Каков вид накит носеа советските жени? (ФОТО)

Kira Lisitskaya (Photo: Lyudmila Pakhomova/TASS; livemaster.ru)
Припадничките на понежниот пол во СССР исто така сакаа накит со скапоцени камења. Единствениот проблем беше што речиси целиот накит, од обетки и прстени до нараквици и приврзоци, беше со униформен дизајн.

Во 1970-тите упадливиот накит со крупни скапоцени камења стана масовна стока. Притоа камењата беа синтетички произведени. Сепак, во некои семејства, таков советски накит и денес се пренесува од колено на колено.

Исто така, денес има продавници што продаваат стар советски накит и бижутерија. Колку и да звучи чудно, тие се барани, и тоа не само меѓу колекционерите. Некои луѓе и ден-денес сметаат дека советското злато е најквалитетно, а некои жени, од друга страна, уживаат во ретро дизајнот и крупните блескави камења!

Обетки

Со подобрувањето на животниот стандард во СССР во 1960-тите стана популарен златниот накит со скапоцени камења. Беа, за волја на вистината, или вештачки одгледани или синтетички, но изгледаа речиси како вистински, а понекогаш дури и подобро. Имено, советските научници успешно синтетизираа скапоцени камења во лабораториите, првично за потребите на индустријата. Синтетички александрит и рубин се користеа во производството на часовници и ласери. Потоа овој изум се користеше во производството на накит, благодарение на што речиси секоја девојка имаше накит со овие камења.

Благодарение на синтетичките камења, до крајот на седумдесеттите беше развиено масовно производство на накит, но, за жал, асортиманот не беше разновиден. Моделите произведени во различни фабрики беа целосно идентични. На пример, широко застапен модел на накит со фианит (познат и како коцкест циркон) беше „малина“ - камења наредени во круг со еднаква големина. Овие обетки се произведуваа во Свердловската, Ереванската, Харковската и други фабрики за накит.

Младите девојки за подарок обично добиваа поедноставни и поситни обетки. Еден од најпопуларните модели беше „лалето“ украсено со вештачки рубин или александрит. Речиси секоја жена имаше пар од овие обетки. Алтернативи беа златни обетки без камења, со декоративна форма.

Меѓу накитот за зрели жени можеше да се најдат и модели без камења. На пример, многу популарни беа обетките „Сударушка“ во вид на превртен кокошник, како и обетките во вид на топчиња.

Прстени  

Прстените се правеа речиси со идентичен дизајн како и обетките и лесно се вклопуваа со нив. Прстенот-буренце со шари се викаше „чалма“. Имаше и ист таков прстен без шари и често се користеше како бурма. Прстенот со издолжен елипсовиден украс се нарекуваше „стоногалка“ поради малите „ноџиња“ на рабовите.

Прстенот „маркиз“ во своето време беше многу модерен модел, сличен на „стоногалката“, но со камен. Во популарност со него се натпреваруваше прстенот „пајак“. И двата модели се произведуваа со камења во различни бои.

Посебно елегантен модел на масовно производство на накит беше прстенот „Шахиња“ со основа од тантела и голем камен.

Денес, овој вид накит не е особено вреден, но во некои семејства сè уште се пренесува од колено на колено. „Во моментов го носам „пајакот“ на мајка ми со рубин. Тато со голема љубов ѝ го подарил тој прстен набргу по свадбата, мама грижливо го чувала, а денес кога мама ја нема, тато ми го подари мене. Го сакам и го носам тоа семејно богатство“, пишува во коментарите корисничката О.К. на тема советски накит.

Комплети накит од полускапоцени камења

Покрај накитот со вештачки камења, достапни беа и производи од полускапоцени камења: малахит, килибар, тиркиз, корал. Од нив се правеа цели комплети. Особено застапен беше килибарот, имајќи предвид дека во Калининград (Русија, околу 1.100 километри од Москва) се наоѓаат околу 90% од светските резерви на овој камен. Накитот од килибар страдаше од истиот недостаток како и накитот од синтетички камен. Беше многу едноличен.

„Кога по распадот на СССР за прв пат ја посетив Полска, бев воодушевена од неверојатната разновидност и убавина на накит од килибар. Килибарот претежно доаѓаше од Русија, но полските мали работилници правеа од него вистински чуда и тоа по пристапни цени“, вели Марина од Москва.

Приврзоци и ѓердани

Како и прстените, приврзоците за ланчиња лесно се совпаѓаа со обетките. Имено, истиот дизајн често се умножуваше во различни парчиња накит.

Ѓерданите беа покреативни. Се правеа од проѕирно и обоено стакло, како и од природен камен. Некои љубителки на модата комбинираа истовремено неколку ѓердани, на тој начин добивајќи своевиден бохо-шик стил.

Нараквици и брошови

Сребрените нараквици беа украсувани со резбани шари. Нивната форма наликуваше на прстенот-буренце, додека големината можеше да се прилагоди.

Советските брошови се одликуваа со голема разновидност. Се правеа и со камења, и со емајл, но најомилени беа брошовите од стакло на чешката компанија „Јаблонекс“. Таму се користеа разнобојни имитации на скапоцени камења кои понекогаш беа покриени со специјален премаз, создавајќи преливи во боите на виножитото.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња