својата пловидба, или таа ќе потоне“.
На Џон Кенеди му се допадна идејата на Хрушчов за неофицијална преписка. Тој тоа го прифати и потоа преписката ја чуваше во тајност.
„Ми се допадна аналогијата со Ноевата арка што ја наведовте... Колку и да се разликуваме, нашата тесна соработка во име за зачувување на мирот не е ништо помалку важна, ако не и поважна од соработката што беше потребна за победа во последната светска војна“, пишува Кенеди во својот одговор.
Хрушчов и Кенеди се допишуваа, заобиколувајќи ги официјалните канали за комуникација со цел што помалку луѓе во Кремљ и во Белата куќа да знаат за нивната преписка. Советскиот генерален секретар имаше свој човек во Вашингтон којшто можеше да биде врска помеѓу двајцата лидери.
Георгиј Бољшаков, заменик на главниот уредник на списанието „Советски Сојуз“ во Вашингтон. Идеален параван за полковник на надворешната разузнавачка служба.
Archive photo„Имаше еден руски шпион којшто често доаѓаше во нашата куќа. Се викаше Георгиј Бољшаков. Моите родители за првпат го видоа во советската амбасада. Многу им се допадна, беше симпатичен, постојано се смееше и се шегуваше, се натпреваруваше со татко ми во склекови, ни покажуваше руски танци, и нѐ учеше и нас да танцуваме. Сите знаевме дека е агент на надворешната разузнавачка служба. Во тоа време баш се појавија првите филмови за Џејмс Бонд, и беше мошне возбудливо тоа што знаеме дека дома ни доаѓа руски шпион... Хрушчов му го дал долгото писмо на Бољшаков, а тој му го предаде на Пјер Селинџер (портпарол на претседателот на Кенеди – заб. авт.) завиткано во весник Њујорк тајмс. Тој, пак, му го даде писмото на чичко ми“, од спомените на Роберт Ф. Кенеди помладиот…
Подоцна Бољшаков неколку пати се состана со Роберт Кенеди и со Селинџер и ги пренесе усните и писмените пораки на Хрушчов. Освен тоа, лидерите на суперсилите се договорија да воспостават директна телефонска линија. Во куќата на претседателот на САД се појави црвен телефон преку кој можеше да воспостави директен контакт со советскиот генерален секретар.
Хрушчов и Кенеди во Виена, јуни 1941 година.
Don Carl STEFFEN/Gamma-Rapho via Getty ImagesЗаемната почит помеѓу Кенеди и Хрушчов, меѓутоа, не беше доволна за да се спречи Карипската криза. Во Турција во 1961 година беа поставени американски нуклеарни ракети PGM-19 Jupiter. Тие за само 15 минути можеа да ги уништат главните индустриски центри во европскиот дел на СССР. Советското раководство и лично Хрушчов овие ракети ги доживеаја како навреда.
Набргу потоа следуваше одговор од СССР. Веќе во август 1962 година на комунистичка Куба стасаа првите советски бродови со балистички ракети. Кон средината на октомври на „островот на слободата“ веќе имаше 40 нуклеарни боеви глави и 40.000 војници и офицери на советската армија. Оваа авантура на Хрушчов многу го налути Кенеди. Од друга страна, Хрушчов не можеше да му ги прости на Кенеди ракетите во Турција и плановите за нова интервенција на Куба. Ситуацијата беше затегната до крајни граници. Светот никогаш претходно не бил толку близу до нуклеарна катастрофа.
Претседателот Кенеди на 23 октомври 1962 година потпишува наредба за поморска блокада на Куба.
JFK Library„Мислам дека признавате оти првиот чекор што ги започна овие верижни настани беше потегот на Вашата влада одразен во тајното поставување офанзивно оружје на Куба“, му пишува Кенеди на Хрушчов на 23.10.1962 година.
„Вас Ве загрижува Куба. Велите дека Ве загрижува затоа што е оддалечена 90 милји по воздушна линија од Соединетите Американски Држави. Но, Турција е веднаш покрај нас, нашите граничари патролираат и се гледаат преку границата. Веројатно не сметате дека Вие имате право да барате безбедност за својата земја и отстранување на оружјето за коешто велите дека е офанзивно, а ние, според Вашето мислење, немаме такво право?“, му пишува Хрушчов на Кенеди на 27.10.1962 година.
Хрушчов и Кенеди ги вложуваа сите напори да спречат катастрофа зашто од искуство знаеја колку е страшна светската војна. Кенеди е единствениот претседател на САД којшто го има добиено медалот „Пурпурно срце“. Тој лично има војувано против Хитлеровската коалиција во Тихиот океан. Јапонскиот разорувач удрил во чамецот на Кенеди и тројца негови другари загинале. Џон пливал 9 километри до најблискиот брег, носејќи на себе еден тешко ранет. Хрушчов учествувал во Сталинградската битка, можеби најстрашниот судир во 20 век кој има однесено 2.6 милиони човечки животи.
Поручник Џон Ф. Кенеди во униформа, 1942. // Крај на операцијата Лавов-Сандомјеж, На подиумот меѓу војската: првиот секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Украина Никита Хрушчов, 1944.
Public domainГенералите во Вашингтон и во Москва биле нетрпеливи во меѓусебен судир да ги проверат своите армии, но шефовите на државите инсистирале да се најде мирно решение.
„Ние го цениме мирот, можеби и повеќе од другите народи, зашто ја имаме преживеано страшната војна против Хитлер. Но, нашиот народ нема да се повлече пред каков и да е предизвик... Доколку провокаторите предизвикаат војна, тие нема да можат да ја избегнат одговорноста и тешките последици што ќе ги донесе таа војна. Но, убедени сме дека ќе победи разумот, дека нема да дојде до војна и дека ќе биде обезбеден мир и безбедност на народот“, му напишал Хрушчов на Кенеди на 29.10.1962.
Американски авион U-2 следи советски товарен брод за време Карипската криза. Википедија.
Ноќта наспроти 28 октомври главниот јавен обвинител на САД Роберт Кенеди тајно се состана со амбасадорот на СССР Анатолиј Добринин за да му понуди мировен договор под следниве услови: Хрушчов наредува да се повлече нуклеарното оружје од Куба, а претедателот Кенеди се обврзува да ја укине блокадата за Куба и во рок од 6 месеци да ги демонтира ракетите во Турција.
Ова беше устен договор, без какви било потписи и гаранции. И двете земји ги исполнија условите. Веќе на 20 ноември на Куба не остана ниту една советска нуклеарна боева глава, а Кенеди нареди да се укине блокадата на островот. Неколку месеци подоцна од Турција беа повлечени американските ракети Јупитер.
Хрушчов и Кенеди сфатија дека мораат да одржуваат комуникација. Само така може да ја избегнат заемната нетрпеливост и невнимателните одлуки коишто можат да предизвикаат непоправлива катастрофа. Важно е човек дури и во својот непријател да види пред сѐ човек, и токму човечноста на лидерите на двете суперисли го спасија светот во октомври 1962 година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче