Петте најважни дворски преврати во Русија

Историја
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
Одекот на страшната постапка на првиот руски император се пренесе низ целиот 18 век, во кој Русија доживеа пет насилни свргнувања на владетелите.

Петар Велики ја сакал својата држава повеќе од својот роден син. За разлика од Иван Грозни, чие учество во смртта на својот наследник не е докажано, царот Петар лично издавал наредби неговиот син, принцот Алексеј, да се подвргне на мачење поради велепредавство и обид да избега Европа. Алексеј веројатно и починал во тие маки. „За мојата татковина и за народот не го жалев својот живот, и не го жалам, па како тогаш да се сожалам на тебе, недоличен“, му напишал Петар на принцот.

Царот бил толку потресен од предавството на синот што во 1722, неколку години по смртта на Алексеј, го издал фамозниот закон за наследување на престолот. Со него се укинати древните обичаи власта да се пренесува по машка линија и пропишал монархот да именува наследник по свој избор. Но, кога починал Петар, не стасал да го именува својот наследник.

Екатерина I

Наводно императорот Петар на умирање напишал или изговорил: „Дајте сѐ...“ и не ја завршил реченицата. Не се зачувани никакви веродостојни докази тоа тоа навистина се случило. По смртта на Петар единствен наследник по машка линија бил неговиот внук и имењак, Петар Алексеевич, идниот Петар Втори.

Петар велики уште во 1724 година ја крунисал својата сопруга Екатерина како руска императорка. Но, таа не само што немала потекло од родот Романови, ами, згора на тоа, потекнувала од народот. Сепак, на страната на Екатерина биле Александар Меншиков, десната рака на Петар, и Андреј Исерман, шефот на руската дипломатија. Екатерина била неутешна по смртта на својот сопруг и фактички не учествувала во одлучувањето за сопствениот понатамошен статус.

Ноќта наспроти 18 јануари 1925 година императорот бил во претсмртна агонија кога Александар Меншиков свикал специјален состанок на кој учествувале сите важни великодостојници во империјата. Се водел остар спор меѓу приврзаниците на Екатерина и претставниците на старата аристократија кои биле на страната на Петар Втори. Среде расправата во салата упаднале имераторските гардисти на Преображенскиот и на Семјоновскиот полк. Тие биле на страна на актуелната власт што ја претставувал Меншиков. Гардата барала на престолот да се устоличи императорката Екатерина Алексеевна.

Со приврзаниците на Петар Втори е постиган компромис тој да биде следниот на ред за устоличување, што подоцна било и запишано во тестаментот на Екатерина Втора. Таа непрестајно тагувала по својот сопруг и починала во 1727 година. Тогаш не дошло до дворски преврат – тронот го наследил Петар Втори.

Ана Ивановна

Ниту Петар Втори не владеел долго. Починал во јануари 1930 години од сипаници. Не оставил тестамент, ниту објавил кој ќе му биде наследник. Со неговата смрт е прекината машката линија во родот Романови. Останале само двајца потомци од првиот император: внукот Петар Трети Фјодорович, син на неговата ќерка Ана Петровна и Карл Фридрих, војводата од Шлезвиг-Холштајн-Готорп, и ќерката Елизавета Петровна.

Меѓутоа, членовите на Врховниот таен совет кој тогаш управувал со Русија, односно кнезовите Голицини и Долгорукови, како претставници на старата московска аристократија истакнале свој кандидат. Од аристократска гледна точка Елизавета Петровна (1709-1762) е родена надвор од законскиот брак на нејзините родители, а принцот Петар Трети Фјодорович бил протестант. Поради тоа тие одлучиле на престолот да ги донесат наследниците на Иван Петти Алексеевич, брат и совладетел на Петар Велики, односно неговата ќерна Ана Ивановна, која во 1710 година се омажила за курландскиот војвода Фридрих Вилхелм и по неговата смрт била регент на Курландското војводство.

Ана била повикана на рускиот трон под услов да потпише „Кондиции“, односно документ што го составиле членовите на Врховниот таен совет. Според овие Кондиции (односно услови) Ана немала право самостојно да управува со буџетот, да објавува војна и да именува наследник. Тоа фактички значело дека нејзината власт ќе биде марионетска.

Меѓутоа, кога стасала во Москва на крунисувањето Ана сфатила дека општеството и благородништвото се на нејзината страна. Затоа ја искористила моќта на гардата. Како што овој настан го опишал шпанскиот амбасадор Џејмс Стјуарт, грофот од Бервик, војвода де Лирија, „офицерите на гардата и други што дојдоа во голем број почнаа во присуство на царицата да викаат дека не сакаат некој друг да ги потпишува законите на нивната царица, која треба да биде ист онаков самодржец, како што беа и нејзините претходници“. Така, Ана во присуство на сите великодостојници ги скинала „Кондициите“ и почнала да владее како самодржец.

Иван VI (Ана Леополдовна)

Ана Ивановна со сите свои сили се трудела рускиот престол да не замине надвор од родословието на Иван Алексеевич, и поради тоа неколку дена пред својата смрт за наследник го именувала малолетниот Иван Антонович, внук од својата постара сестра Екатерина Ивановна. Екатерина се омажила за Карл Леополд, војводата од Мекленбург-Шверин и ја родила ќерката Ана Леополдовна. Иван Антонович бил нејзин син од бракот со Антон Урлих од Браунпвајг.

Иван Шести е прогласен за император во 1740 година, а регент му бил Ернст Бирон, миленик на покојната Ана. Веќе по две недели гардистите го уапсиле Бирон и ја прогласиле Ана Леополдовна за регент на рускиот трон. Но, една година подоцна власта ја зазела Елизавета Петровна. Целото таканаречено „семејство Брауншвајг“, односно Ана Леополдовна и Антон Ирлих со нивниот крунисан син и со другите деца се прогонети на рускиот Север, а потоа синот е одвоен од родителите и е фрлен во самица во тврдината Шлисељбург, каде е убиен за време на обид за бегство во 1764 година.

Елизавета Петровна

Дел од руското општество бил револтиран кога престолот по Ана Ивановна му припаднал на малолетниот Иван Антонович, зашто сѐ уште била жива и здрава Елизавета Петровна, ќерката на Петар Велики. Нејзе Ана Ивановна уште како млада ја оддалечила од царскиот престол, стравувајќи дека Елизавета ќе го преземе. Со оглед на тоа дека во времето на Ана со земјата управувале главно нејзините пријатели Германци, односно Ернст Бирон, маршалот Бурхард Миних и канцеларот Андреј Остерман, Елизавета како „вистинска Русинка“ уживала поддршка кај широките кругови.

Елизавета Петровна благовремено воспоставила пријателски односи со гардистите од Преображенскиот и од Семјоновскиот полк што ги основал нејзиниот татко. Ги посетувала касарните, учествувала во празниците на гардистите, па дури и била кума на крштевањето на нивните деца.

Ноќта на 25 ноември 1741 година Елизавета дошла во касарната на Преображенскиот полк во Петербург и ги изговорила своите познати зборови: „Пријатели мои! Вие знаете чија ќерка сум јас, тргнете по мене“. Од касарната со гардистите отишла директно во Зимскиот дворец, каде биле уапсени Ана Леополдовна и нејзиниот сопруг Антон Улрих. Кога на царицата ѝ го донеле малолетниот Иван Шести, Елизавета го зела во своите раце со зборовите: „Малечок, ти не си виновен за ништо“. Но, тоа не ѝ пречело подоцна да го испрати „малечкиот“ на доживотна робија.

Екатерина II

Елизавета Петровна сакала да го остави тронот на „Петровиот“ огранок на родословието, и уште во текот на својот живот го именувала Карл-Петер од Холштајн-Готроп, идниот император Петар Трети Фјодорович, кој во 1742 година живеел во Русија со сопругата Софија Фредерика, идната Екатерина Велика.

Петар царувал нешто повеќе од половина година, од декември 1761 до јуни 1762 година, кога од престолот го симнала сопствената сопруга. За време на владеењето успеал против себе да ја сврти војската (со склопување мир со Прусија) и свештенството (со секуларизација на црковните земји). Веќе во 1762 година Екатерина била во отворена конфронтација со својот сопруг, па околу себе ги собрала истомислениците. На нејзина страна биле угледни великодостојници и гардата, односно Преображенскиот и Измаиловскиот полк (со вториот раководел соработникот на Екатерина Кирил Разумовски).

Превратот е извршен на 28 јуни 1762 година. Императорот Петар Трети бил надвор од градот кадешто го прославувал својот именден, а во Петербург за тоа време гардата положила заклетва пред Екатерина како нова императорка, а потоа тоа го сториле и членовите на Сенатот и на Синодот. Петар дознал дека е свргнат кога сѐ веќе било готово. Уште неколку недели преземал слаби обиди да се врати на власт, за на крајот писмено да се одрече од престолот. Тоа се случило на 12 јули 1762 година, а ноќта помеѓу 16 и 17 јули императорот починал под неразјаснети околности. Не се знае дали Екатерина била упатена и во завера чија цел била убиство на нејзиниот сопруг.

Во манифестот за стапување на престолот се вели дека свгнувањето на Петар Фјодорович било засновано на неговиот обид да ја смени државната религија и да склопи мир со Прусија. Своето сопствено право на рускиот трон (и покрај наследникот Павел Петрович) Екатерина го образложила со „отворената и нелицемерна желба на сите наши поданици“. Крунисана е во Москва во октомври 1762 година.