- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Североисточно од утврдените руски земји, градот преполн со прекуморски трговци и морнари, Новогород не личел на ниту еден друг град во Русија. Традиционално градовите се формирале околу еден центар – тврдина. Додека Новгород настанал со поврзување на три населени места во кои живееле различни племиња. Токму во однос на овие стари населби го добил името Новгород.
Во XIV и XV век, во времето на процутот, Новгород ги контролирал земјите од Балтичкото Море на запад до Уралските планини на Исток и од Белото Море на север до горниот тек на реката Волга на југ и во Стара Русија бил втор најмоќен град по Киев.
Новгородска трговија
Основата за напредок на Новгород, поради која и станал Велики, била трговијата. Новгородските мајстори – ткајачи и сарачи, јувелири и стаклари, грнчари и ковачи, оружари и бравари – биле познати ширум Русија. Преку Балтичкото Море Новгород водел интензивна трговија со Западна Европа. Веќе кон средината на 12 век во Новгород се појавил трговски дом на трговци од островот Готланд – центар на трговијата на Балтичкото Море. До почетокот на 13 век новгородците исто така отвориле свое претставништво во Готланд, градејќи трговски дом и православна црква Свети Никола. Во текот на двата следни века ова претставништво било на врвот на процутот.
Кон крајот на 13 век во Новгород е отворен трговски дом за ханзеатските трговци. Ханзеатскиот сојуз бил најголемо здружение на трговци од германските градови, а имал само четири претставништва: во Новгород, во Бриж, во Берген и во Лондон, преку кои ги штител своите интереси за време на договарањата. Во Новгород се договарале големи зделки, при што од руска страна можеле да ги договараат само жителите на Новгород, додека на претставниците од други руски земји тоа не им било дозволено.
Странските трговци во Новгород носеле луксузна стока и материјали потребни за занаетско производство: вина, скапи ткаенини, скапоцени камења, обоени метали. Од Новгород во Европа трговците носеле крзно, восок (што во Европа бил потребен за изработка на свеќи), мед, кожа и бивни од морж.
Болјарска република
Политичкото уредување на Новгород било уникатно за руски прилики. Со новгородското општество управувал тесен круг болјарски семејства на кои им припаѓале огромни наследни поседи како околу градот, така и во оддалечените северни области. Сите новгородски болјари биле такви по раѓање и никој што не припаѓал на семејството болјари не можел да го стекне овој статус. Според тоа Новгород се разликувал од остатокот на Русија, каде што болјарите биле членови на кнезовата дружина. Тоа што Новгород бил управуван само со локалната аристократија, било важна особина на уникатната форма на управување со ова руско кнежество.
ПРОЧИТАЈТЕ ПОВЕЌЕ:Кои биле болјарите?
Највисокиот орган на власта било собранието коешто броело најмалку 300 болјари од најугледните и најбогатите семејства во Новгород. Како што бележат германски извори од 14 век, главното собрание во Новгород се нарекувало „300 златни појаси“. Собранието се собирало на плоштадот пред трговскиот дом, а неговото свикување го објавувало познатото новгородско ѕвоно, симболот на слободата на градот. Собранието, инаку, постоело и во други градови на Стара Русија пред во нив да биде воведена кнезовската власт. Но, само во Новгород во овој облик власта опстанала сѐ до 15 век, станувајќи сѐ помоќна.
Собранието ги избирало и ги менувале кнезовите, судело и пропишувало закони, објавувало војни и склопувало мир, определувало даноци и обврски. Исто така меѓу членовите на собранието избирало „посадник“, управител на градот. Тој водел сметка за тоа кнезот да ги исполнува договорите со градот, управувало со новгородските поседи, одговарало за правниот поредок, за судството, за потпишувањето дипломатски договори. Кога станува збор за новгородскиот кнез, тој го претставувал Новгород пред другите руски земји и бил одговорен за одбраната на градот.
Меѓутоа, политичкиот живот на новгородците не бил ограничен на централното собрание. Обичните новгородци учествувале во собранието на улиците и реоните на градот. Болјарите овие собири ги користеле за да добијат поддршка за своите интереси и се бореле против конкурентите.
Голема слобода имала и црковната власт во градот. Новгородците успеале да постигнат автономија за својот архиепископ. Од почетокот на 12 век само киевскиот митрополит имал право на оваа должност да постави кандидат кого би го предложиле новгородците. Архиепископот имал свој сопствен воен полк, учествувал во дипломатските преговори и ставал печат на меѓународните договори.
Слободен однос кон кнежевствата
Ограничувањето на правото на кнезот започнало во Новгород уште за време на Јарослав Мудри, којшто се согласил на тоа новгородските болјари да не подлежат на кнежевскиот суд во замена за поддршка на новгородците во борбата за Киев. Новгород по смртта на Јарослав не добил посебна кнежевска династија зашто, наоѓајќи се на исходот на трговскиот пат „од Варјази до Грци“ бил мошне тесно поврзан со Киев. Кога во 1054 година Јарослав Мудриот починал, Киев и Новгород ги оставил на најстариот син. Така што оттогаш на новгородскиот престол обично се наоѓал претставник на најјаката кнежевска линија.
Во 1136 година во Новгород избувнало востание и кнезот бил протеран. Оттогаш новгородците самите повикувале кнез и со него склопувале договор, според кој тој не можел да се меша во управувањето со градот, не можел да менува високи лица во земјата и не можел да поседува земја на периферијата на новгородската територија.
Во случај на кршење на договорот кнезот бил протеруван од градот, а собранието избирало нов кандидат. Ваквата смена повеќе пати сериозно влијаела на животот на цела Стара Русија. На пример, повод за походот на Андреј Богољупски на Киев било протерувањето на еден кнез од Новгород.
Без оглед на ваквиот слободен однос кон кнежевствата, сите значајни државници на Киевска Русија, градителите на идната единствена руска земја – од Владимир Црвеното Сонце до Владимир Мономах – биле кнезови во Новгород пред да го заземат киевскиот престол. Симболично е и тоа што прво место на кое владеел Рјурик на повик на Русите, исто така бил на Новгород.
Најписмениот град на Стара Русија
Во текот на археолошките ископувања во Новгород на 26 јули 1951 година пронајден е првиот запис на брезова кора со текст којшто може да се познае. Вкупно се пронајдени над 1.100 вакви записи во Новгород и околу стотици во други градови на Стара Русија.
Анализата на новгородските записи на брезова кора овозможила увид во секојдневието на градот и неговите жители во периодот од 11 до 15 век, каде што постоела Новгородската република.
Текстовите на брезова кора сведочат за распространетоста на писменоста меѓу жителите на градот. Новгородците едни на други често си пишувале, со задоволство и по најразлични поводи, коментирајќи ги домашните и трговските работи, судските одлуки и обичните градски сплетки. Притоа писмени биле и мажите и жените.
Записите на брезова кора покажаа дека положбата на жената во новгородското општество била прилично поволна за тоа време. Тие самостојно воделе работи, склопувале парични договори, мажите испраќале упатства, можеле и самите да се појавуваат на суд, меѓу другите, и во врска со финансиските прашања, и воопшто интензивно се занимавале со економски работи.
Меѓу записите се најдени и емотивни љубовни признанија како што е познатото писмо на непозната девојка од 12 век: „Три пати испраќав човек кај тебе. Каква замерка имаш против мене, па не доаѓаш?“, како и една од првите забележани руски пцости.
Јунаците на Новгород и неговиот пад
Посебното политичко уредување и карактерот на економијата во Новогород создале специфични фиктивни и реални јунаци. За разлила од јунаците од руските билини, коишто времето го поминувале лежејќи на печка и чекајќи можност да ја бранат земјата, новгородскиот јунак Садко – убавец, свирач на руски гусли и трговец – интензивно работел на стекнување богатство и слава. Тој успешно го насамарил морскиот цар, а кога се збогатил, се колнел дека ќе ја откупи сета новгородска стока. Во некои верзии од приказната во тоа дури и успева.
Уште еден нетипичен јунак, овој пат реален, а не фиктивен, била предводничката на новгородскиот отпор против Москва Марфа Борецкаја (Марфа-посадница, зашто нејзниот втор сопруг бил „посадник“, односно управител на градот). Марфа потекнувала од влијателно болјарско семејство и имала големи поседи, како оние што ги наследила од семејството, така и оние што останале по смртта на првиот сопруг.
Кога во 15 век великиот московски кнез Иван Трети почнал да ги обединува руските земји околу Москва, Марфа започнала преговори со великиот литвански кнез за влез на Новгород во состав на Големото литванско кнежевство под услов на градот да му се обезбеди автономија.
Откако дознал за овие преговори, Иван Трети на Новгородската република ѝ објавил војна. Со поразот во оваа војна нејзината историја е завршена во 1478 година. Во знак на укинување на новгородското собрание ѕвоното за негово собирање однесено е во Москва, а влијателните граѓани се нашле под репресии. Поседите на Марфа се конфискувани, а таа набргу починала.
Градот кој на почетокот на руската историја го примил Рјурик како свој кнез и на тој начин ги положил темелите на руската државност покажал дека патот кон силната централизација и апсолутна кнежевска власт не бил единствен можен пат за Русија.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа