- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Францускиот дипломат Фуа де ла Невил во 1689 година напишал дека Англичанката Евдокија Хамилтон којашто живее во Русија „е единствената жена во таа земја која не користи белило и руменило. И додека другите Русинки и понатаму ги боеле веѓите со црна сурма и нанесувале белило на лице, леди Хамилтон блескала со природа убавина“.
Хамилтон му беше сопруга на Артамон Матвеев, претседател на владата за време на царот Алексеј Михајович. Фактот што себеси можела да си дозволи да не се шминка и рамноправно да се појавува во друштво на мажи бил вистински револуционерен за тоа време.
Мајката на Петар Велики Наталија Наришкина израснала во домот на леди Хамилтон и на нејзиниот сопруг кои ѝ овозможиле врвно образование. Царицата Наталија подоцна во секојдневието вовела многу новини. Таа гледала театарски престави, танцувала, се појавувала во кочии со отворен покрив, а не во затворени фургони.
Синот на Наталија Наришкина, царот Петар Алексеевич, не ја сакал традиционалната московска Русија, ниту нафраканите дами од благородничко потекло, како кукли, невнимателни и оковани во својата до земја долга облека. Многу повеќе му се допаѓале кокетните европски дами во фустани со деколтиња, па во својата реформа ги вовел токму овие фустани.
„Женскиот пол задолжително да носи германски фустани“
За време на владеењето на таткото на Петар, царот Алексеј и на неговиот постар брат Фјодор, европската мода дефинитивно стасала во Русија. Но, само во машката облека, додека женската останувала строго традиционална и мошне слична на машката. Имала многу слоеви, долги фустани и бунди со крзно однатре и со крзнени опшивки околу краевите на рацете и јаката.
Жените од мажите лесно се разликувале само по тешката шминка, оловните белила се нанесувале на лицето во слоеви, а потоа се дотерувале со специјални гребачи. „Руските Европејци“ како леди Хамилтон и Петар Велики не биле единствените на кои не им се допаѓало ова. Протопопот Авакум има напишано: „Некои жени своите лица ги деформираат, и упорно нанесуваат бои, или смарагдни, или бели, или сини, така што личат на одвратни животни мајмуни“.
Петар започнал да спроведува свои реформи во руската облека неколку дена по враќањето од Големата амбасада во Европа и непосредно за време на погубувањето на стрелците. Указот „За носење германски фустани и бричење на брадата и на мустаќите“ донесен е на 29 август 1698 година. А, зошто токму за време на погубувањето на стрелците, побунетата московска гарда? Законодавецот со тоа сакал недвосмислено да истакне дека со стариот поредок е неповратно завршено.
Следните укази за нова облека се донесени во 1700, во 1701 и во 1705 година. Во Москва на ѕидините на Белиот град поставени се кукли во европска облека, за сите да сфатат како треба да се облекуваат. А, неадекватното облекување во градовите било жестоко казнувано, со 40 копјеки за пешаците и две рубли за оние со коњи, во време кога 16 килограми месо чинеле помеѓу 30 и 40 копејки.
Во указот жените биле посебно споменати: „Женскиот пол од сите рангови се задолжени да носат германски фустани“.
Без оглед на првобитните протести, па дури и востанија, германските фустани влегле во мода. Од 1717 година Петар започнал да организира приеми на кои со личен пример, свој и на сопругата Екатерина, покажувал како треба да се облекува, да се игра и да се забавува. Но, како сето влијаело на женската декоративна козметика?
„Може да се помисли дека царицата е патувачка уметница“
Германската женска облека од почетокот на 18 век подразбирала голи раце, помало или поголемо деколте и отворен грб, како и украси за главата и за фризурата. Ваквиот изглед бил неспојлив со руската декоративна козметика од 17 век, едноставно премногу скапо би било да се белат и градите и рацете. Освен тоа, во тешката шминка невозможно е да се смее и да се танцува, нешто што московските болјарски ќерки порано не го правеле.
Кога танцот станал јавна забава, а умеењето да се танцува зборувало за благородничкото потекло, се променил и ритамот на движење на руската жена. Во Московска Русија пожелно било убавиците да изгледаат достоинствено и величествено, нозете им биле скриени под облеката што допирала до земја, а тие незабележливо пливале, останувајќи во принцип неподвижни. Убавиците од 18 век, пак, со разголени раце и грб, биле постојано во движење, флертувајќи, смеејќи се и танцувајќи.
Косата што жените во Русија ја криеле под облеката, сметајќи ја за дел од голо тело, во новата мода станала материјал за модерни фризури, основа за носење луди перики и украси за главата.
Руските дами во прв налет немале доволно ниту вкус, ниту вешти кројачи за сето тоа да го следат. Странските дизајнери и кројачи започнале да ги обучуваат руските колеги за изработката на новите кроеви дури во втората и во третата деценија на 18 век. Затоа дури и највисоките државни претставници во Европа изгледале смешно. Историчарката Ирина Климовицка во статија за реформите на Петар Велики во врска со модата ги наведува зборовите на грофицата Вилхелмина Бајретска којашто ги видела рускиот цар и царицата за време на нивната посета во Берлин во 1719 година. „Фустанот што го носеше најверојатно е купен во продавница на пазар. Беше со старомоден крој опшиен со сребро и светки. Судејќи според нејзината облека би можело да се помисли дека е германска патувачка глумица“, пишува за руската царица берлинската дама којашто ја следела модата.
„Како вистинска Русинка“
Требало да поминат уште дваесет-триесет години за жените во Русија коишто сакале убаво да се облечат да можат да излезат на мегдан со европските дами. Кон средината на 18 век белилото повеќе не било актуелно, а во мода влегла природната боја на лицето кој се истакнувала со помош на лековити билки.
Со цел кожата на лицето да биде бела жените се миеле со свежо млеко и со чај од ценатуреа. Според културологот Оксана Мајакова, за чистење на кожата се користеле средства на база на волче сало, белка и масло од пченични никулци.
Екатерина Велика велела дека во младоста има акни и мозолчиња, и дека ѝ помагал дворскиот лекар. „Извади од џебот шишенце и ми рече да ставам една капка од маслото со талк во чаша вода и со тоа повремено да го влажнам лицето. И навистина, маслото ми го исчисти лицето и по десет дена можев да се појавувам каде што сакам“. Се користел и прашок од сушен сунѓер од фамилијата брадјага со кој се триело лицето, по што се добивало на свежина.
Сепак, најпознато руско средство за постигнување свежина на лицето и на кожата што го користеле сите жени, од селанките до цариците, било триење со снег и со мраз. Кај селанките тоа било едноставно. Во текот на долгите, студени зими тие редовно посетувале бања и влегувале во отвори со мраз или купови снег. Меѓутоа, ни благородништвото не заостанувало. Адријан Грибовски, шеф на личната канцеларија на Екатерина Втора, сведочел како царицата го триела лицето со мраз.
Ирката Марта Вилмот којашто ја посетила Русија во времето на Екатерина Втора пишува: „Секое утро ми носеа мраз со дебелина на стакло на чаша, и јас, како вистинска Русинка, со него ги триев образите, по што, како што ми тврдеа, добивав убава боја на лицето“.
Руменилото и пудрата сепак не беа занемарени, едноставно сега се правеа по европски рецепти и не беа базирани на олово и на жива. За време на Екатерина Втора во Русија работеле четири фабрики за производство на пудра и пет за производство на руменило, а се продавала и странска шминка. Тегличка руменило и понатаму била многу скапа, 80 копејки, во моментот кога за десет до дванаесет копејки обичен човек можел добро да се најаде во кафеана.
Меѓутоа, како што пишува Марина Богданова, „за жените од новата доба кои воделе сметка за својот изглед било незамисливо и смешно да се шминкаат како своите баби или прабаби. Постоел многу поголем избор шминки, руменилата биле во различни нијанси, од црвени до оние нежно розови, па можела да се избере соодветна боја во согласност со облеката“.
Кон крајот на 18 век во Русија биле мошне популарни книгите и списанијата за жени кои ја следеле модата и сакале да се облекуваат и да изгледаат убаво, а на почетокот тие биле преводни. Во нив можело да се види како да се направи домашна пудра, крем и лосион, и руските дами овие рецепти редовно ги користеле. На почетокот на деветнаесеттиот век интензивната шминка повеќе не била во тренд. Повторно станал модерен природниот изглед, со мошне малку пудра, а за најдобро руменило се сметало она природното.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа