Како изгледаше најголемата детска продавница во СССР (ФОТО)

Russia Beyond (Photo: Альберт Пушкарев/ТАСС; Всеволод Тарасевич/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru)
За советските деца „Детски свет“ беше своевиден Дизниленд и сите сонуваа да го посетат. Што ја правеше оваа продавница толку специфична?

Во центарот на Москва, на улицата „Лубјанка“, има огромна продавница која беше Мека за сите советски деца. „Детски свет“ (рус. Детский мир) беше најголемата продавница за играчки и други производи за деца во земјата.

По игра на судбината, ова весело место се наоѓаше веднаш до озлогласената зграда позната како „Лубјанка“ - седиштето на советската разузнавачка служба и споменикот на нејзиниот основач, Феликс Ѕержински.

„Детски свет“ е изградена во педесеттите години на местото на срушениот „Лубјански пасаж“. Новата продавница се наоѓаше кај метро-станицата „Лубјанка“, така што таму лесно се стигнуваше со јавниот превоз.

Градбата е целосно уникатна, а нејзината архитектура претставува мешавина од Сталински ампир и минималистичката архитектура од постсталинската ера. Тоа беше и првата зграда во Советскиот Сојуз со ескалатори.

Додека денешните деца имаат море од играчки, децата во советската ера имаа најмногу десетина. Сите се произведуваа во огромни количини и често беа наследени од постарите браќа и сестри. Затоа посетата на продавницата со стотици играчки за сите возрасти и вкусови беше незаборавно искуство!

Внатре „Детски свет“ беше бајковито место со огромно лоби и украсни столбови. Со години во фоајето имаше рингишпил со коњчиња.

Трите долни нивоа беа преполни со тезги со играчки и други нешта од советско производство.

Кукли, мечиња, мали возови со шини, коњчиња за лулање – во Советскиот Сојуз се произведуваа сите видови играчки.  

„Детски свет“ исто така продаваше и увозна роба, обично од социјалистичкиот блок: Чехословачка, Источна Германија, Унгарија и др. 

На оваа фотографија можете да видите момчиња кои втренчено гледаат во „Луник“, возило за истражување на Месечината со управувач со кабел, произведено во Летонија. Електричните играчки беа сон на секое дете во СССР. 

Советските деца не молеа за играчки ниту хистерично се фрлаа на подот, плачејќи и удирајќи со тупаници. Патувањето во „Детски свет“ беше свечен настан и привилегија. Децата ги носеа таму за роденден или некоја друга посебна пригода.

Понекогаш родителите ќе го наградеа детето со нова играчка доколку ја завршеше учебната година со добри оценки. А во август, пред почетокот на новата учебна година, многумина одеа во „Детски свет“ да купат училишни униформи и прибор.

Многу од денешните возрасни жители на Русија сè уште се сеќаваат на посетите на „Детски свет“ како нешто многу посебно. „Се сеќавам дека бев неверојатно возбудена ноќта пред да одиме таму. Следното утро станав многу рано и ги прашав родителите кога тргнуваме“, вели московјанката Елена (64 години).

Но и неодењето во „Детскиот свет“ им остануваше во трајно сеќавање на децата. „Се сеќавам дека сонував за играчка автомобил и многу љубезно ги прашав родителите дали можам да ја добијам за мојот роденден. Ме одведоа во центарот на Москва, но потоа ми предложија да не одиме во „Детски свет“, туку на некое друго прекрасно и мистериозно место. Бев возбуден и се согласив и ме однесоа во Историскиот музеј. И денес се сеќавам колку бев разочаран“, вели Андреј (45 години).

Освен играчки, „Детски свет“ буквално нудеше сé што им требаше на децата. Од пелени и бенкички за бебиња...

…до обувки за сите возрасти... 

…и облека за тинејџери.   

Иако во текот на целата година беше посебно место, „Детски свет“ во декември, во пресрет на Новата година, се претвораше во вистинска бајка. Огромните накитени новогодишни елки го разубавуваа лобито.

Додека фасадата беше украсена со гранки од елка и блескави светилки.

Веројатно немаше продавница во Советскиот Сојуз што продаваше толку многу новогодишни играчки, украси и подароци за деца како „Детски свет“.

Продавачите често беа облечени како Дедо Мраз и неговата помошничка Снегурочка.

Во тој период дури и толку популарниот „Детски свет“ беше преплавен од муштерии кои во редици чекаа за да набават нешто за новогодишната прослава.

По распадот на Советскиот Сојуз, „Детски свет“ остана популарно место за деца, нудејќи им на многу странски брендови и производи простор да се појават на рускиот пазар.

Во 2008 година „Детски свет“ беше затворен заради реконструкција и повторно беше отворен седум години подоцна. Лобито високо три ката беше зголемено на осум ката, а се појавија и многу нови продавници (вклучувајќи продавници на популарни западни брендови).

Во меѓувреме фасадата доби нови декорации и ново осветлување.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња