Колку пари на располагање имале руските цареви?

Russia beyond (Photo: Vladimir Borovikovsky; Ivan Kramskoi; Public domain)
Можеби ќе ве изненади кога ќе слушнете дека руските цареви примале плата. Но, ретко имале можност да ги трошат на нешто тие пари.

Кога Николај Втори во црква присуствувал на литургија, често давал донација како и другите парохијци, ставајќи пари во специјален сад предвиден за тоа. Николај Втори користел кованици од 5 рубли на кои бил неговиот портрет (5 рубли во тоа време била прилична сума, месечна плата на слугинка или половина плата на фабрички работник). Меѓутоа, колку и да звучи необично, царот овие пари ги немал на директно располагање.

Како што истакнува рускиот историчар Игор Зимин во својата книга „Царевите мемоари: Приходите и трошоците на династијата Романови“, за да добие паричка од 5 рубли (како и кои и да се други пари во готовина), Николај Втори морал да напише кратка белешка во царската канцеларија. Имено, во семејството на Николај Втори и Александра Фјодоровна таа водела сметка за финансиите. „Испрати ми 3.000 рубли и две златни парички од 5 рубли“. „Испрати ми уште две златни парички од 5 рубли“. Но, зарем царот немал неограничен пристап кон сите богатства на земјата, вклучувајќи ги и парите? Всушност не.

Александра Фјодоровна со ќерките

Без работа за царевите

Пред Павел Први (1754-1801) руските цареви навистина можеле да ја користат државната благајна како свој паричник. Ништо не ги спречувало да го прават тоа. Можеби тоа била причината што Екатерина Втора по смртта оставила државен долг од 200 милиони рубли (што отприлика било трипати повеќе од годишниот буџет на Руската Империја).

Павел, синот и наследникот на Екатерина Велика, и неговата сопруга царицата Марија Фјодоровна, имале десет деца. Павел Први предвидел дека неговото потомство ќе биде бројно и дека сите тие ќе мораат да добијат финансиска поддршка од домот Романов. Секако, членовите на домот Романов не можеле да работат, ниту да водат некаков бизнис. За тоа ги спречувал нивниот статус. Затоа издржувањето од државниот буџет било неопходно за сите членови на семејството. Покрај тоа, добриот финансиски статус на членовите на домот Романов бил неопходен за да се одржи угледот на Романови меѓу европските монарси.

Павел Први сфатил дека ако не се ограничи користењето на државни фондови од страна на семејството Романови, тоа на крај ќе стане толку бројно што ќе ја испразни државната каса. Во 1797 година Павел објавил декрет со кој определил годишно издржување на членовите на семејството.

Семејството на Павел Први

Годишно издржување

Со декретот на Павел воведен е комплициран хиерархиски систем на годишни примања за членовите на царското семејство во зависност од степенот на нивната сродност со царот. Висината на годишните примања за самиот цар не беше дефинирана. Царицата годишно имала на располагање 600.000 рубли, што е огромна сума пари (годишната плата на државниот министер во тоа време била 4.000-5.000 рубли, а малата царска круна која во 1801 година е изработена за царицата Елисавета Алексеевна /1779-1826/ чинела над 50.000 рубли).

Зградата на императорското министерство за финансии

Секое дете на царот добивало 100.000 рубли сè до полнолетството, односно додека наполни 20 години. По дваесеттата година добивале по 50.000 рубли. Престолонаследникот добивал 300.000 рубли, а неговата сопруга 150.000 рубли, додека нивните деца (односно внуците на царот) добивале по 50.000 рубли до дваесеттата година, а потоа 150.000 рубли, освен внуките на царот кои го добивале овој износ додека не се омажеле.

Декретот на Павел содржел и многу услови кои ја предвидувале иднината на потомците на царот до пет генерации однапред (правнуците). До осумдесеттите години од 19 век царското семејство броело 23 члена и сите тие примале издржување, а семејството продолжило да се шири, што значело уште поголемо оптоварување за државниот буџет. Затоа во 1885 година Александар Трети примањата на членовите на царското семејство ги намалил на една третина, На пример, годишното примање на царицата е намалено на 200.000 рубли, престолонаследникот добивал 100.000 наместо 300.000 рубли, децата на царот (освен престолонаследникот) добивале само 33.000 рубли годишно. Сепак, тоа биле баснословни суми во времето кога комплетната офицерска униформа чинела 70 рубли, а за 200 рубли можело да се купи клавир.

Императорот Александар Трети со семејството

Што купувале Романови?

Во Русија царот и неговото семејство не можеле да одат на пазарење. Тоа би изискувало посебни мерки за обезбедување, царот веднаш сите би го препознале и тој потфат би се претворил во блиска средба со народот.

Затоа царевите, великите кнезови и нивните семејства оделе на пазарување за време на патувањата по Европа, каде имале можност да престојуваат инкогнито. Сестрата на Николај Втори, великата кнегиња Ољга Александровна, за своето патување во Копенхаген напишала: „Никогаш нема да ја заборавам возбудата што ја почувствував кога, за првпат во својот живот, можев да шетам по улица и да гледам по излозите, знаејќи дека можам да влезам во која било продавница и да купам што ќе посакам!“

Кралицата Викторија со синот Едвард Седми, рускиот император Николај Втори, неговата сопруга Александра и ќерката Ољга.

Во 1909 година Николај Втори и самиот минал извесно време во странство. Како што се сеќава дворската дама Ана Воробјова, Николај „зел сè што посакал, без да прашува за цената, зашто немал никаков поим за пари, со оглед дека сето тоа го плаќала државата“.

Меѓутоа, за сопствениците на странските продавници во кои купувале руските цареви и нивните роднини, не било лесно да се дојде до парите кои им следувале. Сметките се испраќале во царската канцеларија која ја контролирала сета готовина и сето купување на царското семејство. Царската канцеларија уште еднаш ги проверувала сметките со лицето што го извршило купувањето, потоа Министерството за финансии испраќало пари во конзулатот на земјата во која се вршело купувањето и дури потоа, конечно, парите му се исплаќале на продавачот. Во 19 век тоа понекогаш траело и со месеци.

Но, што всушност купувале царевите? Игор Зимин наведува некои примери. Николај Први (1796-1855) самиот купувал подароци за семејството. За својата жена ќе купел шешир (царот не го избирал лично шеширот, ами со себе водел искусна дворска дама која го познавала вкусот на царицата), бразлетна, па дури и свилени чорапи.

Црквата на Марија Магдалена во Дармштат

Но, најголемиот дел од „личните пари“ на царот и на неговите роднини обично одел на донации. На пример, во 1898 година Николај Втори испратил 500.000 рубли за хуманитарни намени, за да им помогне на семејствата кои таа година настрадале од глад. Исто така во периодот од 1896 до 1900 година Николај потрошил над 500.000 рубли од своите пари за да ја поддржи изградбата на руската капела во Дармштат, родниот град на својата сопруга Александар Фјодоровна.

Прочитајте исто така: Зошто со Русија управувале толку многу неруси?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња