Седум најважни факти за Николај Први

Franz Krüger
Неговото владеење заврши со катастрофалниот договор во Источната војна, но токму тој беше заслужен за индустрискиот раст на Русија.

Василиј Митрофанов, кој порано служел кај царот Николај Први, се сеќавал како гледал царот во очи додека се претставувал. „Со сета своја храброст, не можев да го издржам страшниот отсјај на неговото лево око кој како вжештена шајка сјаеше заслепувачки и продираше низ моите очи... До крајот на животот нема да го заборавам неговиот продорен сјај кој може да ги засрами дури и луѓето како мене, кои не припаѓаат на групата страшливци“. Екатерина Јунге, ќерката на сликарот Фјодор Толстој, се сеќава дека „царевиот поглед можеше моментално да убие човек“. Кој бил всушност човекот зад овој смртоносен поглед?

1. Бил вториот по височина меѓу руските цареви

Николај Први и престолонаследникот Александар Втори во 1854 година

По Петар Велики, кој бил висок 204 сантиметри, Николај Први се смета како втор највисок руски цар. Ова го знаеме од раскажувањата на рускиот писател Ксенофонт Полевој. По претставата во која рускиот актер Василиј Каратигин го играл Петар Велики, Николај ја споредил својата висина со онаа на Каратигин и рекол дека актерот е повисок од него: царот бил висок 189 сантиметри. „Високо чело, очи полни со оган и со величенственост, уста со малку саркастичен израз, јуначки гради, колосална висина и, секако, величествен од кој му даваше на суверенот нешто извонредно во изгледот“; напишал современикот грофот Де Паси.

2. Ја задушил Буната на декабристите

Императорот Николај Први на Сенатскиот плоштад на 14 декември 1825 година.

Владеењето на Николај први започнало со превирања - Буната на декабристите, која настојувала да ги исфрли Романови од власта и да воспостави републикански облик на власта во Русија. Буната ја запалија неколкумина млади службеници и војници кои ѝ припаѓале на државната елита. Меѓутоа, царот цврсто ја заштити монархијата и ја задушил буната, користејќи ја својата лојална војска. Но, царот воопшто не бил воодушевен што своето владеење морал да го започне со крвопролевање. „Јас сум цар, но по која цена, Боже! По цена на крвта на моите поданици“, му пишувал Николај на својот брат Константин.

3. Бил кум на руската железница

Железничката станица во Санкт Петербург

За време на владеењето на Николај Први изградена е првата руска патничка пруга, од Москва до Санкт Петербург, а токму Николај Први ја дефинирал ширината на руската железничка пруга која изнесувала 1.524 милиметри (во Европа изнесувала 1.435 милиметри). Оваа одлука што ја донел Николај имала долгорочни последици – благодарение на неа, европските непријатели на Русија не можеле лесно да ја транспортираат својата војска со железница на руско копно зашто ширината на колосекот била поинаква.

До денешен ден, возовите мораат да го менуваат меѓуосовинското растојание на руската граница со цел да продолжат до својата цел.

4. За време на неговото владеењето реформиран е рускиот правен систем

Николај Први го наградува Сперански

До 1825 година, која Николај Први станал цар, рускиот закон и системот на власта биле во лоша состојба: некои закони, дури и од пред еден век, од времето на Петар Велики, сѐ уште биле активни, заедно со многу други, што создавало хаос во сферата на правото. Николај Први му наредил на Михаил Сперански, водечки државник од тоа време, да изврши кодификација на законите, која била завршена до триесеттите години на 19 век. „Комплетната збирка закони на Руската Империја“ од 46 тома ги содржела сите закони хронолошки, а „Зборникот закони на Руската Империја“ бил закон на активни кривични и граѓански закони. За работата на кодификацијата на руските закони, Сперански бил одликуван со највисокото државно одликување, Орденот на Свети Андреј.

5. Бил предан семеен човек, но имал и љубовница

Императорката Александра Фјодоровна

Николај Први бил жесток суверен кој барал многу од своите поданици, но бил татко кој простувал сѐ и кој го сакал своето семејство. Марија Фридрикс, дворска дама, се сеќавала: „Царот Николај Павлович беше најнежниот татко на семејството, весел, шегаџија, забораваше на сериозноста секогаш кога ги минуваше мирните часови меѓу својата сакана жена, децата и, подоцна, внуците“. Меѓутоа, неговите деца не беа размазени и беа воспитувани релативно строго. Играа на отворено кога сакаа, без оглед на времето, учеа веслање од морнарите, и момчињата и девојчињата. Кога станува збор за неговите синови, Николај ги воспитувал во војнички стил, водејќи ги на вежби и на маневри со другите млади кадети, не давајќи им на принцовите никакви преференции.

Варвара Нелидова

Меѓутоа, подоцна во животот Николај и неговата сопруга полека се оддалечувале – откако родила седум деца, царицата Александра се разболела и лекарите ѝ препорачале долги одмори. Дотогаш се знаело дека царот има љубовница, Варвара Нелидова. „Царот секој ден сѐ повеќе беше зафатен со Нелидова. Одеше кај неа неколку пати дневно. Се обидуваше да биде во нејзина близина на баловите. Кутрата царица сето тоа го забележуваше и достоинствено го поднесуваше“, има напишано Марија Неселроде, дворска дама.

6. Подготвувал укинување на кметството во Русија

Николај I

Една од целите на Буната на декабристите била укинување на кметството во Русија. Николај Први, меѓутоа, исто така сфатил дека кметството го кочи развојот на земјата. За време на неговото владеење, формиран е Таен комитет кој ја разгледувал можноста за укинување на кметството. Уште во 1855 година, еден месец пред смртта, Николај му рекол на својот државник Дмитриј Блудов дека не сака да умре додека кметовите не бидат ослободени; меѓутоа, сакал да ги ослободи кметовите само ако го задржат својот земјен имот. „Дури тогаш би бил среќен, кога овие луѓе ќе бидат ослободени од кметството“, ѝ рекол Николај на Александра Смирнова-Росет.

За жал, Николај Први во текот на својот живот не успеал да ги ослободи кметовите. Меѓутоа, за време на неговото владеење им било забрането на сопствениците на кметовите да ги продаваат своите кметови без земја, а на кметовите им било дозволено да се извлечат од кметството доколку имотот се продаде за долгови. Кога Александар Втори конечно ги ослободил кметовите во 1861 година, тој и неговите државници ги користеле податоците и нацрт-законите што биле подготвувани за време на Николај Први.

7. Бил посветен сликар и музичар

„Во кафеана“, цртеж на царот Николај Први

Покрај сите важни нешта со кои се занимавал царот, тој секогаш наоѓал време за музика или за сликање. Николај како млад стекнал образование на воен инженер, што вклучувало многу цртање – мостови, топови, мапи итн.

„Бал“, цртеж на царот Николај Први

Поради тоа Николај станал добар уметник. Сакал и музика и свирел различни дувачки инструменти, што особено го инспирирало неговиот внук, идниот цар Александар Трети, да научи да свири труба.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња