Најразлични нијанси на виолетова се прелеваат на овој скапоцен камен, кој се вади само на едно место во светот: на југот на Јакутија, во близина на реката Чара. Овој минерал го открија советски геолози кои уште во 1940-тите интензивно ја истражуваа сибирската тајга во потрага по наоѓалишта на метал и кристали.
Првите примероци на новиот камен геолозите ги сретнаа во 1948 година. Група научници предводена од Владимир Дитмар (1903-1967) вршеше геолошки истражувања во реонот на реката Чара, недалеку од планината Мурун. И во коритото на потокот (кој денес го носи името на Дитмар), геологот здогледа виолетов камен, за кој најпрвин помисли дека е обичен шкрилец со примеси.
Откритието беше забележано на мапата, но на него заборавија. Тоа место беше толку оддалечено од цивилизацијата што со децении беше „бела дамка“ во геологијата.
Четврт век подоцна, во 1973 година, на Мурун работеше Јуриј Рогов со тим од млади геолози кои бараа ураниум. Тие се најдоа на истото место каде што порано беше одредот на Дитмар. Недалеку од полураспаднатата барака, Рогов забележа „необично парче камен високо еден метар“, како што подоцна го опиша.
„Каменот имаше специфична виолетова боја, како да беше покриен со белузлава патина, беше прилично непроѕирен. Се обидов да откршам парченце, но не успеав“, се присетува Рогов. „Почнав да удирам по каменот, сé додека не пукна дршката на геолошкиот чекан. Сепак, откршив парче - и како да ме заслепи боја на јоргован. Си помислив, ќе ѝ го однесам на жената: интересна боја, жените сакаат толку светли нијанси“.
Вера Рогова беше стручњак за минерали во истата експедиција, и на почетокот ја привлекоа токму жолтите примеси. Таа претпоставуваше дека тоа се нови минерали (што подоцна беше потврдено). Но, не беше јасно за каков вид виолетов камен се работи. За испитување зедоа околу 30 килограми руда и со неа се занимаваа во слободно време.
Неколку години подоцна, за каменот дозна колегата на брачната двојка Рогови, геологот Јури Алексеев, стручњак за скапоцени камења. Тој претпостави дека е откриен сосема нов јувелирски камен и, земајќи со Јуриј Рогов уште околу еден тон примероци, ги испрати на експертиза во Москва.
До 1977 година чароитот немаше име, бидејќи со години го проучуваа цели комисии на геолози. Се покажа дека покрај новите руди (тинаксит, токоит, франкаменит, мурунскит), овој минерал содржи и ретки земјени елементи кои му даваат неверојатни бои и дезени. На крај новиот минерал го доби името чароит, по реката Чара. Ова име нема ништо заедничко со зборот чари, бидејќи на јакутски и евенкиски „чара“ едноставно значи „плитко“.
Но, дури и пред официјалната регистрација, чароитот се здоби со популарност меѓу златарите и каменоресците во СССР. А сето тоа поради своите преливи во боја на јоргован, кои изгледаат неверојатно импресивно не само во сребрена или златна рамка кај женскиот накит, туку и како поединечни предмети изработени од чист камен. Од чароит се правеа вазни и кутии за накит. Чароитот има голем број на нијанси, од светло до темновиолетова со преливи.
Интересно е што колку и да пребаруваа геолозите, никаде на друго место во Русија или во странство не е пронајдено ништо слично на чароит. Неговото единствено наоѓалиште е на подрачјето на планината Мурун, која популарно беше наречена „камен со боја на јоргован“. Наоѓалиштето се состои од повеќе од дваесет одделени откопи на чароит распоредени на површина од околу 10 квадратни километри.
Точните резерви на чароит не се утврдени, но се проценува дека има најмалку 140 илјади тони. Во моментов во Јакутија важи ограничување за вадење на чароит од не повеќе од 100 тони годишно. Меѓутоа, поради тешкотиите при добивање на каменот во овие оддалечени предели на тајгата, се вадат многу помали количини и затоа ретко може да се види во продавниците.
Притоа во 1987 година на истото подрачје беше откриен уште еден уникатен и редок камен: синиот нефрит, за кој геолозите предложија да се нарече дијанит во чест на принцезата Дијана. Можно е во Јакутија да нé чекаат нови геолошки откритија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче