Германската армија го затвори кругот околу Ленинград по копно на 8 септември 1941 година. Започна страшната блокада на вториот по важност град во Советскиот Сојуз, долга 872 дена.
Ленинград веднаш беше изложен на силно бомбардирање од „Луфтвафе“, а во одбрана на граѓаните, станбените делови на градот и бројните споменици на архитектурата беа вклучени сите расположливи сили и средства на ПВО. Токму тогаш, за прв пат во воената историја на Русија, во судир со непријателските авиони влегоа слепи борци.
Заедно со радарите, главен начин на откривање на непријателската авијација беа таканаречените фаќачи на звуци. Гломазните конструкции се состоеја од системи на цевки со различни димензии кои овозможуваа на голема далечина да се слушне звукот на непријателските авиони кои се приближуваа.
Тој звук го наслушнуваа војниците кои поминаа посебна селекција, таканаречените „слушачи“. Екипажите на фаќачи на звук ја ротираа апаратурата така што звукот во ушите на стручњаците да биде со иста јачина. Кога ќе откриеја дека непријателот се приближува, веднаш ги предупредуваа другарите, по што светлината на бројните рефлектори беше насочувана кон небото во потрага по цели, а противвоздушните орудија беа ставани во состојба на борбена готовност.
За жал, ефективноста на работата на првите „слушачи“ не беше најдобра, а кон крајот на 1941 година, командата на силите за ПВО реши да направи храбар потег и во одбрана на градот ги повика слепите. За откривање на непријателската авијација не беше доволно да се биде одличен, туку беше неопходно да се има извонреден слух каков што токму тие имаа.
На почетокот на 1942 година во градот имаше нешто повеќе од 300 слепи лица. Многумина работеа во специјални работилници за производство на маскирни мрежи за зградите, ракавици за војниците или влечки за ранетите. Многумина го креваа борбениот дух на војниците настапувајќи во музички ансамбли.
Селекцијата на „слушачи“ беше повеќе од строга. Жените веднаш ги исклучуваа, бидејќи службата бараше исклучителна физичка издржливост. На крајот, триесет од нив ја поминаа лекарската комисија, од кои дваесет посетуваа специјални курсеви за обука. На крајот беа избрани само 12 мажи кои имаа исклучителен слух. Овие „слушачи“ беа распоредени во противавионско-артилериските полкови.
Новите борци акустичари, кои до вчера штимаа клавири или виртуозно свиреа на хармоника, мораа да поднесат неверојатни напори на повеќечасовните дежурства. Многу често вревата на авионите требаше да ја чујат низ артилериската канонада за време на гранатирањата на градот.
Писателот и поет Семјон Битовој најдобро го опиша подвигот на слепите „слушачи“ во својот расказ „Ленинградска балада“ во 1974 година. „Слушачите прво ги симнуваа своите шапки-ушанки и на глава ги ставаа кожните шлемови кои го покриваа речиси целото лице, потоа ќе се навалеа во седиштата и, потпирајќи се со тилот во потпирачите за глава преслечени со мазна кожа, ги вртеа копчињата, по што бавно и претпазливо ќе почнеа да се вртат звучниците. Во воздухот имаше многу различни звуци кои создаваа компактна врева, со која одвреме-навреме се мешаа далечното штракање на митралезите, свирежот на ракетите или експлозиите на мините...“
„Слушачот“ Алексеј Бојко.
Јавен домен„Потрагата во воздухот траеше неколку часа во континуитет, а понекогаш и цела ноќ, и за сето тоа време требаше да се вртат звучниците и да се држи главата во иста положба“, пишува Битовој.
„Од силната напнатост се појавуваше болка во слепоочниците, а вратните пршлени беа на работ на пукање. Беше потребна неверојатна сила, фокусираност, издржливост, за да се наслушнува небото, бидејќи во секој момент можеше да се слушне сомнителен звук“.
Слепите заштитници веднаш покажаа висока ефикасност. Тие можеа да ја слушнат непријателската авијација долго пред таа да се приближи до линијата на фронтот. И додека во градот сé уште беше прилично тивко, „слушачите“ веќе предупредуваа на опасност. Тие можеа да го одредат типот и марката на германските авиони што се приближуваа, а често и приближниот број на летала во групата.
Меѓу специјалните борци имаше и загуби. Аверкиј Никонов загина на должност во февруари 1942 година, а Василиј Ципленков беше демобилизиран летото истата година и набрзо почина од дистрофија.
Меѓутоа, другите слепи „слушачи“ го дочекаа сонуваниот пробив на блокадата на Ленинград во 1944 година. По Победата, наградени со бројни признанија за спасување на животите на илјадници луѓе и зачувување на стотиците споменици на културното наследство, тие им се вратија на своите мирнодопски професии.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче