Како изгледа Москва кон крајот на XIX век (ФОТОГРАФИИ)

МАММ/МДФ
Додека Санкт Петербург блеска како престолнина, Москва е доживувана како катче каде што е зачувана тивката старинска атмосфера. Но, во ХХ век таа од корен ќе го промени својот изглед и ќе стане свечениот „излог“ на СССР. И затоа, да погледнеме сцени од стариот град. Многу зданија од тие сцени се зачувани само на фотографии.

1870-ти

Камбанаријата на Иван Велики во Кремљ. Тоа била највисоката градба во Москва до 1860 година, кога е изграден храмот „Христос Спасител“.

Храмот „Св. Василиј Блажени“, неспорниот симбол на градот.

Цар-ѕвоното со откршеното парче никогаш не заѕвонило. Кон средината на XIX век е подигнато на пиедестал во Кремљ и оттогаш ова е една од главните знаменитости на Москва.

Храмот „Христос Спасител“ во времето кога е изграден (уште не биле завршени сите градежни работи) и старата црква „Пофалба на Пресвета Богородица). Двата храма се срушени во текот на 1930-тите.  

Панорама на Пречистенскиот кеј со поглед на Кремљ. Сувиот центар на Москва.

На Кремљовскиот кеј (долу десно) се гледа павилјонот на Политехничката изложба 1872 година, една од првите градби направени во целост од метал и стакло.

Истиот тој објект, само во покрупен план.

Во зданието на Манеж близу Кремљ се приредувале (и уште се приредуваат) големи изложби.

1880-ти

Современата зграда на театарот Болшој е изградена во средината на XIX век (додуша, подоцна е реконструирана и во извесна мера изменета).

Уште една градба која повеќе не постои - храмот на светата великомаченичка Екатерина во Вознесенскиот манастир кој се наоѓал внатре во Кремљ.

Храмот „Христос Спасител“ во 1883 година, после повеќе од четири децении изградба, најпосле е осветен и во него почнуваат богослужби. На Кремљовскиот кеј (во прв план) тогаш веќе имало гужва.

Црвената порта. Оваа барокна триумфална капија е изградена уште за време на Петар I, а болшевиците ја урнале за да ја прошират улицата. Меѓутоа, името „Црвена порта“ се задржува како московски топоним - вака и денес се нарекуваат плоштадот и метро-станицата. Лево е црквата „Свети Три Ерарси“, која исто така е урната.

Чудовиот манастир на Московскиот кремљ потсетува на куќа од бајка. Денешните туристи сепак не можат да го видат, бидејќи болшевиците го урнале и него.

А ова е Варварската капија на ѕидините на Китај-город кои го опашувале целиот центар на Москва. Сега од нив останале само фрагменти.

На плоштадот „Илинска Капија“ во 1887 година е подигнат споменик на јунаците на Плевна, по повод десетгодишнината од битката кај Плевна во Руско-турската војна.  

Никољска улица, од левата страна е Синодската печатница. Изградена е на почетокот на XIX век на местото на Московската печатница. Денес тука се наоѓа Историско-архивскиот институт на Рускиот државен универзитет за општествено-хуманистички науки (РГГУ).

И уште една срушена градба – храмот „Св. Николај Мокри“ во Зарјадје.

1890-ти

Оваа раскошна вила во неоготски стил ѝ припаѓала на Зинаида Морозова. Изградена е во 1898 година во улицата „Спиридоновка“. Автор на проектот е архитектот Фјодор Шехтељ. Денес е дом за приеми на Министерството за надворешни работи на Русија.

Малиот Николаевски дворец во Кремљ бил една од резиденциите на руските цареви за време на нивниот престој во Москва. Градбата повеќе не постои бидејќи болшевиците ја урнале во 1929 година.

Воробјови Гори се омиленото место за одмор на московјаните. Во далечина се гледа Новодевичјиот манастир. Денес од другата страна на реката се наоѓа цел комплекс спортски објекти и арената „Лужники“.

Пазарот во улицата „Охотни Рјад“. Денес тука се наоѓа зградата на Државната Дума и хотелот „Москва“, но по традиција и понатаму има трговски дуќани во подземниот трговски центар „Охотни рјад“.

А вака улицата „Охотни Рјад“ била украсена за време на празничните свечености по повод крунисувањето на царот Николај II во 1896 година.

Порано територијата на Кремљ била отворена за посети (сега е потребна влезница). На фотографијата е Благовештенскиот храм кој постои и денес.

Едно од најубавите зданија во Москва е Домот на Пашков. Од средината на XIX век таму е чувана колекцијата на Румјанцевската библиотека која е преуредена и денес е позната како Руска државна библиотека (Ленинка). Ова здание денес исто така припаѓа на библиотеката.  

Современиот московјанин тешко може да замисли дека на денешните гранитни кејови на реката Москва некогаш растела трева.  

Трамвај кај храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Путинци. Храмот и денес постои.

Споменикот на Минин и Пожарски на почетокот стоел пред Горните трговски редови (денес познати како трговски центар ГУМ), а во советско време е пренесен поблиску до храмот „Св. Василиј Блажени“.

Уште една сцена која останала само на фотографија – трамвај со коњска запрега на Серпуховскиот плоштад.

Патем, сé до 1930 година трамвајот поминувал и по Црвениот плоштад! Линијата е укината бидејќи пречела при одржувањето на парадите.

Фантастичната вила на трговецот Игуманов во руски стил е изградена во 1895 година. Денес во неа е сместена резиденцијата на амбасадорот на Франција.  

Петровскиот патен дворец на северот на Москва. Порано во него одморале царевите кога доаѓале од Петербург, а сега тука има музеј, како и бутик хотел.

Стара Москва. Улицата „Кузнецки Мост“. Тројка.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња