Како изгледаше ноќниот живот во Москва во деведесеттите?

Russia Beyond (Христофоров Валериј/TASS)
Првите постсоветски ноќни клубови беа на свој начин демократски настроени. Тука можеше да ја сретнете ќерката на претседателот, политичари, криминалци, гламурозни дами, но и обични тинејџери.

Во СССР немаше ноќни клубови во модерна смисла. Имаше дискотеки кои се организираа во Домовите на културата. Дури во 1990-тите во Москва почнаа да се отвораат ноќни клубови. Постепено се појавуваа и во други градови, но Москва беше центар на ноќниот живот, бидејќи таму беа концентрирани најмногу пари. Меѓутоа, „пионерите“ на оваа индустрија се стекнуваа популарност исто толку брзо и колку што ја губеа. Голем број клубови беа затворени на почетокот на 2000-тите, не можејќи да ја издржат конкуренцијата.

Забава за новите богаташи

По распадот на СССР голем дел од населението ги загуби претходните извори на приход. И додека мнозинството се бореше да преживее и бараше нови извори на заработка, поединци одеднаш почнаа нагло да се збогатуваат. Некои успеаја да присвојат некогашен државен имот, некои отворија сопствен бизнис и почнаа добро да заработуваат. Имаше и такви кои се приклучија на криминалниот свет, во тоа време сè позначаен сегмент од општеството.

Оние кои дојдоа до „лесна пара“ бараа начин да ја потрошат на забавен начин. Во тоа им помагаше клупската индустрија во зародиш. Одделни криминални босови станаа спонзори на нови клубови, додека нивните колеги се расфрлаа со пари во нив.

„Титаник“, јануари 1997.

За опремување на еден од најуспешните московски клубови од 1990-тите наречен „Титаник“, според организаторите, беа потрошени околу 1,5 милиони долари. Од Англија беше специјално донесена најдобрата музичка опрема, наместо поп-музика се пушташе техно, а кога станува збор за светлосни ефекти, користени се ласерски зраци. Откако се здоби со популарност благодарение на својот оригинален концепт, тематските забави и најмодерната музика, „Титаник“ почна да добива рекламни договори од светски брендови. Меѓутоа, веќе во 2000 година, не можејќи да ја издржи конкуренцијата, клубот им отстапи место на нови популарни места за излегување.

Ноќните клубови, се разбира, не привлекуваа само мафијаши. На танцовиот подиум можевте да сретнете секого. „Сè уште немаше општествено раслојување. Во најелитниот клуб можевте да ги видите Тања Дјаченко [ќерка на претседателот Борис Елцин] и, на пример, Умар Џабраилов [руски претприемач]. Клубот имаше две ВИП сали, простории од околу четириесетина квадрати, и јас без проблем можев да се најдам во нивна непосредна близина. Притоа обезбедувањето не влегуваше таму!“ - се присетува еден од некогашните редовни посетители на клубот.

Тинејџерите не можеа туку-така да влезат на популарните места, бидејќи често не поминуваа face control на влезот. Косопственикот на клубот „Ермитаж“, сликарката Светлана Викерс, во едно интервју се присетува: „Секој клуб имаше свои посетители, но во „Ермитаж“ доаѓаа сите, мафијаши, бизнисмени, таканаречената интелигенција и тинејџерите“. За последниве беше тешко да влезат во клубот, но еднаш најдоа дупка на покривот, веднаш над тоалетите. И што мислите дека направија? Влегуваа низ таа дупка и паѓаа право врз главите на оние што чекаа ред за тоалет“.

Пукање, тепачки и геј-клубови

Огненото оружје, кое извесен број посетители во текот на деведесеттите секогаш го носеа со себе, мораше да се остави на влезот, но не сите го почитуваа тоа правило. Познаниците на сопственикот можеа да влезат во клубот со оружје, и многу полесно беше да се влезе во конфликт отколку да се избегне. „Ако некој турне некого со рамо, му згази на нога, а не се извини, се вадат ножеви или почнува пукање. Можевте да настрадате буквално за сé - погрешно упатен поглед, лошо изговорено извинување - буквално за сé. Ако почнеше пукање, обезбедувањето на клубот само ќе легнеше на подот“, се сеќава еден од постојаните посетители на клубови.

Учесниците во овие пресметки ретко одговараа за своето однесување, како и дилерите на дрога и нивните клиенти. „Наркотиците циркулираа потполно слободно во клубовите, а доколку продавачот беше фатен, секогаш можеше некого да поткупи и да го пуштат“, додава соговорникот.

Клубовите беа и место за познанства од одреден вид. „Постоеше едно казино-ресторан „Метелица“. Кај барот седеа девојки од одредена професија и веднаш се договараа со клиентите“, вели поранешен посетител на ваквите места.

Во 1993 година во Русија беше укинато кривичното гонење на лица за истополови врски, а во Москва почнаа да се отвораат геј-клубови. Меѓу нив беа „Шанса“, некогаш еден од десетте најдобри геј-клубови на светот, „Три мајмуни“ и „Централна Станица“. Во нив фејсконтролата беше построга отколку во другите клубови, за да не се мушнат хомофоби. Но, за да не пропаднат финансиски, сопствениците мораа да пуштаат и посетители кои не ги познаваа. Така, внатре можеа да се најдат и луѓе по грешка, се присетува нашиот соговорник: „Веќе прилично испив и со другарка отидов во некој клуб во близина на Таганка. Таа не ми кажа за каков клуб се работи, а мене веќе ми беше сеедно. Стигнуваме, некако се довлечкувам до тоалетот, ги мијам рацете, а до мене стои еден маж и става кармин на усните. Се замрзнав, ништо не разбирам, го гледам избезумено. Го забележува тоа, не сфаќа што ми е, и наеднаш му текнува: ми го подава карминот и вели: „Сакаш?“

Ексклузивност, гламур и самрак на една ера

„Черри“, 1993.

Кон крајот на деведесеттите се смени сè: наместо луѓе со оружје и пари, луѓето се појавија луѓе без оружје, но со пари. Тогаш беа отворени клубовите „Цепелин“, „XIII“, „Џез-кафе“ и „Галерија“. „Во „Галерија“ просто се изживуваа над луѓето, намерно држејќи ги да стојат во редици. Тогаш веќе се чувствуваше социјалното раслојување, се појавија претенциозни, елитни места. Некои од нив ја стекнаа популарноста благодарение на нивната ексклузивност. Имав еден познаник, на пример, кој во тоа време возеше порше со фризиран мотор, одеше во Швајцарија, а сепак не го пуштија во тој клуб. Затоа неговата жена отиде таму преку ден, го бараше менаџерот и го наговараше да го пушти нејзиниот сопруг во клубот вечерта. Истата ситуација беше и во „Гаража“: добро облечен пар излегува од мерцедес со телохранители, а контролорите на лице им велат: „А имате ли наша картичка?“ - се присетува еден од посетителите на клубот.

Каприциозноста во изборот на клиенти доведе до финансиска пропаст на многу од нив. Елитните клубови почнаа да се затвораат веќе на почетокот на 2000-тите. Нашиот соговорник се присетува дека љубителите на забава се преселија на нови места, додека судбините на поранешните клабери беа поинакви. „Мислам дека беше 2003 година, веќе ги немаше „Цепелин“, „Галерија“, „Гаража“. Во улицата „Тверскаја“ се отвори некое кафуле каде ме поканија стари познаници. Таму сретнав една моја стара познаничка од клубовите, на која еднаш ѝ дадов 300 долари и ја одвраќав од одвратните вештачки нокти. А таа дотогаш веќе се омажи за некој олигарх и поголемиот дел од времето го поминуваше во Лондон. Една од можните трансформации“.

Денес клупската индустрија во Русија цвета. Во повеќето градови, а особено во Москва, можете да најдете места за секој вкус и секој џеб. Но, и покрај сета своја различност, овие места не наликуваат на клубовите од деведесеттите. Ноќниот живот стана значително побезбеден и поцивилизиран.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња