Како Законот за заем и наем ѝ помогна на Црвената армија да победи во Втората светска војна

US Army Signal Corps
Од сето разновидно оружје и опрема што од САД пристигнуваше во СССР, советската страна најмногу им беше благодарна на Американците за извонредните камиони. Дури и по војната, тие беа користени за потребите на советското земјоделство и индустрија.

Над 400000 возила, речиси 19000 авиони, околу 20000 тенкови, самоодни артилериски орудија и оклопни транспортери, 90 товарни бродови, 105 противподморнички бродови, 1900 парни локомотиви и 11000 вагони, 4,5 милиони тони намирници – сето тоа Советскиот Сојуз го доби во рамките на американскиот Закон за заем и наем со кој беше регулирано давањето материјална помош на други земји во борбата против нацистичка Германија и нејзините сојузници.

Американски тенкови М4А2 (76) „Шерман“ во советска служба испорачани според Законот за заем и наем.

На 11 март 1941 година Конгресот на САД го донесе Законот за заем и наем. Според тој закон, доколку испорачаната техника, оружје, опрема и материјали бидат уништени во борбени дејствија, примачот нема обврска да плати за нив. Се плаќа само зачуваниот имот кој по војната може да се користи за мирнодопски цели (како камиони, патнички автомобили или, на пример, нафтени деривати), додека воената техника требаше да се врати.

Американски ловци и бомбардери во склад за испорака во Иран, 1940.

Велика Британија беше првата земја за која важеше програмата за помош според Законот за заем и наем. Во април 1941 година беше додадена Кина, а за помош на Советскиот Сојуз страните се договорија на првата Московска конференција на земјите од антихитлеровската коалиција на почетокот на октомври истата година. Подоцна беше склучена цела низа договори со кои се регулира соработката, меѓу другото и „Спогодбата за принципите на взаемна помош во војната против агресијата“ од 11 јуни 1942 година. Британците и самите добиваа помош од САД, но подоцна исто така учествуваа во помошта за Советскиот Сојуз придржувајќи се до истите принципи како и нивните американски сојузници.

Толпа луѓе и почесна тенковска гарда го пречекуваат М. Мајски, советскиот амбасадор и припадник на руската воена мисија во фабрика за тенкови во Велика Британија.

 

Западната техника и материјалите испорачувани надвор од програмата регулирана со Законот за заем и наем беа веднаш плаќани од Советскиот Сојуз. Така, на 30 април 1942 година, во Баренцовото море германската подморница U-456 го потопи британскиот крстосувач „Единбург“ со товар од 5,5 тони советско злато, со кое Москва плаќаше за испорачаната опрема. Дополнително, имаше и реципрочна помош. Имено, Москва им испорачуваше на сојузниците руда на хром и манган, платина и градежен дрвен материјал.

Британскиот крстосувач „Единбург“.

Американските и британските испораки за Советскиот Сојуз беа реализирани преку три главни правци: преку Тихиот океан (постоеше воздушен мост Алјаска-Сибир преку кој беа превезени околу 8000 авиони), преку Иран, кој беше окупиран од советските и британските трупи во август и септември 1941 година, и преку Северниот Леден океан. Оваа последна рута беше најкратката, но и најопасната, бидејќи беше најблиску до германските воени бродови и авиони.

Блиски Исток, Иран, конвој камиони од американските залихи за СССР.

Во јули 1942 година Црвената армија имаше 16% увозни тенкови (2200 од вкупно 13500). На бескрајните советски пространства против Германците се бореа британските тенкови „Матилда“ II, МкIII „Валентин“, Мк IV (А22) „Черчил“, американските М3 „Стјуарт“ и М3 „Ли“. Во офанзивата на Берлин учествуваа околу 200 тенкови М4А2 „Шерман“.

Товарање на тенкови „Матилда“ во бродови во Ливерпул за испраќање во Советскиот Сојуз, 1941.

Лондон и Вашингтон испратија преку 13000 борбени авиони во СССР, меѓу кои П-40 „Томахавк“, П-63 „Кингкобра“, П-47 „Тандерболт“, „Супермарин Спитфајер“ и „Хокер Харикен“, околу 4000 бомбардери „Даглас“ А-20 („Даглас Бостон“) и B-25 „Мичел“.  Речиси секој четврти ловец и бомбардер што пристигна во единиците на советското воено воздухопловство за време на војната беше од англо-американско производство. Легендарниот ас Александар Покришкин постигна најголем дел од своите победи со американски Бел П-39 „Еракобра“.

„Томахавк“ авиони од 126 ловечки воздухопловен полк. Декември 1941, околината на Москва.

Од витална важност беа набавките на прехранбени производи (за американскиот свински месен нарезок во конзерва советските граѓани на шега велеа дека тоа е „Вториот фронт“), суровини, материјали и делови за воената индустрија: динамит, барут, ТНТ, експлозивни супстанци, толуен, детонатори, итн. „Американците ни праќаа толку многу материјали без кои не ќе можевме да ги формираме своите резерви, немаше да можеме да го продолжиме војувањето...“, тврдеше маршалот Георгиј Жуков: „Немавме експлозиви, барут. Немавме со што да ги наполниме патроните за пушките... Зар ќе можевме брзо да го организираме производството на тенкови да не беше американската помош во челик?“

Конвој американски камиони транспортира залихи за Русија. Персиски коридор 1943.

СССР им беше особено благодарен на Американците за испораката на возила: патничките автомобили „Вилис“, како и камионите „Студебејкер“ и „Доџ“. Техничките карактеристики на тие камиони беа „за три копја“ подобри од советските камиони ЗИС-5 и ГАЗ-АА кои најмногу ги користеше Црвената армија. Во 1944 година увезените возила сочинуваа 70% од возниот парк на советските трупи и врз нив се базираше нивната мобилност. „Студебејкер“, се разбира, е подобар“, сметаше поручникот на 6-от Посебен гардиски минофрлачки дивизион Павел Гуревич: „Зис-овите имаа две оски и се гасеа на лоши патишта. А „Студебејкерите“ се добри на секаков терен, имаа и предна и задна влеча и поголеми маневарски можности. „Студебејкерите“ се особено добредојдени во мочуриштата на Карелија“.

Втора светска војна, 1945. „Катјуши“ во акција. Вториот балтички фронт.

Сè што според Законот за заем и наем беше испратено во СССР од САД, Велика Британија и Канада, според процените беше вредно 13,212 милијарди долари, но според условите на оваа програма сето тоа не мораше да се плати. Во 1947 година Вашингтон ѝ испорача на Москва сметка со сума од 2,6 милијарди долари. Почнаа преговорите кои траеја со години. Дури во 1990 година страните се договорија до 2030 година на Америка да ѝ бидат исплатени 674 милиони долари. Русија како правен наследник на СССР го подмири тој долг во 2006 година.

Советски противтенковски топови заземаат огнена позиција на северен Кавказ во септември 1942 година. Камионите се американски, испратени според програмата на Законот за заем и наем.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња