На врвот на столбот се наоѓа ангел. Во рацете држи латински крст – симбол на христијанството и мирот што Русија ѝ го дари на Европа. Скулпторот Борис Орловски му даде на ликот на бронзениот ангел црти на лицето на Александар I. За време на неговото владеење Русија извојува победа над војската на Наполеон во Татковинската Војна 1812 година.
Споменикот е истовремено посветен на благоверниот кнез Александар Невски, небесниот покровител на Санкт Петербург. Столбот беше поставен на пиедестал на годишнината од пренесувањето во градот на моштите на светиот кнез – 30 август 1832 година - и свечено откриен точно две години подоцна.
Според градската легенда, ангелот Александровиот столб е еден од тројцата чувари на Санкт Петербург заедно со златниот ангел на шилецот на Петропавловската тврдина и сребрениот ангел на куполата на црквата „Св. Катерина“.
Според проектот, столбот требало да биде повисок од Вандомскиот, кој беше поставен во Париз во чест на успешната кампања на Наполеон 1805 година. Висината на францускиот споменик е 44,3 метри и излеан е од австриски и руски топови заробени во Битката кај Аустерлиц.
Додека висината на Александровиот столб заедно со пиедесталот и врвот е 47,5 метри. Тоа е највисокиот споменик на светот од едно парче гранит.
Столбот е издлабен од карпата што авторот на проектот, скулпторот Огист Монферан, ја забележал уште при изградбата на Исакиевската црква, за која исто така биле издлабени монолитни гранитни столбови.
Интересно е што првобитниот проект на Монферан не предвидувал подигање на столб, туку обелиск во египетски стил, украсен со барелјефи. Меѓутоа, концептот е променет по волја на царот Николај I.
Грубите резбарски работи биле извршени во каменоломот Пјутерла во Виборшката губернија. Од Санкт Петербург е 250 километри по море. Каменот тежел 650 тони. Неговото пренесување во главниот град било тежок потфат.
Од каменоломот до брегот на Финскиот залив имало само 93 метри, но патот бил преполн со карпи. Сите нерамнини морале да се отстранат со експлозив, а потоа да се постави патека од балвани по кој столбот бил префрлен во пристаништето. Столбот го поместувале со помош на макари, како и клинови и даски подмачкани со маст и сапун.
За транспортот била направена баржа која можела да превезува 1100 тони товар. Со цел да се натовари столбот на баржата на брегот на Финскиот залив, бил изграден док долг 63 метри, на чиј крај имало брана од 32 метри. Гранитниот цилиндар бил дотркалан до крајот на оваа конструкција, но мостот преку кој требало да се натовари на баржата се скршил. Градителите и војниците поминале два дена товарајќи го каменот на бродот.
Реморкерите на 13 јули 1832 година ја одвлекле баржата до пристаништето во близина на Зимскиот дворец. На 25 јули столбот бил успешно истоварен на брегот, што било набљудувано од членовите на царското семејство и голема толпа народ.
За време на поставувањето на темелите во центарот на плоштадот биле забиени 1250 борови диреци. При поставувањето на гранитниот пиедестал целиот Зимски дворец се затресол како да е земјотрес. Идниот пиедестал, имено, бил пуштен да падне од четири места висина. Но, во споредба со потфатот за поставувањето на столб,от оваа акција била многу едноставна.
Градежното скеле било дизајнирано од архитектот Августин Бетанкур. Конструкцијата била во вид на пирамида, а во средината имало празен простор широк 6,4 метри каде што требаше да се смести столбот. Горните греди биле подигнати 47 метри над земјата.
Столбот бил подигнат со помош на 60 челични витли. По поставувањето на столбот уште 5 месеци секојдневно на неговото полирање работеле 200 луѓе. А за отстранување на скелето било потребно уште една година.
Столбот не е прицврстен за пиедесталот, туку стабилно се држи на него благодарение на својата тежина. Отпрвин, по откривањето на споменикот, жителите на Санкт Петербург се плашеле дека огромниот столб може да падне поради можни грешки во пресметките и затоа го заобиколувале од далеку. А Монферан намерно шетал покрај своето дело.
Во текот на првите години по Октомвриската револуција во 1917 година, ангелот на столбот беше покриен со црвена покривка или го затскриваа со балони. Во 1924 година, по смртта на идеологот и водачот на револуцијата Ленин, комунистите сакаа да го заменат ангелот со негова статуа.
Противниците на оваа идеја наведуваа дека статуата на Ленин нема да биде во склад со околината во стилот ампир не само идеолошки, туку и стилски. Оттука се појавија апсурдни предлози за „облекување“ на Ленин во римска тога или за „прилагодување“ на барелјефите на пиедесталот на столбот. Беше разгледувана и идејата за поставување на врвот на столбот статуа на работник или на црвеноармеец, исто така облечена во „стилот ампир“.
Меѓу ленинградските чиновници, за среќа, се најдоа противници на уништувањето на архитектонското наследство. За да спречат демонтирање на ангелот, тие се послужија со многу ефикасен метод: бирократско одолговлекување. За проектот за промена на столбот беа задолжени неколку комисии. А потоа оваа идеја беше целосно напуштена, бидејќи еден од нејзините иницијатори – претседателот на градската управа Григориј Зиновјев – се концентрираше на борбата за превласт во партијата и подоцна се пресели во Москва.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче