Дванаесет советски жени кои им ја „запржиле манџата“ на нацистите

Људмила Павличенко

Људмила Павличенко

Archive Photo
Советските жени во Втората светска војна често не биле ништо помалку храбри од мажите. Јуначки се бореле против непријателите како пилоти, тенкисти, снајперисти или партизани. Деведесет жени за придонес ја имаат добиено највисоката воена награда – звање Херој на Советскиот Сојуз.

Лидија Литвјак

Пилотот на ловечки авион Лидија Литвјак е најдобриот војник од женскиот пол на сите времиња. Има однесено 12 победи во воздух. Загината во борба на 1 август 1943 година во 22 година од животот.

Екатерина Буданова

Екатерина Буданова исто така била ас. Се борела заедно со Лидија Литвјак. Има однесено 11 победи. Не го дочекала крајот на војната. Убиена е во 1943 година кога имала 26 години.

Марија Октјабрскаја

Кога започнала Втората светска војна Марија Октјабрскаја го продала сиот свој имот и парите ги дала како прилог за набавка на тенк. На новиот тенк му го дала името „Воена другарка“ и лично од Сталин добила одобрение да управува со него. Октјабрскаја била првата жена-тенкист на светот. Смртно била ранета на северот од Белорусија во 1944 година кога имала 39 години.

Зоја Космодемјанскаја

Зоја Космодемјанскаја е првата жена која во текот на Втората светска војна го добила звањето Херој на Советскиот Сојуз. Била диверзант во германскиот тил. Фатена е, мачена и обесена на 21 ноември 1941 година кога имала само 18 години. Зоја Космодемјанскаја подоцна станала еден од најупотребуваните симболи на отпорот на нацизмот во Советскиот Сојуз.

Наталија Меклин

Наталија Меклин била командир на одредот на познатиот 46 гардиски ноќен бомбардерски полк познат под називот „Ноќни вештерки“. Има изведено 980 борбени летови и го дочекала крајот на војната. Почина во 2005 година во 83 година од животот.

Људмила Павличенко

Људмила Павличенко има ликвидирано 209 непријатели и со самото тоа е најдобрата жена-снајперист, а спаѓа и во најдобрите снајперисти на светот. Павличенко во 1942 година ги посетила САД во состав на советската делегација и се сретнала со претседателот Франклин Рузвелт. Починала во 1974 во 59 година од животот.

Татјана Макарова

Командирот на одред на полкот „Ноќни вештици“ Татјана Макарова загинала во борба на 25 август 1944 година на небото над Полска. Имала 23 години.

Александра Самусенко

Александра Самусенко била командир на тенк Т-34 и единствена жена заменик-командант на тенковски баталјон. Имала 23 години кога на 3 март 1945 им подлегнала на раните добиени во борба.

Роза Шанина

Снајперистот Роза Шанина била позната по тоа што со две непрекинати пукања гаѓала две цели. Има ликвидирано 59 непријателски војници и офицери. Убиена е на 28 јануари 1945 година во 21 година од животот.

Нина Петрова

Нина Петрова имала 46 години кога завршила Големата татковинска војна. Таа била најстарата жена-снајперист. Доброволно стапила во армијата и во текот на целата војна има ликвидирано 122 непријателски војници. Загинала во сообраќајна незгода наспроти победата на 1 мај 1945 година.

Хелена Кулман

Советската Естонка Хелена Кулман била разузнавач и дејствувала на територијата на Естонија што ја окупирале нацистите. Била фатена и погубена на 6 март 1943 во 24 година од животот.

Анела Кшивоњ

Анела Кшивоњ била обичен војник во независниот женски баталјон на полската Народна армија „Емилија Платер“. Овој баталјон се борел во состав на советската армија. Емилија загинала на 12 октомври 1943 кога имала 19 години, спасувајќи ранети војници и важни документи од запалениот камион по нападот на германската авијација. Таа е единствената Полјачка на која ѝ е доделено звањето Херој на Советскиот Сојуз.

Прочитајте уште: Познати руски жени-воини

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња