Козаци во редовите на нацистичката војска
BundesarchivПролетта 1945 година никој не се ни сомневаше дека војната во Европа е при крај. Единствената цел на Германците тогаш беше што подолго да ги задржат „дивите Руси“ за да им се предадат на британските и американските сили кои се приближуваа од запад.
Меѓу оние кои никако не сакаа да паднат во рацете на Црвената армија беа и Козаците кои се бореа на страната на Хитлер. Тие не се сомневаа дека поради нивната соработка со непријателот ќе мора да одговараат пред советската власт.
Козаци во германската војска
BundesarchivЗбирниот центар на козачките единици кои се повлекуваа беше југозападна Австрија. Над 45000 борци и членови на нивните семејства (според други извори - околу 60 илјади) успеаја да пристигнат овде на почетокот на мај и да им се предадат на Британците кои го зазедоа овој регион.
Беа убедени дека ја избегнале опасноста. Меѓутоа, беа во заблуда.
Додека поголемиот дел од донското, кубанското и терското козаштво се бореше против Германците во состав на Црвената армија, дел од Козаците им се приклучи на нацистите.
Освен Козаците кои беа незадоволни од советската власт, во редовите на Вермахтот и СС имаше и Козаци од емиграцијата. Откако ја напуштија земјата по победата на болшевиците во Граѓанската војна, тие се вратија со своите синови желни за одмазда.
Така, на првиот ден од германската инвазија, атаманот Петар Краснов, кој живееше во Германија, изјави: „Молам да им јавите на сите Козаци дека ова не е војна против Русија, туку против комунистите, Евреите и нивните помошници, кои тргуваат со руска крв. Господ нека им помогне на германското оружје и на Хитлер!“
Петар Краснов
Јавен доменОткако ги прогласија Козаците за потомци на Остроготите или Источните Готи, т.е. чисти Аријци, нацистите многу благонаклоно гледаа на формирањето на козачките единици. Најзначајните формации меѓу нив беа организацијата Козачки табор и 15-тиот СС козачки коњанички корпус.
Козаците се покажаа како предани и ефикасни борци. Тие служеа во гарнизоните на окупираните територии на Советскиот Сојуз, учествуваа во казнени акции против партизаните и се бореа против регуларните сили на Црвената армија. Меѓу неговите „подвизи“ беше и учеството во бруталното задушување на Варшавското востание во август-октомври 1944 година.
Германците ги користеа Козаците и во борбата против партизаните во Југославија и Италија. Токму од Апенинскиот Полуостров тие преминаа во Австрија кон крајот на војната, каде што им се предадоа на Британците и беа сместени во логори во близина на градовите Лиенц и Јуденбург.
Во согласност со договорите постигнати на Конференцијата во Јалта во февруари 1945 година, западните сојузници се обврзаа да ѝ ги предадат на Москва сите советски граѓани кои ќе завршат кај нив – како воените затвореници во логорите, така и колаборационистите.
Британската операција за испорачување на Козаците на СССР започна на 28 мај со „обезглавувањето“ на козачките формации. Околу две илјади офицери од логорот беа одведени на „конференција“, по што беа предадени во рацете на советските органи на државната безбедност.
Испорачувањето на главниот дел од воените заробеници Британците го започнаа утрото на 1 јуни. Бидејќи Козаците дадоа отпор, многу брзо дојде до крвопролевање. „Англиските војници навалија на Козаците и, удирајќи ги со палки или кундаци по глава, ги фаќаа онесвестените и ги фрлаа во камиони, ги носеа на станицата, а таму ги затвораа во товарни вагони таму“, се присетува очевидец на настаните во логорот Пегец, каде што се наоѓаа Терските Козаци.
Сергеј Корољков, „Британците ги предаваат Козаците“
Музеј на Кубанската козачка војска, Њу Џерси, САДЗатворениците се обидуваа да побегнат штом ќе им се укажеше прилика, се пробиваа низ редовите на стражарите, скокаа од камионите и вагоните. Оние кои не успеваа да избегаат ги фрлаа сите свои лични документи, фотографии и ордени. Имаше и такви кои си го одзедоа животот за да го избегнат враќањето во СССР.
Кон средината на јуни беше завршена екстрадицијата на Козаците на советската страна. Според различни проценки, за време на овој процес загинале од неколку стотици до илјада луѓе.
Велика Британија не запре на тоа да му ги предаде на својот источен сојузник само советските граѓани кои соработуваа со непријателот. Заедно со колаборационистите во СССР беа испратени и Козаци од емиграцијата кои никогаш немале советско државјанство и кои не беа опфатени со договорот.
Меѓу нив беа и некои од најважните фигури во козачкото движење: атаманот Петар Краснов, кој учествуваше во основањето на Козачкиот табор, неговиот роднина, генерал-мајор Семјон Краснов, началникот на Резервата на козачките сили Андреј Шкуро и командантот на 15-тиот СС козачки корпус, генерал Хелмут фон Панвиц.
Судењето на козачките атамани, јануари 1947: (во првиот ред) П. Краснов, А. Шкуро, С. Клич-Гиреј, (во вториот ред) Х. фон Панвиц, С. Краснов, Т. Доманов
Јавен доменКако германски државјанин, последниот можеше да избегне да биде испратен во СССР, но реши да ја сподели судбината на другите, изјавувајќи: „Со моите Козаци делев среќни времиња, ќе останам со нив и во несреќа“. Заедно со неговите високопоставени соборци беше обвинет за „активна шпионско-диверзантска и терористичка дејност против СССР“ и обесен на 16 јануари 1947 година.
Обичните Козаци завршија во логори, каде дел од нив набрзо настрада. Најпрвин започна ослободувањето на жените и децата, а во 1955 година, според Указот на Президиумот на Врховниот Совет на СССР „За амнестија на советските граѓани кои соработуваа со окупационите власти за време на Големата патриотска војна“, беа амнестирани и нивните сопрузи и татковци.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче