„Ноќните вештерки“ и нивниот командант беа ноќна мора за Германците во Втората светска војна

Командантот на полкот Евдокија Бершанска.

Командантот на полкот Евдокија Бершанска.

Аркадиј Шајхет/russiainphoto.ru
Такво непопуларно име Германците му дадоа на 588-от женски авијациски полк на лесни ноќни бомбардери. Под раководство на Евдокија Бочарова, оваа единица претставуваше сила која му приреди многу непријатности на непријателот.

Германците ги нарекуваа „ноќни вештерки“, а другите советски пилоти ги нарекуваa „сестрички“, „небесни суштества“ и „ластовици“. Жените-пилоти на 588 полк на лесни ноќни бомбардери полк не војуваа во моќни брзи авиони, туку во тивки двокрилци, но не претставуваа помала опасност за непријателот.

Од првиот ден на нејзиното формирање до самата Победа, на чело на оваа уникатна воена формација беше Евдокија Бочарова (Бершанска).

Тивок ноќен лет

Жени-пилоти на 46 гардиски ноќен бомбардерски полк („Ноќни вештерки“).

588 полк не беше единствената авијациска единица во Военото воздухопловство на Црвената армија. Пред него, во октомври 1941 година, беше формиран 587 бомбардерски полк со авиони Пе-2, како и 586 ловечки авијациски полк. Меѓутоа, само во „ноќните вештерки“ жените ги извршуваа сите должности, од механичар и техничар до навигатор и пилот.

Главно летало на овој полк беше авионот У-2 (По-2), направен во текот на 1920-тите за примена во земјоделството, т.е. за обработување на полињата со ѓубриво. Во воено време се користеше за потребите на врскарите, за снабдување на партизаните и опколените единици, како и за ноќно бомбардирање.

Едноставен за управување и евтин за производство, У-2 можеше за полетување и слетување да користи дури и мала „лединка“. Леташе со мала брзина, а фактички лебдеше веднаш над крошните на дрвјата, што го правеше исклучително незгодна мета за брзите „Месершмити“.

„Ноќни вештерки“

Се разбира, таков кревок и тивок авион не можеше да врши борбени летови во текот на денот, но затоа ноќе У-2 беше многу моќно оружје. Пред да ја пикира целта, пилотот ги гасеше моторите, така што авионот неочекувано ќе „изнуркаше“ од темнината и прецизно погодуваше непријателски објект или група војници собрани околу оган. Специфичниот звук што тогаш го испушташе авионот ги потсетуваше Германците на звукот на метла, поради што на оваа единица ѝ го дадоа таквиот прекар.

Родена за водач

Девојки-офицери на 46 Тамански гардиски ноќен бомбардерски полк, 325 дивизија на ноќни бомбардери, 4 воздухопловна армија: Евдокија Бершанска (лево), Марија Смирнова (стои) и Полина Гељман.

Евдокија Бочарова за време на војната се презиваше Бершанска. Таа беше идеален кандидат за позицијата командант на полкот. Покрај неопходната цврстина на карактерот и организациски способности, таа имаше и долгогодишно искуство во цивилната авијација. Во предвоениот период беше инструктор за летање и обучи десетици пилоти.

„Евдокија Бершанска беше вистински командант: строга, скромна и одмерена“, напиша подоцна Ирина Дрјагина, пилот во овој полк: „Таа никогаш не искара или пофали никого додека прво не испита сè. Но, нејзината цврста рака се чувствуваше насекаде, особено во организацијата на борбените задачи. За време на летовите, таа речиси секогаш присуствуваше на стартот и во случај на потреба, доколку командата на дивизијата ѝ дозволеше, сама леташе на задача. Најчесто сама се качуваше до пилотската кабина каде што екипажот го чекаше сигналот за полетување и ги даваше последните инструкции. Тоа го правеше со сув тон, со строг поглед и без насмевка. Но, секоја од нас ги чувствуваше нејзината доверба и грижата за нас и ние бевме подготвени да ја извршиме секоја, дури и најсложената задача“.

Поликарпов По-2

Како личност со многу силна волја и иницијатива, Евдокија успеа за кратко време да создаде цврст и сплотен колектив кој беше подготвен да ги извршува дури и најсложените борбени задачи. Во воени услови обуката на жените-пилоти траеше само шест месеци, па Бершанска правеше сé младите и неискусни девојки што поскоро да стекнат самодоверба.

Херој без звањето Херој

Командантот на полкот Евдокија Бершанска (друга од лево) прима рапорт на воздухопловна екипа.

Под раководство на Евдокија Бершанска, 588 полк помина тежок пат од Ростовската област до Германија и учествуваше во ослободувањето на Северен Кавказ, Крим, Белорусија и Полска. За храброста и смелоста на припадничките на полкот, оваа единица на 8 февруари 1943 година го доби звањето „Гардиска“ и беше трансформирана во 46 гардиски ноќен бомбардерски авијациски полк. „На нашата радост ѝ немаше крај! Помина само еден месец откако дојдовме на фронтот“, се сеќава подоцна Евдокија Давидовна Бершанска.

Евдокија Бершанска, Надежда Попова и Ирина Себрова до земјанка на фронтот.

„Руската авијација на комарци“, како што Германците го нарекуваа полкот на Евдокија Бершанска, за време на војната изведе речиси 24.000 летови, уништи и оштети 17 речни премини, 9 возови, 2 железнички станици, 26 магацини, 12 цистерни со гориво и 86 непријателски митралески гнезда. Полкот загуби 32 девојки, кои загинаа во борба и авионски несреќи или умреа од болест. Тоа беше исклучително низок показател во споредба со другите единици.

Припаднички на 588 ноќен бомбардерски полк „Ноќни вештерки“.

Дваесет и три жени-пилоти кои служеа под команда на Бершанска станаа Херои на Советскиот Сојуз. Самата Бершанска, пак, како командант не го доби ова високо звање, иако имаше многу други награди. Работата е во тоа што за звањето херој таа требаше да изврши најмалку триста борбени летови, а Евдокија Давидовна изведе само дваесет и осум.

Евдокија Бершанска ја прецизира борбената мисија пред полетувањето.

„Сепак, не беше правично да не ја предложат за звањето Херој“, се жалеше началникот на штабот на нивниот полк Ирина Ракобољска: „Таа навистина леташе малку, и тоа само со дозвола на командантот на дивизијата кога над целта ситуацијата беше многу сложена, бидејќи нејзиниот личен лет немаше значење бидејќи во авионите немаше радио-предаватели и таа не можеше да го предводи полкот. Најважно беше нејзиното лично раководење со летовите на стартот и оперативно управување со борбената задача. А зарем други команданти не беа наградувани за подвизите на нивните единици?“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња