Женско одделение: Како болшевиците го пропагираа феминизмот

Анатолий ЕгоровМАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Советската влада посветуваше големо внимание на жените. Но, за да станат вистински градители на комунизмот, требаше да бидат ослободени од патријархалните обичаи и домашното ропство.

Демонстрациите на работничките кои ја потресоа Русија на почетокот на XX век беа значаен дел од руската револуција. Затоа, меѓу другото, Советска Русија беше една од првите земји во светот каде жените станаа целосно рамноправни со мажите.

Болшевиците сфатија дека жените се важен општествен капитал и дека со нив треба насочено да се работи на ниво на пропаганда и образование. Важно беше да се искоренат „старорежимските“ идеи кај жените дека тие се „послабиот пол“ и дека треба да седат дома со децата, да се грижат за мажот и да живеат во „кујнско ропство“ и постојани домашни обврски.

„Жената е големата сила на советската држава!“

Во првите месеци по Октомвриската револуција од 1917 година беа донесени декрети со кои се изедначија правата на мажите и жените и во однос на платите, и во семејните и брачните односи. За жените беше предвидено осумчасовно работно време, па дури и отсуство и парична помош за време на бременост и породување. (Затоа што беше воведено со советски „декрет“, во Русија ова отсуство сè уште се нарекува „декретско“).

Жените и Ленин

Лично за положбата на жените особено се бореше (и очигледно сметаше на нивната поддршка) водачот на револуцијата Ленин. Тој ја поддржуваше идејата за женски конгреси и конференции, а исто така интензивно комуницираше со револуционерките посветени на идеите за женските права.

Во 1919 година, во статијата „Советската власт и положбата на жените“, Ленин напиша: „За две години советската власт во една од најзаостанатите земји во Европа направи за ослободување на жените, за нивната рамноправност со „посилниот“ пол направи толку, колку што за 130 години не направија сите напредни, просветлени, „демократски“ републики на светот заедно“.

Тој исто така сметаше дека во буржоаските земји со приватна сопственост „положбата на жената никаде во светот, ниту во ниту една од најнапредните земји не стана сосем рамноправна“. Па дури ни Големата француска револуција не успеа да го реши ова прашање, „не им даде ниту целосна рамноправност со мажите по закон, ниту слобода од грижата и угнетувањето на мажите“.

Одделение за работа со жени при партијата

Уште пред револуцијата во Болшевичката партија имаше комисија за агитација и пропаганда меѓу работничките и селанките. А во 1919 година во состав на Комунистичката партија беше основано Одделение за работа меѓу жените, или едноставно Женско одделение, „за работа меѓу работните жени со цел нивно воспитување во комунистичкиот дух и вклучување во социјалистичката конструкција“, како што пишува Големата советска енциклопедија.

Прв шеф на одделението беше Инеса Арманд, соработничка (а можеби и љубавница) на Ленин и жестока револуционерка. Таа организираше женски комунистички конференции и се бореше против традиционалниот поглед на семејството меѓу жените.

Инеса Арманд

Таа беше заменета на оваа позиција во 1920 година од Александра Колонтај, уште една позната револуционерка (и прва жена министер во Русија, а подоцна и прва жена дипломат). Таа интензивно се бореше за образование на жените, како и за агитација меѓу жените, за тие да дознаат дека е сменето уредувањето на општеството и дека сега во земјата владеа нови услови за работа и нова поделба на работата во семејството.

Александра Колонтај

Главни задачи на Женското одделение беа:

  • Борба со неписменоста меѓу жените, организација на партиски школи
  • Заштита на правата на жените, издавање декрети кои ги регулираат тие права
  • Пропаганда и агитација меѓу жените, нивно вклучување во производството
  • Основање делегатско движење и женски одделенија при партиските организации ширум земјата

Покрај тоа, Женското одделение се занимаваше со широк спектар на општествени прашања. Основаше комитети за помош на болните и ранети црвеноармејци, а за време на Граѓанската војна организираше пунктови за евакуација. Жените од Одделението се занимаваа со децата на улица, отвораа детски интернати, организираа јавни мензи и доброволна општествено корисна работа за време на викендите (т.н. „суботник“). Кон крајот на дваесеттите години Женското одделение веќе имаше над 600 делегати, жени кои ја организираа работата на одделенијата низ целата земја и учествуваа на конгресите.

Женското одделение во Касимов (Рјазанска област)

Под лична контрола на сопругата на Ленин Надежда Крупскака почнаа да се издаваат специјализирани списанија: „Работничка“, „Селанка“, „Комунистка“. Целта на овие нови гласила беше „вклучување на работничките и селанките во борбата за комунизам и во советската изградба“. Беше важно жените да станат рамноправен член на општеството и работен елемент. Повеќе за првите советски женски списанија прочитајте овде.

Сузбивање на феминизмот и затворање на одделението

Сложеното прашање на работата со жени предизвикуваше бројни спорови и во самата партија. Женското одделение неколку пати пред затворање, со предлог неговите функции да се пренесат на одделението за агитација и пропаганда. Во 1923 година, на XII конгрес на партијата, каде Ленин веќе беше отсутен поради болест, беа изнесени стравувања од појавата на „феминистички тенденции“. „Овие тенденции можат да придонесат за формирање на такви посебни општества кои под знамето на унапредување на животната положба на жените всушност ќе доведат до одвојување на женскиот дел на работниците од заедничката класна борба“, рече Петар Смидович, како што се наведува во стенограмот од конгресот.

Работнички во рудникот Горловка

Меѓутоа, тогаш беше предложено жените уште поинтензивно да се ангажираат во партиска работа, да се зајакнат женските синдикати, како и да се основа институт на комунистички инструктори, кој ќе ги вклучува жените во работата и заштитата на правата.

Во своите говори и Сталин во повеќе наврати се занимаваше со женското прашање, велејќи дека жените се најзагрозените меѓу работниците и дека во исто време жените се половина од населението, па затоа е важно тие да бидат работничка резерва и да се борат за работничката класа, бидејќи само во тој случај работничката класа би извојувала победа над буржоазијата.

Маринцева, првата жена во советската милиција, 1918.

Меѓутоа, на крајот на 1920-тите, Сталин оцени дека „женското прашање е решено во целост и дефинитивно“ и нареди да се распушти Женското одделение. Притоа во претпријатијата останаа женските совети, а продолжи и одржувањето женски конференции, исто така на меѓународно ниво.

Во 1941 година беше основан антифашистички Комитет на советските жени кој продолжи со работа и по војната. Неговата главна задача беше да им покаже токму на странските гости каква рамноправност владее во СССР. По војната, жените кои се бореа против фашистите рамо до рамо со мажите, покажувајќи неверојатна храброст, дефинитивно повеќе не беа сметани за „послаб пол“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња