Како изгледаше Москва ПРЕД револуцијата 1917 година (ФОТОГРАФИИ)

Историја
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
По револуцијата во престолнината ќе се случат многу промени, а ние ви предлагаме да погледнете како изгледаше стариот град. Многу нешта се зачувани единствено на овие фотографии.

Веќе покажавме како изгледала Москва на крајот на XIX век. Да го продолжиме нашето патување низ времето по овој град од почетокот на ХХ век до 1917 година.

Првата трамвајска линија е отворена во 1899 година и сообраќаше од Бутирска Застава (поранешниот влез во градот). Но, шините на „коњскиот трамвај“ го попречија развојот на трамвајскиот сообраќај, па во првата деценија на ХХ век се започна со демонтирање на коњската железница и поставување на трамвајски шини (на истите места).

Луѓе гледаат како мразот плови по реката Москва.

Денеска изразот „Московски универзитет“ најчесто се асоцира со главната зграда, т.е. „Сталиновиот облакодер“ на Воробјови Гори. Но, до средината на ХХ век „Московски универзитет“ беше токму оваа зграда во центарот на градот.

Ваков поглед на Кремљ повеќе не е достапен за никого. Многу градби веќе исчезнаа, како што е резбаниот бел храм на Светата великомаченичка Екатерина во Вознесенскиот манастир и комплетната архитектонска композиција на споменикот на царот Александар II.

Погледнете го овој споменик одблизу (од предната страна).

Во близина на Кремљ се наоѓаше реонот Зарјадје со густа градба и трговски улици. Во советско време местото беше расчистено и таму беше изграден огромен хотел „Русија“, а денес на местото на поранешниот хотел се наоѓа новиот модерен парк „Зарјадје“.

Во 1908 година Москва ја погоди голема поплава. Ова беше единствениот начин да се движите! На фотографијата е улицата „Мокринскаја“ во Зарјадје која повеќе не постои.

Таа 1908 година дури и ѕидините на Кремљ се најдоа во вода.

Во советско време ѕидините на Китај-Город, со кои беше опашан центарот на градот, беа речиси целосно урнати. Денес од нив се зачувани само мали фрагменти. Оваа кула „Катушка“, на пример, остана само на фотографија. (Како и „коњскиот трамвај“ од десната страна).

А ова е Чудовиот манастир на територијата на Кремљ кој беше неповратно уништен во советската ера.

За среќа, една од најубавите градби во Москва е зачувана. Во куќата на Пашков на почетокот на векот се наоѓала Румјанцевата библиотека. Во советско време нејзината колекција го претставуваше почетниот фонд на библиотеката „Ленин“. Денес оваа зграда сè уште припаѓа на најголемата руска библиотека.

Улицата „Никољска“ сега е пешачка. Белата готска Никољска кула на Кремљ (лево) во советско време беше пребојосана во црвено, а Казанската црква (десно) доби сосема поинаков изглед кога беше реновирана во 1920-тите. Во центарот е Историскиот музеј изграден на крајот на XIX век.

Сега е тешко да се поверува, но до 1930 година трамвајот сообраќаше по Црвениот плоштад.

А ова е поглед на целиот Црвен плоштад. Денес, се разбира, на плоштадот не се движат ни кочии, ни трамваи, а се појави и Мавзолејот, и секогаш има туристи.

Тоа беа посвечени глетки, а сега да погледнеме типичен московски двор. Денес нема да видите ни раширена облека на жица, ниту двор како таков (луѓето кои не живеат на тие адреси практично веќе не ни можат да влезат во дворовите и тие често служат како паркинг за станарите).

Во улицата „Кузнецки мост“ сé уште има многу тезги, продавници и кафулиња, само што улицата сега е пешачка.

Сухаревскиот пазар врви од продавачи и купувачи. Во позадина е зградата на Сухаревата кула која е урната во советско време.  

Променет е и изгледот на Театарскиот плоштад пред театарот „Болшој“. Ова е фотографија од почетокот на векот.

А ова е фотографија од 1910 година. Поставени се трамвајски шини, а од левата страна е изграден трговскиот центар „Мјур и Мерлиз“, денес познат како ЦУМ.

Барикади во Москва се ретка глетка на фотографиите. Кога во 1905 година беше изведена првата руска револуција, во Москва избувна голем бунт.

Во 1912 година во Москва е отворен Музејот на убави уметности „Император Александар III“, денес познат како Државен музеј наа ликовни уметности „А. С. Пушкин“.

На отворањето присуствуваше и царот Николај II Романов.

Во 1913 година во Москва беше многу свечено прославена 300-годишнината од Династијата Романови.

Целиот град беше богато украсен и се организираа празнични манифестации на кои присуствуваше многу народ. На фотографијата подолу е зградата на благородничкото Благородно собрание, која во советско време беше претворена во Дом на Сојузите.

А тука, на пример, народот се собрал кај Триумфалната порта на плоштадот „Тверскаја Застава“. Оваа порта беше посветена на победата во Татковинската војна против Наполеон во 1812 година. Портата беше отстранета во 1930-тите, а подоцна нејзината копија беше подигната на проспектот „Кутузов“.

Само неколку години подоцна (1917), низ Портата повеќе нема да минуваат свечени поворки, туку колони демонстранти и револуционери.