Зошто била расформирана тајната полиција на рускиот царски режим?

Егор Ботман / Музей Гвардии, Санкт-Петербург / Public Domain
Во очите на современиците, семоќното Трето одделение, тајната полиција на царскиот режим, било група поткажувачи чија единствена задача била „задушување на слободите“. И покрај оваа „пожелна“ репутација, тоа било расформирано. Еве како се случило тоа.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
  • Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа https://mk.rbth.com/subscribe

„Еден ситен трговец во Петербург имаше прекрасен огромен мачор од сибирска раса. Сопственикот и неговите соседи го обожаваа мачорот, па дури и градскиот позорникар секој пат му приоѓаше да го погали. Но, одеднаш мачорот исчезна, а продавачот горко плачеше за својата загуба. Два дена подоцна доби радосна вест дека неговиот мачор бил виден на плоштадот и дека таму бил врзан за врвка, а германски капетан на брод го продава за 25 рубли сребро меѓу другите ретки животни што ги донел од странство. Продавачот оди кај капетанот и му ја објаснува ситуацијата, но тој не го слуша ништо и само повторува: „Данциг, Данциг“,  додека трговецот одговара: „Каков Данциг? - Не е од Данциг, тоа е мојот мачор што го познава цел пазар“, но тврдоглавиот Германец одбива да го врати мачорот. Тогаш трговецот јурнал кон пазарот и собрал неколку негови соседи и еден позорникар. Повторно, на плоштадот започнува жестока кавга, но најпосле со помош на други германски капетани на бродови, лажниот сопственик му ја враќа мачката на вистинскиот сопственик“.

Тајните агенти како чувари на моралот

Оваа симпатична урбана легенда тешко дека би била запишана во историјата да не било Третото одделение на личната канцеларија на Неговото царско височество, вечно будното око на рускиот владетел. Ова око сакало со својот поглед да ги опфати животите на сите поданици, од ситниот продавач до кнезот. Агентите на таквата полиција грижливо ги собирале сите градски интриги и затоа нејзините документи се енциклопедија и богат извор на информации за рускиот живот. Меѓутоа, во сеќавањето на луѓето Третото одделение имало сосем поинаква репутација.

На 14 декември 1825 година претставници на угледни аристократски семејства, кои подоцна влегоа во историјата како „декабристи“, се обиделе да го искористат застојот во постапката за преземање на тронот, да организираат воен бунт и да го отстранат идниот цар Николај I. Најдрските меѓу нив предлагале да се убие целото царско семејство, но заштитниците на тронот биле побројни. Посебна улога во откривањето на заговорот имал херојот од војната против Наполеон и личен пријател на царот, генералот Александар Бенкендорф. На денот на востанието тој командувал со единица на државната војска, а потоа бил член на Истражната комисија во случајот на Декабристите.

Гроф Александар Христофорович Бенкендорф, 1835.

Инспириран од искуството на Жозеф Фуше, легендарниот Наполеонов министер за полиција, Бенкендорф раководел со новиот орган на политичка истрага во 1826 година - Третото одделение на личната канцеларија на неговото царско височество. Покрај тоа, Бенкендорф ја воспоставил функцијата шеф на жандармеријата (и лично ја презел) и во 1827 година формира Посебен корпус на жандармеријата. Така, раководењето со полицијата и жандармеријата се нашле во рацете на истото лице.

Куќата на Кочубеј, поранешно седиште на Третото одделение на личната канцеларија на Неговото Царско Височество, улица „Фонтанка“ бр. 16, Санкт Петербург

Според замислата на витешки настроениот Бенкендорф, неговото чедо не само што требало да го чува тронот, да ги смирува бунтовите и да ги искоренува опасните мислења, туку пред сè требало да му служи на општеството. Имено, неговите задачи биле разоткривање на проневери од државната каса и борба против злоупотреба на службената положба. „Да се ​​донесе гласот на страдалното човештво до царскиот престол и неодложно да се стави незаштитениот граѓанин под највисока заштита на царот господар“ - оваа цел главниот жандар на империјата ја поставил пред своите подредени. Не случајно се појавила легендата за шамивчето што Николај I, наводно, му го подарил на Бенкендорф како илустрација за поставените задачи: со него да ги избрише солзите на несреќниците.

Каква репутација го следела Третото одделение

Властите се обидувале да ги привлечат во своја служба довчерашните бунтовници. Бенкендорф му предложил на поетот Александар Пушкин да се приклучи на Третиот оддел, а на неговиот брат Лав во дивизион на жандармеријата. Меѓутоа, аристократијата не брзала да ги прифати овие покани, имајќи предвид дека петмина декабристи биле обесени, и дека нивните другари, исто така членови на благороднички семејства, се нашле заточени „во длабочините на сибирското стење“ (стихови од песната на Пушкин посветена на декабристите). Самиот тој факт му ја нарушил репутацијата на одделението.

„Пушкин и Бенкендорф“, дело на Александар Китаев

Покрај тоа, руското општество длабоко ја презирало полициската работа. Еве што напишал еден современик за Бенкендорф и неговиот најблизок соработник Леонтиј Дубелте: „Во тоа време, секој збор кажан во корист на овие двајца можеше само да го засрами нивниот покровител, да му навлече обвинувања за сервилност кон властите или блискост со Третото одделение“. Наводно, и аѓутантот на Бекендорф одбил да му служи поради страв од јавна осуда.

Во прво време во Третото одделение служеле помалку од 20 луѓе, додека во времето на неговата ликвидација во 1880 година имало 72 вработени. Тие спроведувале надзор над странците, револуционерите, студентите и фалсификаторите, се занимавале со контраразузнавачка работа и цензура, пишувале извештаи за расположението во општеството и за сите значајни настани на територијата на империјата.

Тајната полиција имала уште една неочекувана, но важна улога: решавање на семејни конфликти. Така, на пример, во 1870 година, жандармерискиот потполковник Кноп и неговиот шеф, началникот на Третото одделение грофот Петар Шувалов, ја заштитиле Јулија, сопругата на познатиот сликар на морски пејзажи Иван Ајвазовски, која била сурово тепана од нејзиниот сопруг. Нивните забелешки биле доволни да го смират бесот на нескротливиот уметник и да им обезбедат безбедност на неговата несреќна сопруга и нивните ќерки.

Униформите на руската жандармерија, 1872.

Што се случило на крај со Третото одделение     

На крајот на 70-тите години од XIX век Русија била зафатена од бран револуционерен терор, кој Третото одделение повеќе не можело да го совлада. Лав Тихомиров, поранешен револуционер кој се откажал од своите претходни убедувања, напишал за тоа време: „Третото одделение се наоѓаше во слаба и неорганизирана состојба. И беше тешко да се замисли победна политичка полиција од него. Таквата полиција совршено им одговараше на заговорниците; со неа би можеле, со сериозен план за државен удар, да направат чуда...“

Цар-ослободител бил прогонуван од револуционерите како див ѕвер: врз Александар II биле извршени 21 обид за убиство. Во 1880 година, во екот на овој крвав лов на царот, кога немоќта на Третото одделение им станала сосема очигледна на сите, тоа било укинато и заменето со Одделение на полиција во структурата на Министерството за внатрешни работи. Меѓутоа, преземените мерки не можеле да го спасат царот и на 1 март 1881 година тој починал од бомбата на Игнатиј Гриневицки.

Убиството на Александар II

Со текот на годините револуционерниот терор добивал на сила до тој степен што редакциите на весниците однапред подготвувале некролози за новоименуваните губернатори. Во тоа време преземањето на функцијата министер за внатрешни работи практично значело потпишување на сопствената смртна пресуда. Така, наследниците на душегрижниот Бенкендорф, чиновниците на Одделението на полицијата, повеќе немале време, сила ниту желба да ги опишуваат ситните секојдневни случки на жителите на Империјата, како што е приказната за трговецот и неговиот сибирски мачор.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња