- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Павел Мелников-Печерски во својот роман „На планините“ зборува за животот на жителите на селата долж Волга во Нижегородската област и го опишува занимањето кое во XIX век било популарно во округот Сергач. Имено, најмалку триесетина села заработувале за живот од дресура на мечки.
Мештаните ги учеле мечињата да изведуваа разни трикови и со нив оделе по панаѓури. Се зборува дека тие мечки ги забавувале гостите и на свадбата на Иван Грозни и Марфа Собакина.
Заробените француски војници, кои за време на војната 1812 година се затекнале во Сергач, со свои очи ги виделе дресираните мечки. На почетокот не верувале дека такво нешто е можно. А сé почнало од приказната дека Наполеон наскоро ќе испрати нови трупи со кои, како што најавувале Французите, Русите нема да можат да излезат на крај. На тоа капетанот на локалната полиција им одговорил: „Ако треба, ќе ги испратиме на нив полковите мечки“. И ги поканил сите на смотра на посебен мечкин баталјон.
Мелников-Печерски го опишува овој настан со следниве зборови: „Мечкарите само лете талкаа по белиот свет, а зиме седеа дома. Кога им стигна порака од началникот на полицијата на тој и тој дека сите да ги доведат мечките во градот, направија како што им беше наложено. Доведоа во градот околу илјада свои питомци и ги наредија во редици, а потоа мечките по команда ги зафрлуваа стаповите преку рамо и покажуваа „како малите деца крадат грашок“: Во еден момент началникот се сврте кон Французите и рече: „Ова тие тренираат да ракуваат со оружје и да ползат како стрелци“. Стаписаните Французи подоцна пишуваа дома: „Со сопствени очи го видовме мечкиниот баталјон“. Веројатно оттогаш Французите нé викаат „мечки“.
Господин Михајло Потапич
Дресираните мечки биле вистински ѕвезди на панаѓурите и разни прослави. Умееле да одат на задните нозе и со движењата да доловуваат различни „слики“. Историчарот и археограф Дмитриј Ровински во зборникот „Руски народни слики“ ги опишуваа тие мечкини комедии. На пример, како една девојка се дотерува за излегување: „Мечката седнува на земја, со едната шепа си го трие лицето, а другата ја држи пред муцката и така покажува како девојката се гледа во огледалото“:
Мечките умееле да изведат и по педесет слични трикови. На пример, да земат стап и да го затегнат и гаѓаат како од лак, па потоа како мали дечиња да крадат грашок и да ползат (на суво ползат на стомак, а на мокро на колена), а кога ќе ја завршат „кражбата“ да се стркалаат. Потоа да покажат „како жена го милува и гушка саканиот маж“. На крајот земаат пешкир и ги поминуваат насобраните набљудувачи и собираат пари за својот настап.
Мечките од Сергач биле толку популарни што Екатерина II наредила „топтигин“ (како што ги нарекувале мечките поради нивниот специфичен од, рус. „топтать“ – гази, тапка) да се стави на градскиот грб. А дресерите од Сергач на своите питомци им ја дале почесната титула „сергачкиот господин Михајло Потапич“.
Претставите со мечки биле забранети во 1866 година, но и понатаму се ширеле приказни за супер мечките, кои со своите вештини воодушевувале многу народ.