Петар и Февронија – приказна за вистинска љубов на руски начин

Јавен домен
Стара Русија имала своја верзија на Ромео и Јулија. Тие се сакале толку многу што умреле во ист ден, па дури и по смртта се нашле во ист гроб.

Во модерна Русија празникот на семејството, љубовта и верноста официјално се одбележува дури од минатата година. Но, 8 јули не е случајно избран. На тој ден, Руската православна црква ги прославува Светите сопружници благоверните Петар и Февронија Муромски.

Приказната за љубовта и заедничкиот живот на оваа двојка толку се втиснала во свеста на нивните современици што неколку века подоцна, во средината на XVI век, старорускиот писател напишал цела повест за нив, која претставува една од најубавите споменици на староруската книжевност.

Во основа, сé до денес оваа повест е речиси единствениот извор на податоци за двете лица кои биле канонизирани како светци на Руската православна црква токму во самиот момент на нејзиното создавање.

Необичен почеток на љубовта

Оваа љубовна приказна нема класичен почеток за тоа како страста ги обзела двајцата млади. Според легендата, кнезот Петар бил брат на кнезот Павле, кој владеел со Муром, град на 300 километри источно од Москва. Храбриот Петар со меч го убил магичниот змеј кој ја завел жената на неговиот брат. Но, млаз од крвта на змејот го заразил Петар со неизлечива болест. Ниту еден исцелител не можел да го излечи и младиот кнез многу страдал.

Но, еднаш на сон му дошло дека во такво и такво село живеела обичната девојка Февронија, која може да го излечи. Тие ја нашле девојката и таа навистина се согласила да го излечи кнезот. Го однеле кај неа, бидејќи не можел повеќе ни да оди. А таа одбила каква било друга награда освен ветувањето на кнезот дека кога ќе закрепне ќе ја земе за жена. Тогаш Февронија ја зела мајата за леб и му наредила на кнезот да се искапе и да ја нанесе на сите чирови освен на еден.

Кога го направил тоа, болеста навистина исчезнала. Но, откако си го вратил здравјето, кнезот од гордост одбил да се ожени со обична селанка. Меѓутоа, Февронија изгледа дека ја претчувствувала таа гордост кај кнезот, па откако го прекршил ветувањето, болеста му се вратила од преостанатиот чир. Тогаш тој горко се покајал поради својата малодушност и парот се венчал.

И макар што повеќето романтични приказни завршуваат тука, за Петар и Февронија љубовта и искушенијата допрва почнуваат.

Зошто Петар и Февронија ги симболизираат семејството, љубовта и верноста?

Кога починал неговиот брат, Петар требало да го наследи и да стане владетел на Муром. Но, локалните благородници не сакале кнегиња да им биде обична селанка и му поставиле ултиматум на Петар: или да ја остави жената или да си оди од Муром. Овој пат изборот бил лесен за Петар: тој се откажал од власта и го напуштил градот со Февронија. Меѓутоа, му било тешко на срцето, иако неговата сакана сопруга го тешела, велејќи му дека човекот кој се надева и се потпира на Бога ќе биде благословен и во тој и во идниот живот.

А за тоа време во градот што го напуштил болјарите се бореле за власт. По неуспешните судири, тие сепак праќаат абер по Петар со молба да се врати и да владее. Оттогаш сите во Муром го засакале Петар, а особено Февронија.

Во староста сопружниците се повлекле во манастири, земајќи ги имињата Давид и Ефросинија. Се договориле да умрат во ист ден и да бидат погребани во ист гроб, за и по смртта да не бидат разделени.

Меѓутоа, народот не ја почитувал нивната волја, сметајќи дека е непримерно монаси да бидат погребани во ист гроб. Повеќе пати нивните тела биле преместувани во различни храмови, а двапати за чудо се нашле еден до друг. Така што сепак се погребани заедно до соборната црква „Рождество на Пресвета Богородица“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња