Како се користеа советските оклопни возови во Втората светска војна (ФОТОГРАФИИ)

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
На почетокот на војната против Германија, на оклопните возови обично им се доделуваше улогата на „камикази“. Тие самостојно го покриваа повлекувањето на советските единици со цел да го задржат непријателот барем неколку часа.

1. Многу земји во Втората светска војна користеа оклопни возови во борбените дејствија, но СССР беше ненадминат во овој поглед. Кога Вермахтот ја нападна Русија на 22 јуни 1941 година, Црвената армија и трупите на Народниот комесаријат за внатрешни работи (кои ја чуваа државната граница и заднината) имаа на располагање шеесетина „тврдини на тркала“ кои дејствуваа и поединечно и во состав на посебни дивизиони со по 2-3 воза во секој.

2. Покрај парните локомотиви заштитени со оклоп, овие возови можеа да имаат и затворени оклопни платформи со две куполи од тенк Т-34, како и отворени платформи со монтирани артилериски орудија и митралези. Така, на пример, тешкиот оклопен воз „Сталинец-28“, кој го бранеше Ленинград, од вооружување имаше четири топа со калибар 100 мм, четири минофрлачи со калибар 120 мм, два противвоздушни орудија од 76 мм и 24 митралези „Максим“ со потпирач.

3. Покрај платформи со вооружување, оклопниот воз имаше и одреден број вагони во кои беа сместени штабот, магацините за муниција и материјално-техничките средства, работилницата, кујната и сл. Пред почетокот на воените дејствија, тие вагони обично се откачуваа и се повлекуваа во заднината на најблиската отворена железничка пруга.

4. Оклопни возови во војната имаа задача да ги покриваат единиците со оган, да ги следат најважните воени ешалони и да ги бранат клучните железнички станици и јазли, како и да се борат против непријателски десант. И покрај моќното вооружување, „тврдините на тркала“ имаа релативно слаб оклоп, па беа многу ранливи под огнот на непријателската артилерија и оклопната техника, па дури и на авијацијата, доколку немаа доволно средства за ПВО.

5. Почетокот на војната беше вистински кошмар за екипажите на советските оклопни возови, бидејќи тие возови често се користеа како единствено средство за покривање на повлекувањето на единиците на Црвената армија. Ако на непријателот му успееше да ја пресече пругата, оклопниот воз ќе беше осуден на уништување. Екипажот го креваше во воздух за да не падне возот во рацете на непријателот. Запленетите возови Германците обично ги користеа во борбата против партизаните.

6. СССР во 1941-1942 година изгуби 63 оклопни воза, меѓутоа нови „тврдини“ беа правени со полна пареа уште од првите денови на војната. Честопати тие возови не беа правени според истиот стандард, туку се користеше сé што беше при рака, вклучително дури и застарено оружје од музеите.

7. Високата ефикасност на оклопниот воз беше демонстрирана во одбраната на градовите како Талин и Ленинград. Севастопол осум месеци беше бранет од оклопниот воз „Железњаков“, кому Германците му го дадоа прекарот „Зеленото привидение“. По молскавичните акции, возот се криеше во тунел каде што беше надвор од дофат на непријателските проектили и бомби. Сепак, сводовите на тунелот не го издржаа моќниот воздушен напад и се урнаа на 26 јуни 1942 година. Целата посада на „Железњаков“ таму беше жива закопана заедно со возот жив.

8. По Сталинградската и Курската битка, дојде до радикална промена во војната и Црвената армија се устреми на запад. Се промени и ситуацијата во однос на оклопните возови. Тие веќе не ја играа улогата на „камикази“ и сега станаа моќна поддршка во офанзивата. Во текот на целата 1943 година беа изгубени само два оклопни воза, а во 1944 и 1945 година не беше изгубен ниту еден.

9. По ослободувањето на советската територија, оклопните возови се користеа во борбите во Европа, со тоа што претходно беа приспособени на локалните железници. Одлично се покажаа специјализираните противвоздушни оклопни возови вооружени со брзометни противвоздушни топови од 25 мм и 37 мм, како и со противвоздушни митралези ДШК со калибар 12,7 мм. Тие со голема брзина поминуваа огромни растојанија и ефикасно ги покриваа јуришните трупи, штитејќи ги од воздушни закани додека да пристигнат противвоздушно-артилериските полкови.

10. Меѓу најмоќните советски оклопни возови беа „Козма Минин“ и „Илја Муромец“ (со оклоп дебел 45 мм). Тие стигнаа дури до предградијата на Берлин. Пред тие настани „Муромец“ учествуваше и во единствениот двобој на оклопни возови. Имено, на 4 јуни 1944 година, на подрачјето на градот Ковељ, тој го уништи својот германски „колега“ за кој во Советскиот Сојуз по грешка мислеа дека се вика „Адолф Хитлер“, иако оклопните возови на Третиот Рајх всушност немаа никакви имиња.

11. За време на целиот воен период советските оклопни возови уништија, меѓу другото, 370 непријателски тенкови, 712 возила и 344 артилериски орудија и минофрлачи, и соборија 115 германски авиони. Два оклопни воза на Црвената армија и три оклопни воза на трупите на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД) беа наградени со Орден на Црвеното знаме, додека десет одделни дивизиони оклопни возови добија почесни називи. Секој четврти борец од екипажите на овие „тврдини на тркала“ доби државно признание.