Масовното државно производство на накит започна во Советскиот Сојуз по Втората светска војна, додека пред тоа накит произведуваа некои мали производители. Секоја фабрика имаше свој каталог, но генерално целиот накит беше изработен во ист стил: тешки прстени со големи камења, ланчиња со скапоцени камења и нараквици со гравури. Денес овој накит не само што ќе го најдете во антикварниците, туку лесно ќе го видите и на современите Русинки кои го наследиле од своите мајки и баби.
Да се поседува пар златни обетки беше прашање на принцип за секоја советска жена. Овој метал беше на најголема цена, за разлика од среброто. Златото не беше само украс, туку и инвестиција и резерва „за црни денови“. Едноставниот, полиран накит беше најдостапен, дури и за студентките: обетки во вид на полукруг, капка или лисје во 70-тите и 80-тите години чинеа помалку од 30 рубли (додека просечната плата беше 120-140 рубли), тенките синџирчиња беа помалку од 40 рубли, а приврзоците 25 рубли.
Доколку сакавте да купите злато со скапоцени камења, моравте да бидете штедливи. Прстен со рубин чинеше над 100 рубли, а со дијамант над 500, додека некои работи можевте да ги добиете само со специјални купони од работното место.
Јувелирите честопати користеа филигранска техника, имитирајќи во метал мостри на тантела од рускиот фолклор. Оваа вештина особено се разви во селото Казаково во Нижегородската област. Нараквиците и прстените во овој стил беа многу распространети ширум Советскиот Сојуз.
Накит со традиционални фолклорни мотиви се произведуваше и во Дагестан, Велики Устјуг (Вологодска област), Јакутија, Азербејџан, Ерменија, Казахстан и Туркменистан.
Советските златари максимално користеа скапоцени камења како јаспис, ахат и малахит. Некои камења беа со огромни димензии, а во исто време и многу достапни, на пример, килибарот што се произведуваше во Калининград и балтичките републики (ѓердан од килибар можеше да се купи за помалку од 40 рубли). Како по правило, камењата беа во сребрена рамка.
Меѓутоа, гордоста на советските жени беше накитот изработен од злато со крупни црвени камења: рубин, аметист и александрит. Со оглед на тоа дека овие камења не се ископуваа во СССР, сите црвени камења биле вештачки одгледувани. Сепак, квалитетот на производите беше на високо ниво.
Иако технологијата за одгледување вештачки камења е позната уште од 19 век, масовното производство започна дури во советско време.
Еден од најпопуларните скапоцени камења беше фијанитот (коцкест циркон), камен што имитира дијамант. Беше произведен 1970 година во Физичкиот институт на советската Академија на науки (ФИАН) и именуван по оваа институција. Денес го користат златарите ширум светот.
Меѓутоа, топазите, смарагдите и дијамантите беа природни. Ги ископуваа на Урал и во Сибир, златарите високо ги ценеа и беа неколку пати поскапи од вештачки произведените камења. Највредните скапоцени камења беа користени за накит наменет само за изложби, на пример, во Дијамантскиот фонд.
Во златарниците, се разбира, имаше и оддели со бижутерија, но таа беше популарна само меѓу младите девојки. Во 1980-тите љубителките на модата носеа огромни пластични обетки и ѓердани кои ги комбинираа со сребро и злато.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче