Како СССР планирал со еден бран да ја збрише Америка од лицето на Земјата

Getty Images
На проектот „Лавина“ работел и добитникот на Нобеловата награда за мир.

Во септември 1961 година „Њујорк тајмс“ пишуваше: Советскиот Сојуз се подготвува да тестира бомба со огромна сила. Сто милиони тони тринитротолуен се во состојба да предизвикаат огромен бран кој ќе го збрише пацифичкиот и атлантскиот брег на САД.

Проектот „Лавина“ можеше не само да конкурира на можностите на атомската бомба, ами и да ги надмине. И сето тоа изгледа уште почудно ако видиме дека творецот на „цунами бомбата“ беше академикот Андреј Сахаров, добитник на Нобеловата награда за мир и еден од најголемите хуманисти на 20 век. Па, како е можно тоа?

Како да се предизвика катастрофа?

Да започнеме од тоа дека смртоносниот проект кој повеќе потсетуваше на сценарио од филмот „Ден по утре“ одошто на сериозни планови на една држава, не беше руска идеја. Првите обиди да се предизвика диригирано цунами ги направија Американците. Тајната операција се нарекуваше „Проект фока“ и се сведуваше на истото – да се покрие непријателот со џиновски бран.

Офицерот на американската воена морнарица Е.А. Гибсон забележал дека минирањето на коралните гребени покрај островите во Тихиот океан предизвикува големи бранови. Тогаш морнарицата одлучи да провери дали величината на брановите зависи од јачината на експлозијата. Експериментите започнаа во 1944 година покрај брегот на Нова Каледонија каде беа детонирани 3.700 бомби, а подоцна и во близината на Оукленд.

„Тоа беше фасцинантно! Првото нешто што некому би му паднало на ум е цунамито да го претвори во диригирано оружје, како и тоа дека експериментите на Нов Зеланд покажаа дека ваквото нешто е донекаде изводливо“ вели филмскиот режисер Реј Вару, кој читал извештаи за овие експерименти во архивите од Втората светска војна.

Раководството на СССР во меѓувреме дозна сè за „Проектот фока“ и одлучи дека идејата е подобра од авиони натоварени со автоматски бомби кои следат нечија противвоздушна одбрана. Генералниот секретар на ЦК на КПСС Никита Хрушчов нареди ова прашање да биде истражено.

„Се срамам“

Никита Хрушчов

Советите во тоа време веќе имаа водородна бомба и еден од нејзините творци беше физичарот Андреј Сахаров. Група научници сега доби задача да ја тестира бомбата во нови услови, во вода. Прашањето беше како да се донесе бомба до туѓото копно.

Во своите мемоари Сахаров пишува: „По тестирањето на 'големиот' производ [огромната водородна бомба која беше наречена цар-бомба] ме загрижуваше тоа дека за таква бомба не постои доволно сигурен носач (бомбардерите не доаѓаат предвид зашто лесно можат да бидат соборени). Со други зборови, војската немаше корист од таквата бомба. Помислив дека таков носач може да биде торпедо кое се испукува од подморница. Еден напад на американската воена база, секако, би бил подводен и со површинска експлозија од 100 мегатони би предизвикал многу човечки жртви“, пишува Сахаров.

Андреј Сахаров

Истовремено тој опишува како на тие негови пресметки реагирал контраадмиралот Пјотр Фомин. Првиот човек на советската воена морнарица рекол дека токму тоа што го чул сега е „човекојадно масовно убиство на цивили“. „Ми беше срам и никогаш повеќе со никого не разговарав за овој проект“, запишал Сахаров.

Затоа, пак, активно се работеше на други планови. Советите претпоставуваа дека торпедото може да експлодира во морето во близина на американскиот брег и да предизвика цунами, како и дека торпедото може да биде оставено покрај брегот и да се активира бомбата кога ќе одговара.

Навистина?

И да и не. Секако дека премногу силната експлозија би предизвикала бран, но не и очекуваните последици. Ова на крајот го пресметаа и Американците и Советите.

Физичарот Борис Алтшулер, на пример, раскажува што дознал кога во 2002 година Институтот за физика при Руската академија на науките го посетила американска делегација. „Еден Американец во еден разговор во четири очи ми призна дека во Лос Аламос имал задача да ги пресмета последиците за СССР при експлозија на водородна бомба во Северниот леден океан“. Тој чесно пресметал и дошол до заклучок дека е сосема можно да се крене бран со висина од еден километар. Но, како овој бран да можел да му наштети на огромниот Советски Сојуз? „Тој бран нема да удри нити по Москва, нити по сибирските нуклеарни силоси. А, да не зборуваме за тоа дека со концентричните кругови ќе го заобиколи целиот свет, па и САД, Канада и Европа“, напишано е во американскиот извештај.

Колегата на Сахаров Јуриј Симонов исто така велеше дека идејата е неостварлива. Атлантскиот океан ја нема потребната длабочина, а цунами во Тихиот океан може да ја уништи само Калифорнија. Бранот понатаму не би го минал Кордиљери, па од воена гледна точка е бескорисен.

Американците го затворија проектот, а Хрушчов им поверува на советските научници и се откажа од идејата за вооружување на подморниците со водородни бомби.

Моралните дилеми на Сахаров

Кога Сахаров ги пишуваше своите мемоари веќе подолго време немаше симпатии кон советските власти и признаваше дека „создал некаков илузорен свет“. Но, во педесеттите години од минатиот век научникот беше страстен комунист и веруваше дека државата што ги претвори Хирошима и Нагасаки во прав, може некогаш истото тоа да го направи и со неговата земја.

Згора на тоа, Сахаров сметаше дека тој е должен да го спречи тоа, па затоа не чувствуваше никаква грижа на совеста поради учеството во „човекојадните“ проекти поради кои и стана академик со само 32 години. Овие проекти, веруваше научникот, нема да дозволат трета светска војна. „Термонуклеарното оружје никогаш не се применувало во војна. Мојата најголема желба (поголема од што и да е) е тоа да не се случи, односно термонуклеарното оружје да спречува војни, но никогаш да не се примерни“.

Андреј Сахаров

„Тој премногу долго живееше во некаков премногу изолиран свет, каде малку се знаеше за случувањата во земјата, за животот во другите слоеви од општеството, па и за историјата на земјата за која работеа овие научници“, истакнува Рој Медведев, писател, современик и биограф на Андреј Сахаров.

Во 1975 година, кога Сахаров стана добитник на Нобеловата награда за мир, важеше за предводник на дисидентското движење во земјата, за борец за човековите права и за еден од првите кои отворено зборуваа за злосторствата на Сталин.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња