Зошто Русија им помогнала на САД за време на Граѓанската војна?

Russia Beyond (Public domain; Ivan Ayvazovsky; Corbis/Getty Images)
Доаѓањето на руски бродови во американското пристаниште во моментот кога на Абрахам Линколн му била неопходна помош во војната против Конфедерацијата Американците го доживувале како гест на вистинска поддршка. А, какви придобивки од тоа имале Русите?

„Нашата ескадра тука е прифатена пријателска, па може да се каже дури и премногу пријателски. На брегот во воена униформа не можеш ни да се појавиш, зашто нема да бидеш ти оној што гледа, ами тебе ќе те гледаат. Приоѓајќи ти и дамите го изразуваат својот восхит и задоволство што Русите се наоѓаат во Њујорк“, констатира во писмо до своите дома Николај Римски Корсаков, познат композитор, кој во 1863 година бил член на екипажот на рускиот брод „Алмаз“ кој се наоѓал на пристаништето во Њујорк.

Руски воени бродови на пристаништето во Њујорк

Задачата на руската ескадра беше во толкава мера обвиена во превезот на тајната што појавата на руските воени бродови покрај брегот на Америка беше изненадување дури и за ополномоштениот амбасадор на Руската Империја во Соединетите Американски Држави Едуард Стекол. Целокупната јавност на Њујорк си ја кршеше главата барајќи одговор на прашањето која е официјалната цел на посетата на воената ескадра. Командантот на ескадрата контраадмиралот Степан Лесовски во разговор со познатиот американски новинар Терлоу Бод рече дека руската влада дала запечатени пликови кои би требало да се отворат само во случај доколку САД влезе во вооружен судир со други држави. Притоа ескадрата на Лесовски (шест воени бодови и 3.000 членови на екипажот) не беше сама, отприлика во тие денови, во септември 1863 година на источниот брег пристигна и се стационираше во Сан Франциско ескадрата на контраадмиралот Попов (шест брода и 1.200 офицери и морнари). Што беа смислиле Русите?

Руска војска на Бродвеј

Како Русија и САД станаа сојузници?

На почетокот Руската Империја била приврзаничка на независноста на САД од Британија. Во 1776 година, откако започнала Војната за независност на САД, Екатерина Втора ја одбила молбата на кралот Џорџ Трети на американскиот континент да испрати дваесет илјади војници кои би ја бранеле власта на британската круна од револуционерите. Русија дејствувала против интересите на Британија во следниот век.

Александар Трети дошол на престолот и ги започнал големите реформи по тешкиот пораз во Кримската војна во која Русија против себе ја имала коалицијата на Британија, Франција и Османската Империја. САД притоа ја зачуваа неутралноста и ја поддржаа Русија, па така американските бродови го снабдуваа со храна и со вода Петропавловск за време на блокадите на далекуисточниот брег на Русија од страна на Англиската и на Француската флота. Веќе по завршувањето на војната во 1856 година министерот за надворешни работи Александар Горчаков нагласувал дека „политиката на Русија кон Соединетите Американски Држави е дефинирана и дека нема да се менува без оглед на курсот на која било друга држава. Ние пред сѐ сакаме зачувување на Американскиот сојуз како единствена нација. На Русија ѝ се нудеше да се приклучи кон плановите за вмешување. Русија ги одби ваквите понуди“.

Александар Горчаков, министер за надворешни работи.

Поразот во Кримската војна во голема мера ја ослабна Русија и го наруши нејзиниот меѓународен углед. Кога во 1863 година во Полска (во состав на Русија од 1815 година како Конгресна Полска или Кралство Полска) беше кренато востание против руското владеење, Британија и Франција одлучија да извршат притисок врз Петербург.

Русија која во Полска испрати единици за сузбивање на нередот, беше обвинета за поробување на полскиот народ. Долниот дом на Британскиот парламент пласираше изјави за губење на сите права на Русија на Конгресна Полска, а во јуни 1863 година Британија и Франција побараа да се повика конгрес на европските држави за решавање на полското прашање.

Меѓутоа, како што е убаво забележано во „Њујорк дејли трибјун“ „никакво искрено сочувство со страдањата на Полјаците не може да се очекува од англиската и од француската, а уште помалку од австриската влада“.

И Лондон и Париз се обидуваа да се вмешаат во војната на американските северни држави против Конфедерацијата. Признавајќи ги робовладетелските држави на американскиот југ како завојувана страна, Британија беше подготвена и практично да ја поддржи, имено, контролата на југот, каде се произведуваше памук кој беше неопходен за британската текстилна индустрија. Во јуни 1863 година Англија на брегот на Северна Америка испрати пет воени брода кои беа стационирани на брегот Есквималт во Британска Колумбија, во Канада. Притоа северните американски држави воопшто немаа своја флота.

Франција, пак, сметаше на Мексико, па во јуни 1863 година француската војска го зазеде градот Мексико. Освен тоа Французите тајно ја снабдуваа војската на Конфедерацијата со оружје. Во ваква ситуација на 25 јуни 1863 година Александар Втори строго конспиративно ги испраќа своите најдобри воени бродови под команда на двајца контраадмирали во близина на американскиот брег.

Како Руската флота помогна во одбраната на САД

„Иако руската флота стаса од свои лични причини, добрата страна на ова присуство беше што Англија и Франција веруваа дека таа е тука како заштита на Соединетите Американски Држави од интервенција“, има напишано државниот секретар на САД Вилијам Сјуард, откако руската војска го напушти американскиот брег без да испука ниту еден куршум, па дури и откако еднаш забележа еден непријателски брод. Сепак, во случај на таква средба, Русите сепак знаеја што треба да се прави.

„Доколку на брегот се појави некаков корсар кој е вооружен од страна на бунтовничките држави, најстариот командант на пристаништето дава сигнал на другите бродови да се подготват за борба и да го подготват парабродот. Доколку корсарот кој навлегол во брегот започне непријателски дејствија, најстариот командант веднаш дава сигнал на другите бродови по можност да ги кренат сидрата и да го нападнат натрапникот“; стои во наредбата на контраадмиралот Попов до своите бродови во Сан Франциско. Меѓутоа, двете фрегати „Алабама“ и „Самтер“, не се дрзнаа да ја загрозат руската флота.

Капетани на руските воени бродови

Посетата на руската ескадра траеше од септември 1863 година до јули 1864 година. За тоа време Русите престојуваа на Куба, во Хонолулу, на Јамајка, на Хаваите и во Аљаска и, секако, стасаа да станат ѕвезди на баловите и на приемите. Според пишувањата на американскиот историчар Маршал Дејвидсон „вртлогот на официјалните настани и на многубројните празнични манифестации кои ги заведоа офицерите на руската флота, требаше да ја подвргнат нивната издржливот на искушенија кои не се видени дури ни на отворено море“.

Бал за Руси

Највпечатливиот банкет беше организиран на петти ноември 1863 година во Њујорк. Весникот „Њујорк ворлд“ пишуваше дека биле послужени 12 илјади остриги, 1.850 мисирки, пилиња и фазани, биле отворени 3.500 шишиња вино. Масите со десерти биле декорирани со шеќерни скулптури од актуелните владетели на двете држави, Абрахам Линколн и Александар Втори и на нивните татковци основачи, Петар Велики и Џорџ Вашингтон. Балот што го приредиле Русите го преминал според нивото и според трошоците официјалниот прием што Американците го приредиле една година претходно за принцот од Велс. Русите наскоро организирале возвратен бал на својата територија на палубата на адмиралскиот брод „Александар Невски“. Игранката траела 11 часа, а на крајот на банкетот контраадмиралот Лесовски донирал 4.700 американски долари за сиромашните од Њујорк. Секако, имало и официјален прием. Контраадмиралот Лесовски и командата на ескадрата биле поканети во Белата куќа каде се сретнале со Абрахам Линколн и со неговата сопруга.

Контраадмиралот Степан Лесовски

Зошто Руската Империја испратила флота во близина на американскиот брег

Во текот на престојот на руската ескадра во близина на американскиот брег ниту Франција, ниту Англија не се дрзнале да започнат дејствија ниту против Соединетите Американски Држави, ниту против Русија на полска територија. Во јуни 1864 година полското востание било задушено, а руската ескадра добила наредба да се врати дома. Тоа не е случајно.

Фрегатата „Александар Невски“

Во секој случај руските фрегати и корвети претставувале сериозна сила и одиграле решавачка улога во заштитата на северноамериканскиот брег. Меѓутоа, како што забележува историчарот Маршал Дејвидсон, во испраќањето бродови во Америка Русите имале свои интереси. Руската влада се плашела дека во случај на блокада на морето што можела да ја воведе Британската Империја како одговор на задушувањето на полското востание, сите руски воени бродови би биле блокирани. Затоа испраќањето на најдобрите на американскиот брег, изгледало како единствено место каде сигурно би биле пречекани со раширени раце. А, во случај на војна помеѓу Русија и Велика Британија, двете ескадри кои биле стационирани во различни океани, би можеле да станат сериозен воен аргумент.

Мисијата на руските морнари е крунисана со успех, без ниту еден испукан куршум. Следуваше триумфален пречек во Санкт Петербург каде на приемот приреден во американската амбасада секретарот на мисијата Хенри Берг рекол: „Меѓу нас постои пријателство кое не е доведено во прашање од некакви лоши сеќавања. Тоа ќе продолжи со цврсто заемно почитување и немешање во туѓите внатрешни работи. Лесно може да се замисли огромната предност што ваквата политика може да им ја даде на сите влади на планетата Земја доколку грижливо се придржуваат кон меѓународните односи“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња