Биографскиот филм на режисерот Кристофер Нолан за Роберт Опенхајмер – шефот на „Нуклеарниот проект Менхетен“ – премиерно беше прикажан во петокот, 21 јули 2023, во голем број земји ширум светот. Заплетот на приказната вклучува многу двосмислен дел на биографијата на овој научник – неговите врски со комунистите. Но, дали навистина било така?
Кадар од филмот „Опенхајмер“ (2023), реж. Кристофер Нолан
Legion MediaТака беше наречен Опенхајмер поради неговата клучна улога во „Проектот Менхетен“. Самиот проект се засноваше на создавање атомска бомба - и успеа во тоа. Во 1945 година, по пробната бомба „Тринити“, САД станаа првата земја во светот која поседуваше нуклеарно оружје. Самиот Опенхајмер 20 години подоцна рече: „Знаевме дека светот повеќе нема да биде ист. Неколку луѓе се смееја, неколку луѓе плачеа, а повеќето луѓе молчеа.“
Работата на овој строго доверлив проект започна во раните 1940-ти, токму во пресрет на приклучувањето на САД на сојузниците во Втората светска Војна. САД се исплашија дека нацистите ќе бидат првите што ќе развијат атомска бомба и на тој начин започна светската трка во нуклеарно вооружување. Опенхајмер беше повикан да го предводи проектот, откако веќе беше признат во научната заедница по неговите проучувања на субатомските честички.
Изработката на бомбата беше завршена кога нацистите беа речиси поразени. Значи, првата и единствена употреба на нуклеарна бомба се случи кога САД одлучија да ги бомбардираат јапонските градови Хирошима и Нагасаки, при што загинаа околу 110000 луѓе. По овој ужасен чин Опенхајмер се сретна со американскиот претседател Хари С. Труман и наводно му рекол: „Имам крв на рацете...“ Дури по трагедијата научникот целосно ја сфати страшната моќ на она што го создаде.
Во октомври 1945 година Опенхајмер поднесе оставка на функцијата. Сепак, тој во суштина никогаш не беше против нуклеарното оружје, и кога дојде идејата да се развие уште помоќна и поразорна хидрогенска бомба, не се противеше на тоа. Тој едноставно не беше ентузијаст во врска со оваа нова идеја, бидејќи, според неговата проценка, Х-бомбата би била премногу моќна за да се примени на бојно поле, и затоа владата на САД требаше да се фокусира на производство на бомба каква што веќе беше користена во Јапонија.
Експлозија на првата атомска бомба на полигонот Аламогордо во Ново Мексико, 16 јули 1945.
APКако што се чини, обвинувањата за неговата наводна шпионска активност во корист на СССР не беа ништо повеќе од обид да се победи Опенхајмер во административна битка околу производството на Х-бомбата. Опенхајмер остана многу влијателен на почетокот на 1950-тите - тој беше претседател на советодавниот совет на Комисијата за атомска енергија и директор на Институтот за напредни студии на Принстон. А неговото противење на производството на Х-бомба навистина можеше да влијае на идното буџетирање од страна на Владата.
Американските разузнавачки служби во случајот Опенхајмер навистина имаа некои асови во ракавите. Неговата сопруга, неговиот брат и некои лични пријатели навистина беа членови на Комунистичката партија во минатото, па дури и самиот Опенхајмер присуствуваше на неколку состаноци. Згора на тоа, тој отворено поддржуваше и застапуваше некои од партиските идеи и некогаш беше поддржувач на целите на антифашистите во шпанската Граѓанска војна – и следствено, мора да ги поддржува комунистите, тврдеа неговите противници. Но, никој никогаш не докажа дека научникот бил регрутиран од советските разузнавачки служби, ниту дека им пренел каква било тајна информација на комунистите. Сепак, во ерата на Студената војна беше доволно да се биде во пријателски односи со комунистите за да се биде обвинет за предавство.
Роберт Опенхајмер со сопругата и ќерката на одмор во Грција, мај 1958.
APСудот одржа сослушувања во 1954 година и гласаше за одземање на дозволата за работа на Опенхајмер, така што тој беше отпуштен од позицијата советник на владата на САД. Подоцна обвиненијата беа повлечени и Опенхајмер беше оправдан во два наврати – во 1959 и 1963 година. Во 1959 година еден од поранешните колеги на Опенхајмер сведочеше дека кампањата против научникот не била ништо друго освен одмазда, а во 1963 година претседателот Линдон Џонсон му ја додели на Опенхајмер престижната награда „Ферми“ за неговиот придонес.
Опенхајмер во Белата куќа при доделувањето на наградата „Енрико Ферми“, 1963.
APВо 2022 година Министерството за енергетика на САД призна дека судот во случајот Опенхајмер бил пристрасен, неправеден и погрешен.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче