Зошто Сталин наредил да се убие Лев Троцки?

Историја
СОФИЈА ПОЉАКОВА
Еден од најблиските соработници на Ленин и лидер на Октомвриската револуција беше убиен во Мексико. Егзекутор беше советскиот агент Рамон Меркадер. Зошто „водачот на народот“ толку се плашеше од поранешниот соборец?

Сталин не поднесуваше конкуренција, а имаше и причина за лична нетрпеливост кон Троцки, најблискиот соработник на Владимир Ленин, неспорен лидер на болшевиците. Троцки имаше толкаво големо влијание и авторитет што по Октомвриската револуција можеше да стане шеф на новата влада, но функцијата доброволно му ја отстапи на Ленин. Во партиската работа помеѓу Сталин и Троцки доаѓаше до несогласувања во врска со многу прашања, а по „Царицинскиот конфликт“, оваа нетрпеливост прерасна во вистинска омраза. Имено, за време на Граѓанската војна на Црвената армија ѝ беа потребни искусни борци и офицери, па Троцки (кој инаку ја основа Црвената армија) се залагаше во борбените редови да бидат примени и поранешни офицери на императорската армија.

Сталин категорично се противеше на тоа и затоа на делот од фронтот што му беше нему доверен (и каде што ситуацијата беше критична) ги назначи новите, но идеолошки предани команданти Будјони и Ворошилов (тие подоцна ќе станат маршали на СССР). Троцки претседаваше во Револуционерниот воен совет, но Сталин не ги слушаше неговите наредби и му пишуваше писма на Ленин, барајќи воени овластувања: „Доколку Троцки без размислување доделува мандати на сите страни... може со сигурност да се каже дека по еден месец кај нас на Северен Кавказ сѐ ќе се распадне... Ставете му го тоа во глава... За заедничка корист мене ми се неопходни воени овластувања... Тоа што немам добиено некаква хартија од Троцки нема да ме запре“. Троцки, пак, бараше од Сталин да се тргне од положбата. Ленин го реши овој конфликт во корист на Троцки. Сталин беше повлечен од фронтот во Москва, но набргу потоа беше избран за член на Револуционерниот воен совет. Меѓутоа, на чело на советот повторно беше Троцки, така што конфронтацијата продолжи.

„Тестаментот на Ленин“ и борбата за власт

Борбата на двајцата партиски лидери премина во отворен судир кога Ленин се разболе и се повлече, зашто повеќе не можеше да се занимава со партиските прашања. Во белешката до конгресот од 1922 година која е позната како „Тестаментот на Ленин“ водачот на револуцијата стравуваше дека во партијата ќе дојде до раскол поради конфликтот помеѓу Сталин и Троцки: „Сталин е премногу груб, и овој недостаток е сосема поднослив во нашите кругови и во интерната комуникација, но е неподнослив на функцијата генерален секретар. Поради тоа им предлагам на другарите да размислат за тоа како да се тргне Сталин од оваа функција и на негово место да се стави друг човек, кој во однос на другарот Сталин има предност во смисла на тоа што е потрпелив, полојален, поучтив и повнимателен кон другарите, кој има помалку хирови, итн.“

Ленин не само што го искритикува Сталин, ами воедно изрази и поголема доверба кон Троцки, карактеризирајќи го како „најспособен член на Централниот комитет“. Сепак, Сталин остана на функцијата генерален секретар и во 1922 година веќе стана популарен и уживаше голем авторитет зашто токму тој доделуваше поголем број функции во партијата.

Сталин околу себе ги собра верните приврзаници и почна да го потиснува Троцки од партијата. Меѓутоа, Лев Троцки имаше толкаво влијание и авторитет што Сталин размислуваше и за можноста да ја отстрани конкуренцијата.

Сепак, одлучи да не се нафаќа на крајни мерки. Троцки беше сменет и исфрлен од партијата, а во 1929 година беше протеран од СССР.

За волја на вистината, треба да се истакне дека Сталин не се бореше против Троцки само од страв од конкуренција. Тој трезвено ги процени можните последици што би ги донела победата на троцкизмот. Политичката линија што ја спроведуваше Троцки веројатно би била катастрофална за младата советска држава. Се смета дека Сталин бил претерано остар како политичар, но всушност Троцки бил мошне поостар и порадикален. На пример, тој се залагаше за сеопфатен терор и диктатура во земјата, како и за продолжување на ширењето на „пожарот на револуцијата“ во целиот свет. Доколку за колективизацијата на Сталин се вели дека била насилна, тогаш треба да се имаат предвид плановите што Троцки ги имаше во поглед на селското население. Доколу тие се оствареа, тоа ќе беше вистински пекол. Звучи парадоксално, но Сталин како политичар во споредба со Троцки беше потрезвен и поодмерен.

Операцијата „Мајка“

Во емиграција Троцки го продолжи своето политичко дејствување. Врз основа на неговата идеја беше формирана меѓународната комунистичка организација Четврта интернационала. Троцки сега стана дури и поопасен одошто беше во СССР, зашто тука беше надвор од зоната на која Сталин можеше да влијае. Во книгите и статиите напишани во емиграција Троцки го карактеризира својот опонент како „интендант на Хитлер“, го осудува култот на личноста, тоталитаризмот и особено бирократијата. Како повод за одлуката за убиство на Троцки послужи споредбата на СССР со нацистичка Германија. Судоплатов, главниот организатор на убиството на Троцки, подоцна напиша дека Сталин му ја објаснил потребата за отстранување на поранешниот соборец на следниов начин: „Троцки мора да биде отстранет во рок од една година, пред да избие неизбежна војна. Доколку Троцки не биде отстранет, како што покажува шпанското искуство, не можеме да бидеме сигурни дека во случај на напад на империјалистите на Советскиот Сојуз ќе ја имаме поддршката на нашите соборци од меѓународното комунистичко движење“.

Планот за првиот атентат го доби називот „Коњ“. Во согласност со овој план вооружена група отвори оган врз куќата на Троцки. И покрај неколкуте десетици куршуми, револуционерот остана неповереден, како и неговата сопруга Наталија и внукот Сева. Вториот план се нарекуваше „Мајка“. Шпанскиот комунист Рамон Меркадер доби задача да се инфилтрира во најблиското опкружување на Троцки и да се пресмета со него. Тој доби фалсификуван канадски пасош на име Френк Џексон и се запозна со една од секретарките на Троцки. Кога наминуваше по својата девојка по работно време постепено стапуваше во контакт со домашните и ја стекнуваше нивната доверба. Почнаа да го канат на гости, а тој покажуваше интерес за идеите на Троцки, меѓу другото има донесено и подарок за неговиот внук. Меркаде на 20 август 1940 година донесе револуционерен текст како поддршка на Четвртата интернационала и замоли Троцки да ја оцени статијата, што послужи како повод за доаѓање на денот на убиството. Меркадер по голема жештина дојде обвиен со плашт, но тоа никого не го збуни, зашто тој беше третиран како „наш човек“. Под плаштот тој криеше кршач за мраз, револвер и бодеж: „Во моментот кога Троцки започна да ја чита статијата што му послужи како повод, го извлеков кршачот од под плаштот, го стегнав во рацете и мижејќи му зададов страшен удар во главата“, раскажуваше Меркадер по апсењето.

Лекарите не успеаја да го спасат Троцки. Почина на 21 август 1940 година. Секретарот ги запиша неговите последни зборови: „Ве молам, кажете им на моите непријатели дека сум сигурен во победата на Четвртата интернационала... Само напред“. Рамон Меркадер во затвор мина 19 години и 8 месеци. По излегувањето на слобода се пресели во СССР и таму го доби звањето Херој на Советскиот Сојуз.