„Предилниците“ и нивните жителки: Историја на проституцијата во Руската Империја

МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
До времето на Петар Први во Русија речиси не постоела професионална проституција. Што, секако, не значи дека не постоел разврат, казнување на „блудните девојки“ со камшикување, сексуални услуги во бањите... Имало и подведување, односно давање услуги за организирање тајни состаноци, што било забрането од страна на црквата во 1649 година. Класичните јавни куќи во Русија се појавиле дури во времето на Петар Велики. Во негова доба во Русија стасале многу работи од Европа, па и оваа деликатна работа,

„Предилниците“ и нивните жителки

Во втората половина на 17 век во Русија се појавил голем број Европејци кои работеле за државата. Се граделе бродови, се обучувале војници и занаетчии, се командувало со полкови и со флотили. По нив стасале и трговците, готвачите, слугите и проститутките. Во Европа во тоа време „љубовта за пари“ одамна била вообичаена работа. Веројатно првите јавни куќи во Русија се појавиле во московската Германска населба, типично европско гратче на брегот на Јауза.

Куќата на Ана Монс во Германската населба
Александар Бенуа

Уште во 1697 година царот Петар упатил наредба до јарославскиот војвода Степан Траханитов, со документ кој вид на упатство за сите градски војводи во кое се велело: „Треба строго да се води сметка за тоа во градот, предградието и округот... и во селата [ююю] да нема крчми, блуд, ниту тутун“, што директно укажува дека се појавиле места на кои за пари можело да се добијат сексуални услуги. Проституцијата, проследена со венерични болести, продрела во војската.

Царскиот указ од 13 февруари 1719 година пропишувал дека во Москва „при истрага во работилниците се фаќаат жени и девојки што вршат злосторство, а кои не се за смртна казна“ и дека се затвораат во „предилници“ каде ќе бидат користени за производство на предиво и ќе бидат издржувани како затвореници на робија. Во Петербург прва ваква установа била Калинкинскиот работнички дом на улицата Фонтанка број 166. Познато е дека уште за време на царицата Елисавета Петровна „лекувањето со работа“ тука се спроведувало анонимно: жените се воделе под броеви и имале право да носат маска и да го кријат своето име и својот статус.

Калинкинскиот работнички дом

Како Екатерина Втора и Николај Први се грижеле за сексуалните работници

Екатерина Втора лично се занимавала со проблемот на ширење инфективни и заразни болести, како и со прашањата поврзани со јавниот морал. Нејзиниот „Закон за пристојност“ (1782) забранувал организирање бордели и занимавање со проституција. За тоа постоеле и парични казни и сместување на шест месеци во „поправни домови“; односно во работни затвори или фабрики. Екатерина и претходно, во 1771 година, сите ги обврзала сите стопанственици без бунење да ги вработуваат осудените проститутки, бидејќи претходно фабриките под различни приговори ги враќале назад во полиција.

Властите не се обидувале да ги изолираат или да ги протераат проститутките или сводниците, само привремено ги принудувале да работат за државата и да плаќаат казни. Кон крајот на владеењето на Екатерина сите проститутки биле задолжени да минуваат медицински прегледи. Царицата исто така планирала во градовите да издвои посебни места за јавни куќи, но нејзината смрт ја спречила реализацијата на оваа идеја.

Павел Први со за него својствената мегаломанија за „инает“ на мајка си во 1800 година наредил од некоја причина токму московските проститутки да се испратат „во иркутските фабрики“. Од фатените и затворени 69 жени, 19, кои главно биле сопруги на војници и вдовици, навистина завршиле во Иркутск. Тоа биле најстрогите примени на мери против проституцијата во царска Русија.

Николај Први во Русија фактички ја легализирал проституцијата. Според претходните закони, таа формално и понатаму била забранета. Меѓутоа, во 1843 година основан е „Лекарско-полициски комитет“ кој водел евиденција за проститутките. Наместо лични карти, тие добивале „заменска карта“ во која се забележувале лекарските прегледи и уплатата на даноците. Во 1844 година објавени се „Правилата за газдариците на борделите“ и „Правилата за јавните жени“.

Легитимација на „продавачка на љубов“ со дозвола за работа на панаѓурот во Нижни Новгород, 1904-1905 година.

Николај Први (кој, патем речено, имал неколку познати миленички) бил војник и сфаќал колку на мажите на долгата и напорна воена служба (а во сите градови секогаш имало полкови редовна војска) им недостасувало женско друштво. Човековата природа, сметал царот, не треба да се искорени, ами да се регулира.

Како живееле руските проститутки?

Од 1844 година бордели со дозвола на полицијата можеле да отвораат жени „од доверба“ од 30 до 60-годишна старост. Во нив можеле да работат жени кои не се помлади од 16 години (минимална возраст за брак во тоа време). „Мадам“ имала задача да се грижи за здравјето на жените во јавната куќа. Јавните куќи редовно биле посетувани од страна на лекари, кои жените со очигледни симптоми на „француски болести“ ги испраќале во болница, а на здравите им ги пополнувале картите. „Мадам“ исто така морала да плаќа казна доколку жените ги доведувала до целосна исцрпеност од претерана употреба“. Да додадеме дека жената можела да ја напушти јавната куќа и да си ја добие личната карта назад. Повод обично бил мажачка, старост, болест или предавање на „девојката“ под старателство на роднините со обврска да внимаваат на нејзиниот морал.

Јавните куќи во руските градови морале да „работат тајно“, односно без таблички и реклами. Исто така било забрането да се наоѓаат поблизу од 300 метри од училиште или од црква, но во руските губернии ова ограничување постојано се намалувало.

Клиентите со помош на условни знаци можеле да дознаат дека борделот работи. Историчарката Светлана Малишева пишува дека во една улица во Казањ како таков знак служела играчка во облик на куче на прозорецот. Доколку таа била свртена со муцката кон надвор, девојката била слободна.

Било забрането во борделот да се држи портретот на царот, додека иконите не биле забранети.

Во провинциите бројот на „девојките“ во јавните куќи секогаш бил поголем од бројот на креветите. Во слободно време, главно дење, тие седеле во истата куќа во која работеле. Им било забрането да стојат покрај прозорецот (и да гледаат низ него) или во групи да се шетаат по улиците. Задолжителен дел од нивното секојдневие било пијанството. Во седумдесеттите години од деветнаесеттиот век власта дури и ја укинала забраната за поседување и продажба на алкохол во јавните куќи, која и онака никогаш не се почитувала.

Додека во средината на 19 век во Санкт Петербург биле регистрирано околу 2.000 проститутки, во 2901 година во 2.400 јавни градски куќи работеле над 15.000 жени (и тоа само легално!). За споредба, во Казањ во 1859 година биле регистрирани 274 проститутки во 11 јавни куќи, додека во 1898 година имало 35 јавни куќи, но не постои податок за бројот на жени во нив. Меѓутоа, вистинскиот број на „продавачки на љубов“ бил неколку пати поголем од регистрираните. Со оглед на тоа дека не сакале да се регистрираат, со „најстариот занает“ се занимавале и „хористки“, „харфистки“ и „пејачки“ кои живееле при установите во кои и работеле. Тие често навистина пееле или свиреле музички инструменти.

Фотографија на проститутка во Нижни Новгород, 1895-1905 година

Бројот на жени кои продавале љубов во Русија наспроти револуцијата од 1917 година бил огромен. Посетувањето проститутки во тоа општество не се сметало за „блуд“, како што се сметало во стара Русија, а и како што се смета и денес. Тоа бил облик на општествено прифатлива забава за мажи, кој бил вообичаен за студенти, за офицери и за другите градски мажи. По Октомвриската револуција многу работи се смениле во оваа сфера.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња