И помогнале ли САД на Русиja во модернизацијата на најдобриот советски тенк од Втората светска војнa

Getty Images
Познатиот советски тенк Т-34 е тестиран на американскиот полигон во Абердин во 1942 година, по што се појави мит за наводна значајна улога што ја одиграле Американците во модернизацијата на познатиот советски тенк.

Пролетта 1942 година тенкот Т-34 е испратен во САД за американските стручњаци да го тестираат и да го испитаат на Абердинскиот полигон во Мериленд. Американците сакале да дознаат кои добри страни на советскиот тенк би можеле да ги искористат во сопствената воена индустрија. Од друга страна, група советски стручњаци присутни на полигонот сакала да слушне аргументирана критика од своите американски сојузници која би можела да им биде од корист на советските инженери.

Американците во целина позитивно го оцениле Т-34 – најдобар тенк со средна величина на почетокот од Втората светска војна. Недостатоците што ги забележале американските стручњаци не биле од посебно значење за советските инженери зашто тие веќе знаеле за нив и работеле на усовршување на својот најдобар тенк.

Што пофалиле Американците?

Американците високо го оцениле главниот топ на тенкот Т-34 со калибар од 76 милиметри со ознака Ф-34 како сигурен и згоден за ракување, но ставиле забелешка на почетната брзина на проектилот.

На американските стручњаци им се допаднал обликот на тенкот како и неговата можност да се движи по доста непристапен терен.

Им се допаднале и челичните гасеници на тенкот Т-34, па решиле исти такви да направат и за своите тенкови. Во тоа време нивните тенкови M3 Lee и M4 Sherman имале гумени гасеници.

Дизел-моторот на тенкот Т-34 е окарактеризиран како лесен и извонреден. Американците имале можност да видат колку е ефикасно користењето на вакви мотори кај тенковите. САД, меѓутоа, сите дизел-мотори ги користеле во воената морнарица, така што немале доволно можности за користење на ваквите мотори и во тенковите.

Високо се оценети нишанските уреди. За нив едноставно било кажано дека се „најдобри на светот“, и било признато дека им нема рамни.

Што критикувале?

Покрај позитивните коментари, Американците направиле и долг список на забелешки.

Биле шокирани кога виделе дека Т-34 користи застарен менувач со четири брзини кои во Америка во тој момент не бил во употреба речиси 20 години. Но, не знаеле дека Советскиот Сојуз веќе со полна пареа развивал нов менувач со 5 брзини за тенкот Т-34. Првите примероци на овој тенк со нов менувач биле тестирани летото и есента 1942 година иако нивното сериско производство започнало дури во 1943.

А, ги критикувале и филтрите за воздух „Помон“, не знаејќи дека е веќе во подготовка новиот, подобрен и мошне поефикасен филтер „Циклон“.

Американците биле мошне скептични и во поглед на малите габарити на куполата на тенкот и не можеле да сфатат како внатре може да се смести двочлена машка посада, особено во зимска униформа. Советите знаеле за овој проблем така што во 1942 година во експерименталниот модел на Т-43, кој требало да го замени Т-34, направиле многу поголема и попространа купола. За волја на вистината се откажале од Т-43, но неговите технички решенија биле реализирани во моделот Т-34-85, во чија купола веќе можеле да се сместат дури тројца членови на екипажот.

И покрај тоа што обликот на тенкот добил висока оцена, се сметало дека премногу пропушта вода. За време на форсирање на река и за време на силни дождови во тенкот продирало големо количество вода. Било предложено да се измени начинот на производство на оклопот и воедно тежината на тенкот да се намали за 10%. Во подоцнежните тестирања, сепак, тие пресметки не биле потврдени.

Сè на сè, забелешките што Американците ги дале за тенкот Т-34 не биле некаква новост за советските инженери. Во тоа време конструкторите во СССР веќе работеле на далекосежна модернизација на најдобриот тенк со средна големина на почетокот на Втората светска војна.

Советските напори на крајот дале плод – направен е тенкот Т-34-85 кој одиграл главна улога во завршната фаза од војната, а потоа, по победата во 1945 година со децении ефикасно е користен во советската армија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња