Зошто Николај I го доби прекарот „жандармот на Европа“?

Russia Beyond (Photo: SSPL/Getty Images; Sotheby's, London/Public Domain)
Непоколеблив автократ, „џелат“ кој бесеше револуционери и татко на руската бирократија – сето ова беа епитети на царот Николај I во Русија. Во странство доби поинаков прекар: „жандармот на Европа“, и со него влезе во историјата. Еве како се стекна со таа репутација.

Периодот на владеењето на Николај I беше комплициран и полн со противречности. Таков беше и самиот цар. Но, во руската и европската историја овој владетел влезе пред сé со негативни епитети.

Како Николај се најде на престолот?

Портрет на великиот кнез Николај Павлович, 1847.

Николај Павлович беше третиот син на императорот Павел I и последен во редот за наследување на престолот. Според тоа, семејството не го ни подготвуваше за царување и речиси и не го упатуваше во прашањата поврзани со управување со државата. Како и другите велики кнезови, тој се здоби со одлично воено образование, пред устоличувањето имаше неколку гардиски единици под негова управа и во исто време беше и главен инженер на руската армија.

Меѓутоа, сé се смени кога неговиот постар брат (тогаш веќе актуелен император) Александар I ненадејно почина во 1825 година. Средниот брат Константин во тоа време беше во Варшава и упорно одбиваше да седне на престолот, но и официјално да се откаже од тронот. Додека Константин се колебаше, во престолнината војската веќе му се заколна на верност, како и неговиот помлад брат Николај Павлович. Така, приврзаниците на двајцата „наследници“ добија време подобро да се организираат.

Востанието на Сенатскиот плоштад на 14 декември 1825, Карл Колман, 1830-тите

На крајот, под притисок на семејството и елитата, Николај Павлович реши да дејствува. Себеси се прогласи за император и го одреди 14 декември како ден за повторно полагање на заклетвата за верност. Тој ден, на Сенатскиот плоштад пред Зимскиот дворец револуционерите изведоа дел од војската од касарните, наводно за да го заштитат правото на Константин, бидејќи, наводно, Николај му го зема престолот. Но, планот на револуционерите (кои подоцна го добија називот „декабристи“) не вроди со плод. Армијата не ги поддржа бунтовниците, па затоа бунтот беше задушен. Николај ги испрати петте иницијатори на бунтот на бесилка. Со таа крвава епизода започна неговото владеење.

Каков беше како владетел?

Николај I цврсто веруваше дека монархијата е единствениот облик на владеење погоден за Русија. Со самото тоа сметаше дека сите промени во либерална насока се погубни за државата. Тој беше конзервативец, а неговата државна политика беше опишана со три постулати: самодржавие, православие и национализам (парафраза на воената парола „За верата, Царот и Татковината“ настаната на почетокот на XIX век).

Николај I објавува дека избило востание во Полска. Автор на сликата е Георг Бенедикт Вундер.

„Николај си постави задача ништо да не менува, во основа да не внесува никакви новини, туку само да го одржува постоечкиот поредок и да ги пополнува настанатите празнини“ – вака ја опиша неговата политика историчарот Василиј Кључевски.

Самиот се занимаваше со управуваше со земјата, а им даде и одредени овластувања на своите министри, на кои сите функционери беспрекорно им се потчинуваа (а нивниот број нагло се зголеми). Општеството беше исклучено од тој процес. А за да знае што мислат луѓето и да го контролира јавното мислење, основаше нов орган наречен Канцеларија на Неговото Императорско Височество. Нејзиното Трето одделение меѓу народот стана познато како „тајна полиција“. Таа ги следеше „несигурните елементи“, ги цензурираше литературните дела и написите во весниците и му поднесуваше редовни извештаи на царот.

Бунтот на декабристите на некој начин го одбележа целото владеење на Николај I: „Тој го доживеа тој настан како Божја промисла и сметаше дека Бог го повикува да се бори против револуционерната зараза, не само во неговата земја, туку и во Европа. Имено, тој сметаше дека декабристичкиот заговор е дел од поширок европски заговор“, смета историчарот Леонид Љашенко. Таа убеденост дека постои револуционерна опасност ја трасираше неговата надворешна политика.

Зошто го доби прекарот „жандарм“?

Портрет на императорот Николај I, 1835, Франц Кригер.

Николај I е устоличен со убедување дека на Руската империја ѝ се заканува револуција и дека таа опасност доаѓа од Запад. Според него, на Русија ѝ одговара мирна ситуација и цврста власт во европските земји. Затоа, секогаш кога некоја нова револуција ќе ја потресеше Европа, рускиот император сметаше за своја света должност брзо да реагира и да се бори против неа.

Така, во 1830 година руската армија насилно го задуши полското востание против руската власт. Следниот ветар на револуцијата дувна во 1848 година од Франција, кога кралот Луј-Филип I беше соборен и беше прогласена Втора Француска Република. Револуционерното расположение се прошири од Франција во други земји, конкретно во Италија и Австрија. Само една недела по француското востание, Франц Јосиф побара од рускиот император да му помогне против востанието во Унгарија, кое можеше да доведе до колапс на Австроунгарската империја и формирање коалиција против Русија. Николај I се ужаснуваше од новонастанатата ситуација и затоа во 1849 година испрати 170.000 руски војници и офицери да ѝ помогнат на Виена. Таа интервенција одигра главна улога во поразот на Унгарците кои се бореа за својата независност.

„Влегувањето на руските трупи во Париз“. 31 март 1814 година“, непознат уметник, 1815 година.

Токму тогаш европскиот печат почна да го користи терминот „жандармот на Европа“ кога пишуваше за Русија и нејзиниот цар. Подоцна, во советската историографија, тој термин ќе се поврзе со зборовите на Владимир Ленин, кој во својата статија од 1908 година под наслов „Настаните на Балканот и во Персија“ исто така истакна дека во 1849 година Русија морала да ја игра улогата на жандарм против одредени европски земји.

Како и да е, револуцијата тогаш не ја премина границата на Руската империја. Режимот на Николај I се заниша кога императорот ја прецени силата на сопствената држава во војната против Османлиското царство 1853-1856 година. Тогаш тој направи неколку катастрофални грешки во процената и на крајот доживеа пораз, по што дури и конзервативно настроените граѓани на Русија почнаа да се сомневаат во неговиот режим.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња