Кои американски и британски ловци ги користеше Црвената армија во Втората светска војна?

Голем број ловци Bell P-39 Airacobra ја напуштаат фабриката во градот Бафало, САД и се упатуваат кон СССР во боите на советското Воено Воздухопловство.

Голем број ловци Bell P-39 Airacobra ја напуштаат фабриката во градот Бафало, САД и се упатуваат кон СССР во боите на советското Воено Воздухопловство.

US Gov
Многу од авионите испорачани на СССР како помош во Втората светска војна не можеа да им се спротивстават на германските ловци во отворена борба. Затоа ги праќаа во полковите за противвоздухопловна одбрана за да ги ловат непријателските бомбардери.

За време на Втората светска војна СССР во вид на воена помош доби околу 14000 авиони-ловци од западните сојузници. Речиси 10000 беа испорачани од Американците, а околу 4000 од Британците.

САД и Велика Британија испраќаа еден број од овие авиони на Военото воздухопловство на Црвената армија, водени од принципот „несоодветен за борба“. Сепак, за некои од тие модели советските војници им беа исклучително благодарни на сојузниците.

Hurricane („Ураган“)

Капетан Сгибнев покрај Hawker Hurricane, август 1942.

Во август 1941 година во Советскиот Сојуз пристигнаа првите западни ловци. Тоа беа британски Hawker Hurricane. Военото воздухопловство на Црвената армија за време на војната доби над 3000 од овие авиони.

„Ураганите“ беа лесни за летање. Конкретно, кабината беше пространа и му даваше на пилотот добар преглед. Но, тоа беа сите нивни предности.

Овој британски ловец беше произведен во 1934 година и кон крајот на 1941 година веќе беше целосно застарен. Со несигурен мотор со мала моќност и исклучително слабо вооружување, тој не можеше да се впушти во рамноправна борба со најновите „Месершмити“.

Имаше осум митралези со калибар 7,7 мм, но тие беа толку бескорисни што Германците на почетокот на 1942 година фрлија на аеродромот во Јарослављ, каде што се базираа „Ураганите“, подбивна порака: „не гребете ја бојата од германските авиони“. Ситуацијата се подобри кога наместо британските митралези беа инсталирани два советски авионски топа ШВАК со калибар 20 мм и два митралези со калибар 12,7 мм.

„Овој авион не е ни блиску до ураган“, напиша пилотот Игор Каберов. – „Бавно се искачува и лошо пикира. А вертикален маневар? Тоа не може ни да се опише како маневар!“. Неговиот колега Виталиј Клименок беше покатегоричен: „Отпад, а не машина!“

Во секој случај, британските ловци дадоа свој придонес за конечната победа. Тие се појавија во најтешкиот период од војната заСоветскиот Сојуз и му помогнаа да се одржи во услови на сериозен недостиг на борбени авиони. А кога воздухопловството на Црвената армија почна да добива помодерни авиони „Јак“ и „Спитфаер“, „Ураганите“ беа масовно префрлувани во единиците за противвоздухопловна одбрана за да служат таму во борбата против непријателските бомбардери.

Warhawk („Јастреб на војната“)

Советски P-40B Warhawk, 1942.

СССР доби од САД околу 2500 ловци Curtis P-40 Warhawk. Во Военото воздухопловство на Црвената армија името „Ворховк“ не заживеа и, во зависност од модификацијата, леталата беа наречени „Томахавк“ (Tomahawk) или „Китихавк“.

Веќе есента 1941 година П-40 учествуваше во одбраната на Москва и Ленинград. Во однос на тактичко-техничките карактеристики тој беше супериорен во однос на „Ураганот“, но по брзината и маневрирањето значително заостануваше зад советските и германските ловци.

„Машината е тешка, незгодна за управување, со лоши маневарски можности. Авионот не ми се допадна, иако имаше многу оружје на него. Ја немаше онаа леснотија во маневрите“, се сеќава советскиот пилот Владимир Јастребов.

Од друга страна, ловците П-40 беа многу отпорни и издржливи. Честопати советските пилоти, кога остануваа без муниција, со своите ловци ги таранираа непријателските авиони и потоа успешно слетуваа на своите аеродроми.

„Китихавк“ и „Томахавк“ на Источниот фронт главно се користеа не за воздушна борба, туку како јуришни авиони и ловци за придружба. Покрај тоа, одлично се покажаа во состав на ПВО авијацијата.

Mustang („Мустанг“)

Mustang Mk. I на тестирање во Научно-истражувачкиот институт на Военото воздхухопловство.

P-51 Mustang беше најдобриот американски ловец во Втората светска војна. Во СССР во 1942 година пристигнаа само 10 примерока, за да бидат оценети од советските експерти. А тие прилично ладно заклучија дека авионот, и покрај неговата голема брзина, е тромав „како пегла“, а неговите маневарски способности не се задоволителни.

Модификацијата Р-51D Mustang од 1944 година немаше конкуренција на големи височини. Меѓутоа, испораките на ловецот во СССР од неколку причини не започнаа. Прво, воздушните борби на Источниот фронт, за разлика од западните боишта, се одвиваа претежно на мали и средни височини. Второ, во САД претчувствуваа дека се ближи Студената војна и не брзаа да го предадат своето најнапредно оружје на потенцијалниот непријател.

Airacobra („Воздушна кобра“)

Еден од најдобрите советски асови, трикратниот Херој на Советскиот Сојуз Александар Покришкин покрај ловец Bell P-39 Airacobra.

Сосем спротивно беше со авионите Bell P-39 Airacobra. На големи височини овој американски ловец не изгледаше премногу сигурно, но на средни и мали височини покажа голема брзина и маневарски способности. 

САД великодушно му испорачаа на СССР речиси пет илјади Р-39, што го прави „Еракобра“ најбројниот западен ловец во Военото воздухопловство на Црвената армија. Моќниот авион, со врати како кај автомобилите и со необична положба на моторот зад кабината на пилотот, целосно ги истисна „Ураганите“ од воздухопловните единици.

Сепак, и „Еркобра“ имаше недостатоци. На пример, при изведување сложени акробатски маневри на мала височина, лесно запаѓаше во спирала.

Опасен за почетници, во рацете на вешт пилот овој ловец стануваше застрашувачко оружје. На Р-39 летаа неколку советски асови. Григориј Речкалов со него извојува 50 победи во воздушните битки, а Александар Покришкин 48.

„Еркобра“ ми се допаѓаше поради својот облик и, пред сé, поради моќното вооружување“, се сеќава Покришкин. „Имаше сé што беше потребно за уништување на непријателските авиони: топ од 37 милиметри, два брзометни митралези со голем калибар (12,7 мм) и четири митралези со нормален калибар (7,62 мм) со брзина на стрелба од 1000 куршуми во минута... Брзо го совладав пилотирањето со него во рамките на неговите можности и наскоро почувствував дека станува дел од мене, дел од моето тело и моето размислување додека летам“.

Kingcobra („Кралска кобра“)

Групна снимка на советски и американски пилоти со првите добиени ловци Bell P-63 Kingcobra во позадина.

Американците го развиваа ловецот Bell P-63 Kingcobra („Кралска кобра“), земајќи ги предвид потребите на советската авијација и искуството од воздушните борби на Источниот фронт. Конкретно, на овој ловец тие се обидоа да го решат проблемот со паѓање во „спирала“ наследен од „Eракобра“, но не го решија целосно.

Вкупно СССР доби околу 2400 од овие борбени авиони. Тие пристигнаа пред самиот крај на војната и практично не учествуваа во борбените дејствија против Германците, но успеаја да учествуваат во судирите на Далечниот Исток.

За време на Советско-јапонската војна, Р-63 беа во придружба на бомбардерите и извидувачките авиони, ги покриваа од воздух трупите и силите на Тихоокеанската флота и ги напаѓаа јапонските позиции како јуришни авиони.

„Знаете, тука не може да стане ни збор за некаква споредба со „Јак“, изјави пилотот Иван Прозор за „Кралските кобри“. „Јак“ е лесен и има исклучителни маневарски способности, а ова е тешка и моќна машина која повеќе наликува на јуришен отколку на авион-ловец. Особено ако на подвесните точки му се закачат резервоари“.

Thunderbolt („Грмотевица“)

„Knight of Pythias“ беше првиот Thunderbolt што дојде во Советскиот Сојуз. Оваа машина беше на процена на летечките испитувања во Летечко-истражувачкиот институт „Громов“.

Советскиот Сојуз за време на војната доби нешто помалку од 200 американски ловци-бомбардери Republic P-47 Thunderbolt („Грмотевица“). Тие речиси и да не учествуваа во воздушните битки.

„Веќе во првите минути од летот сфатив дека тоа не е ловец!“, се сеќава тест-пилотот Марк Галај. „Стабилен, со удобна пространа кабина, удобен, но не е ловец. „Тандерболт“ немаше задоволителни маневарски способности во хоризонталната, а особено во вертикалната рамнина. Поради инерцијата толку тешкото летало бавно ја зголемуваше брзината. Беше одличен за едноставен лет на рута без нагли маневри. А за ловец тоа не е доволно“.

На западните боишта P-47  беше користен за напад и за придружба на бомбардери Boeing B-17 Flying Fortress („Летечка тврдина”). А во СССР беа распоредени во полковите за противвоздухопловна одбрана.

Spitfire („Блујач на оган“)

Советски пилоти до своите Supermarine Spitfire.

Supermarine Spitfire стана симбол на Кралското воено воздухопловство за време на Втората светска војна. Летото 1941 година советските претставници побараа од Британците да му испорачаат на СССР повеќе вакви ловци наместо „Харикени“, но беа ладно одбиени со образложение дека авионите не се наменети за извоз. Макар што подоцна Велика Британија испрати околу 1200 „Спитфаери“ во СССР.

Брз, агилен и едноставен за пилотирање, авионот Mk.Vb Spitfire се покажа одлично во воздушните битки пролетта и летото 1943 година. години, иако дотогаш веќе беа доста застарени. Кога ги виде на небото над Кубан, германскиот ас Гинтер Рал напиша дека е изненаден што гледа британски авиони „3000 милји од Ламанш“. 

Од февруари 1944 година во Советскиот Сојуз почна да пристигнува понапредната модификација на ловецот Mk.IX Spitfire. Во однос на брзината на полетување и вооружувањето тој ги надмина советските „Јак-9у“ и „Ла-7“ и делуваше самоуверено на големи височини.

На мали и средни височини не беше толку добар. При лет на мала височина беше побавен од ловецот „Ла-7“ дури за 100 км/ч. Како резултат на тоа, од нив се откажаа за користење на фронтот и повеќето од нив беа испратени во полковите за противвоздухопловна одбрана.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња