Барот на ресторанот „Кавказ“
В. Чин-Мо-Цай/SputnikПовеќето луѓе мислат дека во Советскиот Сојуз немаше ноќен живот, но тоа не е точно. Ноќните клубови и баровите навистина почнаа масовно да се појавуваат дури кон крајот на осумдесеттите – почетокот на деведесеттите, но во поинаква форма постоеја и претходно.
Игранка од педесеттите години
Государственный исторический музей Южного Урала/russiainphoto.ruГлавен начин на забава за повеќето советски граѓани беа дискотеките. Меѓутоа, тие тешко можат да се вбројат во вистинскиот „ноќен живот“, бидејќи обично работеа од 19 до 23 часот. Беа отворени само за време на викендите. Самиот термин „дискотека“ во СССР заживеа дури во седумдесеттите години, а пред тоа беа „танцови ноќи“ или „игранки“. Во дискотеките пред сé се танцуваше. Тука немаше бар ниту бифе. Меѓутоа, некои носеа со себе алкохол и покрај забраната и го пиеја некаде во некој агол за да не ги забележи милицијата која ги чуваше дискотеките. На посетителот на дискотеката му следуваше сериозен разговор со органите на редот и мирот не само ако донесеше алкохол, туку и ако не платеше влезница. Цената беше симболична, но некои сепак претпочитаа да ја прескокнат оградата и да се прошверцуваат.
Друго важно правило беше кодексот на облекување. Во дискотека никој не можеше да влезе во тренерки, па дури ни во секојдневна облека. Тоа го оценуваше народната милиција (доброволци кои заедно со милицијата или наместо неа ја посетуваа дискотеката), додека во дискотеките на факултетите таа задача ја извршуваа групи членови на Комсомолот.
Диск-џокеите (денешните диџеи) не пуштаа само советска музика, туку и странски изведувачи: ABBA, Boney M, Eagles, Ricchie e Poveri, Smokie, Scorpions. Меѓутоа, одделни изведувачи и песни беа забранети, а кон крајот на осумдесеттите дури беше воведена и квота за репертоарот во дискотеките: 70% од песните требаше да бидат советски, 20% од советскиот блок и само 10% од капиталистичките земји. Некои организатори на дискотеки успеваа да ги избегнат овие правила, но пуштањето недозволени песни можеше да доведе до затворање на дискотеката.
Во Советскиот Сојуз имаше и барови, но не за сите. Се наоѓаа во хотелите за странски туристи, што значи дека плаќањето во нив беше можно само во девизи. „Во хотелите за странски туристи баровите беа отворени до 4 часот наутро. Таму примаа само девизи. И бидејќи советските граѓани не можеа да поседуваат странски пари, доколку се најдеа во таков бар, автоматски ќе го привлечеа вниманието на специјалните служби. Мене ми се случи следнава ситуација: пристигнаа некои странски филмаџии и јас седев со нив во бар. На излезот ме запираат и ми бараат документи. Ме спаси тоа што не платив ништо, туку ме почестија“, се сеќава човек кој за време на СССР работел како преведувач и придружник на странски туристи.
На такви места имаше и девојки со лесен морал. „Проституцијата во СССР беше забранета. Сите такви девојки ги пријавуваа своите клиенти во специјалните служби и под тој услов имаа можност да се занимаваат со својата работа. Во познатиот ленинградски ресторан „Асторија“ (постоеше во царско време и постои и денес) имаше една девојка која секоја вечер на полноќ доаѓаше полупијана. Носеше незапалена цигара и мажите ѝ подаваа запалка. А таа ги проценуваше со поглед“, вели нашиот соговорник.
Во рестораните на таквите хотели, за разлика од баровите, советските граѓани можеа да влезат и да плаќаат во рубли. Но, ретко кој можеше да си дозволи посета на таков ресторан, бидејќи цените беа многу високи. Дури и некои странци претпочитаа поедноставни ресторани подалеку од центарот на градот.
А сепак во СССР имаше и бар за советските граѓани. „Коктел-хол“ е основана 1938 година во Москва. Имаше два ката и беше изграден по примерот на западните места од тој тип. На сцената се свиреше музика која предизвикуваше недоверба и негодување на советските власти: џез, танго, фокстрот. На менито за коктели имаше околу 500 имиња. Сите коктели се правеа од домашни пијалаци, а како закуска се служеа печени солени бадеми, маслинки и канапе.
„Коктел-хол“
АрхиваГлавните посетители беа странци, дисиденти и „златна“ младина. Обичниот советски човек не копнееше по западната култура, а освен тоа, цените беа превисоки. На пример, во 1961 година, еден коктел чинеше 4 рубли и 10 копејки, а месечниот билет за сите видови јавен превоз беше 6 рубли.
Во времето на Сталин, „Коктел-хол“ беше стапица за дисидентите. Таму се собира на едно место и на тој начин им ја олеснуваа работата на органите за безбедност. Во 1968 година барот беше затворен, а на негово место беше отворена продавница за сладолед. Ист таков бар постоеше и во Киев, за него во својот „Руски дневник“ пишува американскиот писател Џон Стајнбек, кој го посети СССР во 1947 година. Стајнбек се присетува дека сите пијалаци имале вкус на гренадин - сируп од калинка. Поради тој сируп сите коктели беа црвени.
Во тоа време, бар-културата беше во прилична мера импровизирана, бидејќи до странски рецепти и алкохол пристап имаа само бармените од хотелите за странски туристи. Работењето во бар стана вистинска професија само благодарение на ентузијастот Александар Кудрајвцев. Тој се смета за првиот советски бармен. Во 1978 година тој ја состави првата книга со рецепти за коктел „Технологија на подготовка на мешани пијалаци“, која можеа да ја користат неговите колеги.
Барот на паробродот „Тарас Шевченко“
SputnikПри користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче