Пет жени одликувани со звањето Херој на Советскиот Сојуз

ТАСС; Sputnik; Архивска фотографија; Ј.Бродский, Ољга Игнатович, Иван Шагин/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Валентина Терешкова беше првата жена во вселената. А Људмила Павличенко се прослави како најуспешната жена-снајперист на светот.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Валентина Гризодубова

Валентина Гризодубова стана првата жена што го доби звањето Херој на Советскиот Сојуз. Авионот АНТ-37 „Родина“, чиј капетан на екипажот беше за 26 часа и 29 минути (24-25 септември 1938 година), без слетување помина вкупно 6450 километри. За женскиот воздухопловен рекорд во должина на лет звање херој добија и копилотот Полина Осипенко и навигаторот Марина Раскова.

Во Втората светска војна Гризодубова командуваше со 101 авиотранспортен полк на Авијацијата со долг домет, при што полкот беше целосно машки. Сепак, оваа жена-пилот многу брзо ја стекна почитта на своите подредени и како воен командир, и како талентиран организатор. Таа имаше 200 налети, вклучувајќи 132 ноќни.

Валентина Гризодубова се покажа како исклучително успешна во снабдувањето на партизанските одреди во непријателската позадина. Во неколку наврати командирот лично заминуваше на опасни задачи и беше наградена со медалот „На партизан од Татковинската војна“. „Многу храбра жена, решителна, одлучна во остварувањето на она што го наумила“, пишува за неа командирот на партизанска единица Александар Сабуров.

Зоја Космодемјанскаја

Зоја Космодемјанскаја беше една од најпознатите советски хероини од Втората светска војна. За неа во СССР се снимаа филмови, пишуваа книги и песни.

За време на битката за Москва во ноември 1941 година, осумнаесетгодишната девојка беше испратена во состав на диверзантско-извидувачка група во едно од селата заземени од непријателот. Советската команда издаде наредба да се запалат населените места во близина на главниот град кои непријателот би можел да ги искористи за сместување во текот на зимата.

Зоја успеала да запали неколку куќи пред да биде заробена. Никаква тортура ни ќотек не успеаја да ја скршат, а кога ја водеа на бесилка, таа продолжи да ја повикува групата насобрани селани да водат непоколеблива борба против непријателот. На 16 февруари 1942 година Космодемјанскаја постхумно го доби звањето Херој на Советскиот Сојуз.

Прочитајте повеќе: Дванаесет советски жени кои им ја „запржиле манџата“ на нацистите

Људмила Павличенко

„Леди смрт“, така американските новинари ја нарекоа Људмила Павличенко, најуспешната жена-снајперист во историјата. Бројката непријателски војници и офицери кои таа ги ликвидираше надминуваше сто.

Германците организираа вистински лов на девојката, ангажирајќи ги за таа цел своите најдобри стрелци. Сепак, ловците излегоа жртви. Људмила ликвидираше триесетина германски снајперисти на задача.

Павличенко ги посети САД во 1942 година во состав на советската делегација. На почетокот Американците не ја сфатија девојката сериозно, бомбардирајќи ја со прашања за секојдневниот живот на жените на фронтот. Људмила на крај не издржа и дрско им одговори на новинарите, не пропуштајќи да им го навести важното прашање за отворање на втор фронт. „Господа, имам 25 години. На фронтот успеав да ликвидирам 309 фашистички освојувачи. Зарем не мислите дека предолго се криете зад мојот грб?“.

Прочитајте повеќе: Леди Смрт и Невидлив ужас: 3 советски снајперистки

Марија Октјабрскаја

Откако во една од битките во август 1941 година загина нејзиниот сопруг, Марија Октјабрскаја беша обземена од вистинска желба за одмазда. Меѓутоа, со испраќање на фронт триесет и шестгодишната врскарка, и тоа со проблеми со здравјето, не се брзаше. Марија тогаш одлучи да се обиде на друг начин.

Го распродаде целиот свој имот, најде дополнителна работа и сé што имаше уплати во Фондот за одбрана за изградба на тенк Т-34. Покрај тоа, таа му испрати и писмо на Сталин во кое го запозна со својата приказна. „За неговата смрт, за смртта на сите советски луѓе кои беа мачени од фашистичките варвари, сакам да им се одмаздам ​​на фашистичките кучиња, па затоа ја вложив целата моја заштеда од 50000 рубли во државна банка за изградба на тенк. Молам тенкот да се вика „Воена другарка“ и да ме испратат на фронтот како возач на тој тенк“.

„Таткото на народот“ ѝ излезе во пресрет на вдовицата. По завршувањето на Омското тенковско училиште, Марија Октјабрскаја стана возач-механичар на тенк кој беше изграден со нејзини средства и успешно се бореше сé до својата смрт на 15 март 1944 година.

Валентина Терешкова

До идејата за испраќање жена во вселената советското раководство дојде по успешниот лет на Јуриј Гагарин во 1961 година. И додека првиот машки космонаут беше баран меѓу воените пилоти, достојната кандидатка беше избрана меѓу стотиците девојки кои се занимаваа падобранство. Тоа беше Валентина Терешкова.

Првата жена космонаут полета кон вселената на 16 јуни, а летот траеше речиси три дена, за време на кои нејзиниот брод „Восток 6“ ја обиколи Земјата 48 пати. Терешкова до ден-денес е единствената жена во историјата која летала во вселената сама, без други членови на екипажот.

По триумфот Валентина Терешкова, одликувана со звањето Херој на Советскиот Сојуз, реши да ѝ се посвети на политиката, со што се занимава и денес. Таа беше во состав на одредот космонаути до 1997 година, но повеќе не леташе во вселената.

Прочитајте повеќе: Несекојдневниот животен пат на првата жена-космонаут на светот

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња