Дали имаше коцкарници во Советскиот Сојуз?

Владимир Вяткин/Sputnik
За да ја задоволат својата желба за коцкање, Советите честопати мораа да ги избегнуваат КГБ, професионалните измамници на карти и криминалците.

Иако коцкањето беше забрането во СССР, возбудата што ја носи не беше непозната за Советите. Тајно собирајќи се во импровизирани клубови, некои од нив се коцкаа за баснословни суми на пари.

„Катран“

Повеќето луѓе во СССР не можеа да ризикуваат да загубат големи суми пари преку ноќ, но имаше исклучоци. Илегални претприемачи, бирократи со добри врски и припадници на советското криминално подземје ги посетуваа таканаречените „катрани“, илегални коцкарници што личеа на обични станови или дачи (викендички).

„Тоа [Катран] се наоѓаше во самиот центар [на Санкт Петербург], во близина на реката Мојка, на вториот кат од обична куќа, зад обична врата без никаква ознака. Ме пуштија без лозинка. Мислам дека мојот пријател ми даде некаква препорака, бидејќи на такво место не можеш да влезеш од улица“, пишува жителката на Ленинград од советско време по име Ирина Чуди за нејзиното искуство во едно такво илегално советско казино.

„Катраните“ обично се наоѓаа во големи станови, хотелски соби или приватни дачи во поголемите советски градови како Москва и Ленинград, но и во одморалиштата како Сочи или Крим.

Обично просториите беа распоредени според различните игри што се играа внатре. Една соба беше резервирана за рулет, друга за партија бриџ, трета за канаста или табла и, се разбира, една соба беше резервирана за покер.

„Во просторијата каде што ме пратија [на партија покер] имаше три маси со лампи над нив. Можев да бирам каде да седнам, никој не ме тераше да седам со грб кон слика или огледало преку кое моите карти ќе беа видливи за скриен набљудувач. Можеше да си донесеш свој шпил и додека го проверуваа, тоа го правеа пред тебе. Тоа оставаше впечаток дека играта беше фер“, пишува Чуди.

Меѓутоа, постојат различни мислења за тоа колку навистина беа чесни игрите во советскиот „катран“. Некои тврдат дека сопствениците заработувале многу пари од водењето на објектите без да се впуштаат во измамнички тактики, благодарение на зголемената провизија што ја земаа установите од тој тип. Други сугерираат дека некои од игрите биле далеку од фер игри со оглед на присуството на професионалци, во рускиот жаргон кидАла (терминот грубо се преведува како измамник), кои мајсторски манипулираа со шпилот карти за да стекнат предност пред богатите, но наивни нередовни посетители.

Без разлика на правичноста на играта, на некои коцкари не им пречеше да загубат одредена сума на пари бидејќи доаѓаа во „катран“ заради емоциите и удопствата кои вообичаено ги имаше во изобилство. Раскошното опкружување, друштвото на убави жени и бескрајната залиха на алкохол привлекуваа богати и важни гости... понекогаш премногу важни за КГБ да замиже пред активностите на одредени „катрани“.

Под радарот на КГБ

Се зборува дека во 1973 година во еден од „катраните“ дошол заменикот-државен обвинител на СССР како приватно лице. Сопствениците на илегалното казино го препознале влијателниот човек и му дозволиле да добие голема сума пари, со што ја зацементирале корисната врска.

Заинтересирани за постојано снабдување со нови богати и моќни играчи, „катраните“ им плаќаа на келнерите кои работеа во скапи ресторани, хотелскиот персонал и таксистите да регрутираат нови коцкари за нив.

Работејќи во средина со едвај прикриена тајност, многу „катрани“ налетаа на полицијата и на тајните оперативци на КГБ. Генерално, КГБ не беше толку заинтересиран за елиминирање на „катранот“ како појава, колку за собирање непроценливи информации за клиентелата. А тие информации можеа да се извлечат од инсајдери и сопствениците на илегалните казина.

Велат дека сопственикот на „катранот“ во Москва, со прекар Гоша Индија, човек со добри врски во советското криминално подземје, бил на врска со КГБ. Тој беше принуден да ги кодоши гостите на неговиот „катран“, меѓу кои и споменатиот заменик-јавен обвинител, кој по големата добивка го посетуваше неговото илегално казино.

На крај Гоша Индија беше пронајден обесен во сауна во Москва; додека заменикот-државен обвинител доби укор од претпоставениот и испратен во Новосибирската област да го отслужи остатокот од својот мандат таму.

Како што Советскиот Сојуз се распадна заедно со забраната за коцкање, илегалните „катрани“ им отстапија место на отмените казина кои беа отворени во Москва и другите руски градови во 1990-тите. Меѓутоа, советскиот феномен на „катран“ повторно се појави кога коцкањето беше забрането низ цела Русија, со исклучок на само одредени места во земјата, посебно наменети за тоа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња