Осум познати жени од СССР: Кои биле првите режисерки, министерки, амбасадорки во Советскиот Сојуз?

Слободни извори; Sputnik; Валентин Черединцев/ТАСС
Кои биле познатите политичарки, научнички, вајарки без кои историјата на новата советска земја не може да се замисли?

Надежда Крупскаја, првата советска прва дама

Иако била сопруга на водачот на Револуцијата Владимир Ленин, не би било праведно да се нарече само прва дама. Дури и на самото обраќање „лејди“ Крупскаја можела да се налути. Таа била пред сѐ комунист, другар од револуционерната борба. Но, најважна ставка во нејзината биографија претставува придонесот во создавањето на советскиот образовен систем.

Крупскаја извршувала важни должности во Народниот комесаријат за просвета (министерство) и го развила целокупниот систем на работа со деца во претшколското образование, организирањето детски градинки и платформи за воспитување на комунистичката младина. Имено таа ги поставила темелите на пионерската организација, по форма на скаутската, а според содржината комунистичка како и комсомолот, комунистичкиот сојуз на младината.

Инеса Арманд, првата советска феминистка

Уште една револуционерка и приврзаничка на Ленин и на неговите идеи. Рано станала член на партијата, а по револуцијата активно ја пропагирала борбата за рамноправност на жените. Била прв раководител на одделението за работа со жените во партијата. Освен тоа ја организирала и првата Меѓународна конференција на жени-комунисти. Арманд пред сѐ била интересна по својот личен живот нераскинливо поврзан со политичкиот.

Се претпоставува дека му била љубовница на Ленин. Притоа во љубовниот триаголник Крупскаја, Ленин, Арманд, сите тројца еден за друг имале голема почит и симпатии. Кога Арманд починала, Крупскаја се погрижила нејзиниот сопруг да ја совлада тагата.

Александра Колонтај, првата жена министер и амбасадор

Револуционерката Колонтај била првата жена министер не само во Советскиот Сојуз, ами и во светот. Во првата советска влада била задолжена за социјалните проекти во новата држава. Александра се здобила со одлично образование на Циришкиот универзитет, а партиските другари високо ја ценеле.

Уште пред Револуцијата ги исполнувала личните налози на Ленин во Европа, агитирала и воспоставувала врски со левите групации. Покрај активната работа во советската влада, Колонтај со години го водела одделот за работа со жени (по Инеса Арманд).

Од 1922 година била на дипломатска служба во Норвешка, а од 1930 до 1945 година била на чело на советската дипломатска мисија во Шведска како една од првите жени-амбасадори во светот. Дала голем придонес во воспоставувањето односи помеѓу двете земји и во спречувањето на Шведска да влезе во советско-финската војна во 1939 година.

Лина Штерн, првиот академик

Штерн е родена во еврејско семејство во Руската Империја на територијата на денешна Литванија. Завршила на Женевскиот универзитет и станала прва жена-професор. Штерн се вратила во Советска Русија во 1925 година,. Нејзината научна работа била поврзана со биохемијата и физиологијата, а во 1939 година станала првата жена-член на Академијата на науките на СССР и раководител на нејзиниот Институт за физика.

Штерн развила метод за борба против посттрауматскиот шок заснован на инјекции со калиумови соли за одржување на крвниот притисок, на мускулната активност и на дишењето. Методот на Штерн имал широка примена за време на војната.

Вера Мухина, првата вајарка-монументалист

Мухина не е само првата, ами и единствената вајарка монументалист во СССР. Во согласност со планот на Ленин за монументална пропаганда била автор на неколку споменици со револуционерна тематика. Сепак, несомнено, нејзино најпознато остварување е 24 метри високото дело „Работник и колхозница“ кој ќе стане еден од симболите на СССР. Скулптурата насочена во височината ја симболизира светлата иднина на земјата. Претставена е во 1937 година на Светската изложба во Париз, при што остави силен впечаток на посетителите. На Вера Мухина ѝ се припишува и дизајнот на познатата советска чаша со брусени рабови.

Екатерина Фурцева, првата жена на чело на Москва и првата жена министер за култура на СССР

Во советската култура за време на затоплувањето Фурцева станала легендарна личност. Таа кариерата во високата политика ја започнала на позицијата на прв секретар на Московскиот државен комитет на КПСС, што значи дека била на чело на московската партиска ќелија (практично клучниот човек во градот). Под нејзин надзор наспроти градската управа поставен е споменикот на Јуриј Долгоруки, основачот на Москва, изграден е познатиот стадион „Лужники“ и продавницата „Детски мир“ („Детски свет“) на Лубјанка, денес културни театри и книжарници. На нејзина иницијатива започнати се неколку натпреварувачки манифестации, вклучувајќи го и Московскиот меѓународен филмски фестивал кој го посетувале ѕвездите на холивудскиот и на советскиот филм.

Фурцева стана министер за култура на СССР во 1960 година и на тоа место остана сѐ до 1974 година. Постојат и моменти кои фрлаат сенка на нејзината политичка кариера, како што е, да кажеме, прогонот на Борис Пастернак во 1958 година. Меѓутоа, благодарение на Фурцева во СССР е интензивиран културниот живот до невидени размери, реализирани се бројни исклучителни проекти, како што е изложбата на трофејна уметност од Дрезденската галерија, изложбата на Марк Шагал и на Фернан Леже, како и единственото изнесување на Мона Лиза од Леонардо да Винчи од Лувр и нејзиното изложување во Москва.

Валентина Терешкова, првата жена во космосот

Ќерка на тракторист и на кројачка стана национална хероина, прва жена која сама, без екипаж, на 16 јуни 1963 година одлета во космосот. Токму таа, како членка на регионалниот аероклуб, беше избрана за почесната мисија. По спектакуларниот лет Терешкова стана легенда и симбол на женската рамноправност во СССР. Таа кариерата ја продолжи како општествен работник, а денес е пратеничка во Државната дума.

Повеќе за летот и за судбината на Валентина Терешкова прочитајте тука.

Ољга Преображенскаја, првата жена режисер

Преображенскаја започна да игра во филмови уште на почетокот на руската кинематографија, пред Револуцијата. А, во 1916 година за првпат се појави во улога на режисер, и иако филмот беше фален, самата Преображенскаја зборуваше дека односот кон жената режисер бил исполнет со скепса и дека дури и нејзиното презиме на плакатите било напишано во машки род.

Преображенскаја како признат режисер стана првата жена професор по филмска режија на Првата државна филмска школа (денес познатиот ВГИК) и отвори свое актерско студи.

Голем број филмови Преображенскаја сними во соавторство со Иван Правов. На почетокот од триесеттите години од минатиот век важеа за најуспешни режисери на Мосфилм. Нивниот филм „Тивкиот Дон“ учествуваше на првиот Меѓународен филмски фестивал во Венеција во 1932 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња