Каде и кога е основана руската држава?

Кира Лисицкаја (Photo: Владимир Смирнов/Global Look Press; Public domain)
За доаѓањето на Варјагот (Скандинавец) Рјурик и неговото управување како кнез на руската територија постојано се водат полемики. Постојат различни мислења и за неговото потекло и за тоа треба ли неговото владеење да се третира како почеток на постоење на Стара Русија.

Стара Ладога е село во Ленинградската област на брегот на реката Волхов, оддалечено 120 километри од Санкт Петербург. Денес во него живеат помалку од 2.000 луѓе, а во средниот век тоа било голем мултинационален град којшто тргувал со Централна Азија и со Северна Европа. Археолошките ископувања укажуваат на тоа дека Ладога е основана најдоцна во 752 година, што значи дека сега (2023) е стара најмалку 1270 години.

Тврдината Стара Ладога

Се смета дека Ладога е првата престолнина на Стара Русија. Имено, според некои летописи, во неа го започнал своето владеење Рјурик, основачот на првата династија руски владетели кој на повик на словенските племиња стасал од северните земји и станал нивен кнез.

Каде дошол Рјурик?

„Рјурик. Портрет од ’Царскиот титуларник’“

„Лето 6370 (862). Ги прогонија Варјазите преку морето и не им дадоа данок, и почнаа сами со себе да владеат. И немаше меѓу нив правда, и стана род на род, и имаше кавги меѓу нив, и завојуваа едни со други. И си рекоа себеси: Да си побараме кнез кој ќе владее со нас, и ќе суди по правда“, гласи „Повеста за минатите години“, еден од клучните руски летописи кој најверојатно настанал на почетокот на 12 век.

Според овој документ, браќата Варјази – Рјурик, Синеус и Трувор – се одѕвале на повикот на источнословенското племе Словени и нивните соседи угрофинските племиња Чуда и Мерјана, и почнале да владеат во три различни града. И додека сите извори се сложуваат дека Синеус тргнал во Белоозеро (денес Волгодска област), а Трувор во Изборск (денес Псковска област), верзиите за Рјуриковата резиденција се разидуваат.

Повикување на варјашките кнезови. Кнез Рјурик 862-879. Цртеж на В. П. Верешчагин, професор по историско сликарство на Царската академија на уметностите, 1896.

А, сето тоа поради фактор што оригиналот на „Повест за минатите години“ не е зачуван. До нас се дојдени пет списи од 14-16 век, односно подоцнежни репродукции на документите кои не биле негови строги копии, зашто во текот на доцниот среден век се објавени неколку изданија на летописот.

Според едни, Рјурик навистина во 862 година се населил во Ладога, а во 864, по смртта на двајцата браќа ја презел целата власт, се преселил на езерото Иљмењ и основал свој град. Подоцна во близина на тој град никнал Новгород.

Новгородски Кремљ

Според други, Рјурик веднаш се населил на Новгородската земја. Приврзаниците на оваа теорија се повикуваат на фактот дека во средината на 9 век Ладога била неутврдена трговска населба, па со тоа Рјурик не можел да ја избере неа за резиденција. Згора на тоа, околу 860-тите, наспроти повикувањето на Варјазите, Ладога ја зафатил голем пожар, кој веројатно избил поради меѓусебни пресметки.

Цртеж од книгата „Руска историја во слики“ или „Детски Карамзин“, 1838.

Верзијата за почетокот на владеењето на Рјурик во Ладога можела да настане во 11-12 век поради нејзините политички односи со Новгород. Имено, градската заедница на Ладога настојувала да се изолира и да формира своја „волост“ (голема територија со главен град и со свој локален кнез).

„Жителите на Ладога изнеле сопствен историски концепт според кој Новгород, кој наводно го основал ладошки кнез, претставува еден вид предградие на Ладога“, пишува историчарот Максим Жих. „Формирањето историска меморија во која Ладога се доживува како престолнина и независен град во минатото, а воедно и град постар од Новгород, требало да им помогне на жителите на Ладога да се изборат за независност на својот град во сегашноста“.

Дали Рјурик е вистинска личност или мит?

Постои и сомнеж дека Рјурик бил вистинска историска личност. Оние што веруваат дека тој навистина постоел се потпираат на средновековните летописи кои, како што се смета, се напишани 150-200 години по владеењето на Рјурик.

Рјурик пред смртта му ја предава власта на братучедот Олег и го именува за старател на својот малолетен син Игор. Раѕивиловски летопис, 15 век.

Интензивно е истражувано и прашањето на неговото потекло. Во летописите со името Варјази се нарекуваат Швеѓаните, Норвежаните, Холанѓаните и Англичаните. Освен Англичаните сите други се Скандинавци или Нормани. Приврзаниците на „норманската теорија“ која настанала во 18 век го вбројуваат Рјурик во Нормани. Се смета дека неговото име води потекло од прагерманскиот јазик, предок на скандинавските јазици.

Исто така се забележува дека името „Рјурик“ личи на името Рорик од Дорестад, или од Јутланд, кој во средината на 9 век бил вазал на франечките кралеви. Притоа во западните извори не се споменува „руски“ Рјурик, а фактот дека Рјурик и Рорик живееле речиси во исто време, ги наведуваат некои истражувачи на идејата дека станува збор за иста личност.

Постоеле и верзии дека Рјурик бил претставник на сојузот на словенските племиња (варјашкото племе Рус и Бодрич, односно Ободрига) кои живееле на јужниот брег на Балтичкото Море. Ваквата теорија ја застапувал Михаил Ломоносов, научник и енциклопедист од 18 век. Тој не сакал да ја прифати идејата дека зачетник на руската државност бил Скандинавец.

Во 16 век е откриено дека Рјурик има и римско-пруски корени, односно дека води потекло од римскиот император Август. Значи, великите московски кнезови, потомците на Рјурик, требало да се почитуваат како Августови наследници, односно претставници на царскиот род.

„Во доцниот среден век личноста на Рјурик веќе служела како темел за идентитетот на владејачката династија. Подоцна, во 17 век, токму портретот на Рјурик ќе стои на почетокот на познатиот „Титуларник“ на великите кнезови и цареви на руската држава. Во тој „Титуларник ќе бидат претставени портрети на најистакнатите владетели во руската историја. Рјурик таму ќе биде на прво место“, истакнува историчарот Аркадиј Тарасов.

Значи ли тоа дека Стара Русија се појавила кога Рјурик станал кнез?

Веројатно е бесмислено да се водат расправи за првата престолнина на Стара Русија, доколку во времето на Рјурик не постоела државата како таква. Но, и за ова прашање постојат различни мислења.

Портрет на Иван III из „Царскиот титуларник“

Современите историчари ја наведуваат 882 година како условен датум на формирање на староруската држава, односно датумот кога братучедот на Рјурик Олег ги обединил Ноговорд и новоосвоениот Киев.

Според ставот на московската историска школа, Русија настанала дури во 14-15 век за време на Иван Трети, великиот московски кнез кој започнал да ги обединува руските кнежевства околу Москва. Иван Трети ја укинал вазалната зависност на руските змеји од Златната Орда, одобрил закони, ги развил бирократските карактеристики на државата, го вовел грбот со двоглав орел како симбол на врховната власт и си ја присвоил титулата цар на цела Русија.

Во Велики Новгород во 1862 година (на годишнината од повикувањето на Варјазите) за време на царот Александар Втори свечено е отворен споменикот „Милениум на Русија“. Во неговата композиција Рјурик како основач на руската држава зазема посебно место.

Николај Шустов, Московскиот кнез Иван III го урнал татарскиот јарем, ја раскинал ханската грамота и наредил да се убијат посланиците, 1862.

Царот Николај I, таткото на Александар II, ја официјализирал 862. година како година на настанок на државноста на Русија. Неговиот син ја прославил годишнината на државноста и организирал големо помпезно отворање на споменикот, тежнеејќи кон остварување на некои свои политички цели.

Споменик милениум на Русија: Кремљ, Велики Новгород.

Првата цел била да го нагласи континуитетот на моќта – оттука на барелјефот на споменикот се прикажани клучните владетели. Втората била да се истакне тоа дека владеењето со Русија започнало со „пријателски договор“ на власта и народот, односно Рјурик и племињата што го повикале, и како тоа сѐ уште се засновува на него. И на крајот, отворањето на споменикот во Новгород требало да го сврти вниманието на „првата слобода“ што ја уживале жителите на средновековната Новгородска република. На тогашните власти им било важно да ја повлечат оваа паралела во 1862 година во контекст на либералните „Големи реформи“ на Александар Втори.

Првиот кнез Рјурик на споменикот „Милениум на Русија“.

Очигледно е дека во текот на вековите некои места во летописите, како и толкувањата на руската историја, се истакнувале врз основа на потребата за одбрана на актуелните политички тези. И иако не постојат точни одговори на прашањата поврзани со настанокот на руската државност, статусот на Рјурик како „родоначалник“ на Русија е официјално признат, а повикувањето на Варјазите се третира како пресвртница во историјата на руската држава.

„Отворање на споменикот ’Милениум на Русија’ во Новгород 1862“, Богдан Вилевалде,1864.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња