Овие двајца нацистички фелдмаршали го ПРЕЖИВЕАЈА заробувањето од Советите

Kira Lisitskaya (Photo: Bundesarchiv; Sergey Smolsky/TASS)
За време на Втората светска војна Советскиот Сојуз зароби само тројца нацистички фелдмаршали. Еден - Евалд фон Клајст - умре, но другите двајца преживеаја и се вратија во својата татковина.

Фридрих Паулус 

Заробениот германски војсководец Фридрих Паулус

Фридрих Паулус беше првиот германски фелдмаршал кој им се предаде на Советите. Тој беше на чело на 6-та армија, која беше опколена во Сталинград. На 30 јануари 1943 година, ден пред предавањето, Паулус беше унапреден во генерал-фелдмаршал, што во суштина беше прикриена наредба да изврши самоубиство. „Ниту еден фелдмаршал никогаш не бил заробен“, му порача Хитлер во радиограмата до Паулус.

Паулус реши да не се самоубие и се предаде како воен заробеник на војниците на 64-та советска армија. Не сакајќи да биде одговорен за капитулацијата на војската, тој им ги довери преговорите со советската воена команда на своите подредени Фридрих Роске и генералот Артур Шмит.

Фридрих Паулус (во средина) во својот штаб кај Сталинград

Во заробеништво, Паулус првично одби да зборува против Хитлер и фашизмот. Сепак, го промени своето однесување по неуспешниот обид за атентат врз Хитлер во јули 1944 година, во кој учествуваа некои негови пријатели и блиски соработници.

Почнувајќи од август 1944 година, московското радио на германски јазик го емитуваше обраќањето на Паулус до германскиот народ, во кое тој ги повика своите сонародници да го соборат Хитлер и да формираат нова влада која ќе стави крај на војната и ќе ги обнови пријателските односи со сегашниот непријател. Така Паулус, кој во тоа време беше почитувана и добро позната личност во нацистичка Германија, стана еден од клучните пропагандни активисти во борбата против нацизмот.

На Нирнбершкиот процес, Паулус стана адут на Советскиот Сојуз кога сведочеше како сведок на обвинителството. По судењето, тој беше вратен во СССР, каде што живееше во предградие на Москва, беше консултиран за потребите на снимањето на советскиот филм „Битката за Сталинград“ и пишуваше мемоари. И покрај специјалниот третман (фелдмаршалот имаше аѓутант, лекар и готвач кои работеа за него, па дури доби и одмор на Крим), на Паулус не му беше дозволено да го напушти СССР.

Дури по смртта на Сталин Паулус можеше трајно да ја напушти земјата и да се врати во Германија.

„Пред да го напуштам Советскиот Сојуз“, напиша тој во изјавата објавена во СССР во октомври 1953 година, „би сакал да му кажам на советскиот народ дека на времето дојдов во нивната земја како непријател во слепа послушност, но сега заминувам од неа како нејзин голем пријател“.

Фердинанд Шернер 

Фердинанд Шернер летото 1944 година.

Фердинанд Шернер беше познат како еден од најсуровите команданти во Вермахтот. Наредуваше да се стрелаат неговите војници доколку ги напуштат позициите без дозвола. Во јануари 1945 година Шернер беше назначен за командант на армиската група „Центар“. Користеше воени судови и дисциплински мерки против своите војници. Хитлер го унапреди Шернер во чин фелдмаршал на 5 април 1945 година.

На 29 април 1945 година, Хитлер го назначи Шернер за главен командант на копнените сили. По самоубиството на Хитлер на 30 април 1945 година, Шернер формално се сметаше за врховен командант на нацистичката армија до германската капитулација на 9 мај 1945 година. Меѓутоа, тој всушност никогаш не ја прифати таа функција, туку ги предводеше германските трупи кои се бореа во и околу Прага.

Пред да се предаде, Шернер им нареди на своите трупи да се повлечат на запад и ја напушти војската. Тој им се предаде на Американците на 17 мај 1945 година, но ѝ беше предаден на советската команда на 26 мај 1945 година.

Од 1945 до 1952 година Шернер беше држен во различни затвори во Москва, чекајќи судење. Во 1952 година беше осуден на 25 години во поправните логори во СССР.

Шернер на суд во Германија 1957 година.

Незадоволен од своите изгледи, Шернер му напиша писмо на Сталин, барајќи да биде помилуван. Изненадувачки, советските власти се согласија и наместо тоа казната му беше намалена на 12 години и 6 месеци.

Меѓутоа, Шернер беше ослободен уште порано, во јануари 1955 година, и му беше дозволено да се врати во Германија, каде што доби студен пречек. Беше суден за егзекуции на германски војници и осуден на четири и пол години затвор пред баварскиот суд во 1957 година. Фелдмаршалот на крајот беше пуштен на слобода во 1960 година поради здравствени причини. Почина во Минхен на 2 јули 1973 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња