Како Русите им избираат имиња на децата

Russia Beyond (Photo: Сергеј Фадеичев/ТАСС; Legion Media)
Во текот на историјата традицијата и модата на бирање име за дете значително се менувале. Ајде да погледнеме како Русите го решавале прашањето на давање име на своето штотуку родено дете.

Во Русија е вообичаена шегата за едно дете со традиционално име, како што е Иван, и како тоа е црна овца во училиште, бидејќи денес сите негови соученици имаат имиња кои на руското уво му звучат „егзотично“: Марк, Платон. и Мирослав. Исто така, едно девојче со некогаш популарното име Олга, сега е изгубена меѓу Аурори, Атини и Мии, кои воопшто не се руски имиња.

Св. Борис и Глеб, една од најстарите икони во Русија најдена во Новгород и веројатно насликана во Твер околу 1300 година.

Сé повеќе руски родители претпочитаат западни имиња, како што се Симон или Оливија. Од друга страна, исто така, постои тренд на децата да им се дава архаично словенско име, како што се Свјатогор или Февронија. Со глобализацијата, како и сé поголемиот интерес за историското минато на Русија, денес во иста просторија може да наидете на деца крстени и по словенски народни јунаци, но и по холивудски ѕвезди.  

Се разбира, работите биле поинакви во минатото. Како Русите избирале имиња за своите деца децении и векови наназад?

Влијанието на религијата 

Со векови Русите имале две имиња. Едното се давало на раѓање, а другото на крштевањето во православие. Првото било службено име – она како се викал човекот во животот и што било забележано во официјалните документи. Второто, крстеното име, било поинтимно, еден вид тајно име познато само на Бога. Со ова име Бог би „комуницирал“ со човекот за време на молитвата и црковниот живот.

Во Стара Русија луѓето не славеле родендени. Напротив, го славеле својот таканаречен именден посветен на нивниот светец-заштитник.

Михаил Фјодорович, првиот руски цар од династијата Романови

Главното правило при изборот на име било да се погледне календарот на православната црква и да се види кој светец се слави на одреден датум. Се сметало за знак на побожност да се крсти детето по име на одреден светец, бидејќи се верувало дека тој станува светец-заштитник на детето. Затоа, за време на крштевањето, свештеникот го проверувал календарот и му давал на детето ново име кое одговарало на тој датум.

Меѓу аристократијата било вообичаено да се користат семејните имиња како световно име. Ова правило важело за Рјуриковичи во средниот век, како и за првите Романови на крајот на XVI век. Пред владеењето на Петар Велики (и неговото прифаќање на европските обичаи и манири), често се користеле и световните и црковните имиња, особено затоа што Црквата била задолжена за регистрирање на родените и умрените.

Петар I со сопругата Екатерина, ќерките Ана, Елисавета и Наталија и внукот (идниот Петар II)

„Во историските извори, употребата на две христијански имиња се јавува не само меѓу припадниците на аристократијата, туку и кај оние со не толку благороден род, па дури и кај ниските службеници, трговците, занаетчиите, селаните и кметовите, вдовиците и девојчињата, малите деца и постарите“, забележуваат научниците Ана Литвина и Фјодор Успенски во нивната студија за традицијата на руските христијански двојни имиња.

Лудило по европски имиња

Петар Велики ја трансформирал традицијата на двојни имиња и го проширил изборот на имиња, вклучително и оние во европски стил. Еден од најпознатите примери е со синовите на најблискиот пријател на Петар Александар Меншиков – се викале Петар-Лука и Павел-Самсон.

Сепак, од крајот на XVII век па натаму оваа традиција станала поневообичаена, а почнувајќи од царевите Алексеј и Петар Велики, руските владетели не ги користеле своите втори имиња. Во исто време, голем број странци дошле во Русија и се покрстиле, земајќи нови, а понекогаш и необични имиња.

Роденото име на сопругата на Петар Велики, царицата Екатерина I, било Марта Скавронска. Екатерина Велика е родена како Софија. Во исто време, Петар ги крстил своите ќерки Елисавета и Ана, имиња кои претходно не се користеле во династијата Романови (и не се добро познати во Русија). Меѓутоа, кога овие жени се искачиле на тронот, овие имиња станале популарни, и сè уште се.

Старите имиња, како Иван и Василиј, кои биле вообичаени меѓу царевите, повеќе не биле популарни меѓу владејачкото семејство, а од XVIII век на тронот биле тројца по име Петар, Павел, потоа тројца по име Александар и двајца по име Николај. Овие имиња на крајот станале распространети меѓу обичните луѓе.

Советите ги прифаќаат руските имиња

Револуцијата од 1917 година ја сврте земјата наопаку, а промените влијаеа и на традициите и трендовите во изборот на имиња. Како дел од советската антирелигиозна кампања, имињата повеќе не беа врзани за црковниот календар, иако некои верници продолжија да го прават тоа тајно без отворено да ги слават имендените.

Изгледаше дека новите имиња подобро одговараат на новата советска култура. Пред сè, бројот на оние по име Владимир (наречени по Владимир Ленин, револуционерниот водач) значително се зголеми, а од 1932 до 1950 година Владимир беше меѓу најпопуларните машки имиња. Истовремено се појавија некои модификации на „Владимир Ленин“. Децата се вика Вилен (В.И. Ленин), Владлен (женско Владлена) и Нинел (Ленин напишано наназад).

Имаше и низа други револуционерни имиња, некои прилично креативни, но други прилично чудни. На пример, постоеше ретко, но многу советско име „Даздраперма“, скратена форма на ДаЗдравствует Первое Мая  - Да живее Први мај (Празникот на Трудот). „Сталик“, „Сталив“ и „Стален“ се имиња настанати од Сталин. А името „Мелс“ настана од првите букви на Маркс, Енгелс, Ленин и Сталин. Името „Елина“ се појави по речиси целосната електрификација на СССР.

Децата добиваа имиња во чест на странските комунисти: девојчињата честопати се викаа Роза и Клара (по Роза Луксембург и Клара Цеткин); а момчињата – Карл и Ернст (по Карл Маркс и Ернст Телман).

Клара Цеткин и Роза Луксембург, 1910.

Советите, исто така, смислуваа креативни имиња користејќи ги основните елементи од периодниот систем - „Радиј“ (Радиум), Волфрам и други. А имаше дури и географски имиња, како Волга. По 1961 година и вселенскиот лет на Јуриј Гагарин, името Јуриј стана неверојатно популарно, а потоа Валентина, во чест на Валентина Терешкова, првата жена во вселената.

Во исто време советската ера неочекувано поттикна нов интерес за минатото на Русија, особено за претхристијанските народни приказни и имињата кои не се вклучени во црковниот календар. Повторно се појавија некои застарени словенски имиња, како што е Свјатозар.

Зошто има толку многу грчки имиња во Русија

Александар, Алексеј, Анатолиј, Андреј, Василиј, Евгениј, Николај - сите овие култни руски имиња всушност имаат грчко потекло и дошле во Русија преку преводите на Светото Писмо и литургиските книги.

Дури кога поминаа многу години и се појавија домашни руски светци со вистински руски имиња (Олга, Владимир, Борис и Глеб), тогаш тие се проширија низ целата земја.

Сепак, околу половина од современите руски имиња имаат грчки корени. Инаку, во 2022 година, името Александар беше најпопуларно машко име за новороденчиња (а Софија за девојчиња).

Сепак, некои луѓе сè уште ги проверуваат имињата во црковниот календар. „Кога помислив на името на ќерка ми, проверив која светица се слави на датумот на нејзиното раѓање во календарот и немаше женско име. Затоа избрав име што ми се допадна и само обележавме уште еден датум што одговара на оваа светица“, вели Елена (33).

Сепак, многу луѓе избираат имиња што едноставно им се допаѓаат или ја следат традицијата да им даваат имиња на децата по баби, дедовци и роднини. „Се викам Сергеј, татко ми беше Борис, а дедо ми Сергеј. Сакав и син ми да го крстам Борис, но на жена ми не ѝ се допадна тоа име, па го избрав Антон, името на мојот прадедо. Син ми реши да не ја следи оваа традиција, па својот син го крсти во чест на дедото на неговата сопруга“, вели Сергеј (63).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња