Зошто руските благородници секогаш биле во долгови?

Кира Лисицкаја (Photo: Public domain; Legion Media)
Благородништвото како привилегиран сталеж морало да има многу пари, и тоа би требало да важи и за поединци и за државата. Како тоа најбогатите луѓе често запаѓале во огромни долгови и како се извлекувале од таа ситуација (и дали воопшто се извлекувале)?
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
  • Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа https://mk.rbth.com/subscribe

Руските благородници совршено би ја разбрале ситуацијата во која се наоѓаат многу жители на модерните градови, кога еден човек има и по неколку кредити, а за да ја врати каматата е принуден да го реструктуира долгот.

„Колапс на банка“

И руската елита во втората половина на XVIII и во текот на XIX век била фатена во „пајажина на долгови“. За нив тоа било вообичаена појава. Од друга страна, тоа воопшто не ги спречувало и понатаму да живеат луксузно, да градат нова стаклена градина или да патуваат низ Европа. Меѓутоа, таа појава е многу посложена и не може да се сведе само на желбата некој да живее на висока нога или од денес за утре.

Зошто благородниците се задолжувале толку многу?

„Во меана“

Постои мит за баснословното богатство на руското благородништво, т.е. на луѓето со титули, привилегии и царски „грб“. Но, не сите благородници биле во иста ситуација. Имало благородници (и тоа не малку) кои имале толку малку приходи од имотите и недвижнините што тоа не им било доволно за вообичаените потреби на благородничкиот сталеж, па дури ни за пар пристојни фракови.

Од друга страна, благородничката титула ги обврзувала на соодветен стандард и начин на живот. Голема ставка во трошоците било токму одржувањето на тој вообичаен стандард. Тој подразбирал трошоци за храна, облека, книги и украси за домаќинството, за образование, издржување на цел куп роднини, за луксузни подароци на важни личности итн., итн. Тој стандард ги опфаќал и специфичните трошоци на секој млад благородник како, на пример „грандиозно патување“ низ Европа и стекнување знаење кај познати стручњаци. Така, на пример, тие студирале музика, јавање, филозофија или економија.

„Ценкање“

Дури и давањето пари за добротворни цели можело на благородникот да му послужи како причина да земе пари на заем, иако на прв поглед би се рекло дека се работи за доброволен гест. „И уште 15 рубли долг од минатата година“, напишал Александар Воронцов, канцелар на Руската империја, во својот тефтер на приходи и расходи поврзани со доброволни прилози за црквата.

Најголемите трошоци биле за градежни работи. Поседувањето сопствена куќа служело како показател за престиж. И колку е поголема куќата, толку е поголем престижот.

Еден благородник најчесто имал неколку извори на приход (на пример, неговиот имот и селаните кои работат за него, како и плата во државна служба). Но, приходот од имотот доаѓал само двапати годишно (во најдобар случај). Благородниците кои биле во државната служба живееле во престолнината, а нивните имоти биле во провинција, така што управителот на имотот не можел често да им носи пари.

„Спаијка“

Плата исто така не се делела толку често како денес, туку три пати годишно. Кога годината не била плодна, имотот можел да донесе дури и загуби (Русија е земја на селско земјоделство, така што земјопоседникот морал да ги издржува селаните од своите пари, ако немало доволен принос од жетвата). Платата, исто така, можела да доцни или да биде намалена. На пример, во XVIII век судски советник (чин што бил ценет) годишно заработувал 300 рубли, нотар добивал 150-200 рубли, а судија 600 рубли. Тогаш еден пуд (16,3 кг) свинска шунка чинел 40 копејки, пуд најдобро пченично брашно 30 копејки, шешир 2 рубли, додека богатата ливреја со златен гајтан (облека на лакеите и кочијашите) чинела 70 рубли. Сега замислете дека добивате пари само неколку пати годишно и само приближно знаете колку ќе добиете, а треба да живеете секој ден. Така благородниците често запаѓале во ситуација да мораат да земат кредит. И, што е најлошо, многумина не знаеле дури ни кому и колку всушност му должат.  

Од кого позајмувале пари благородниците?

Благодарение на нивниот социјален статус, благородниците можеле да земаат лесни кредити кои во Русија се појавиле во втората половина на XVIII век. Првата банка била отворена во 1754 година и тоа била Благородничката кредитна банка која давала кредити само на благородништвото. Потоа, во 1769 година се појавила можноста за странски заеми, така што во Русија се слевале многу пари, кои многу лесно се делеле и трошеле.

„Читање поезија“

Покрај тоа, државата вовела благородничко старателство како нова институција. Имено, во случај некој благородник да немал доволно средства за одржување на својот имот, тој можел да позајми пари од државата. Парите ги враќал со камата, но затоа можел да ги потроши како сака, никој не го проверувал.

Пари можеле да се позајмуваат од банка, што фактички била позајмица од државата, бидејќи сите банки припаѓале на државата. На тој начин благородниците ги репрограмирале своите долгови, т.е. земале голем кредит од банката за покривање на приватните долгови.

Еден благородник можел да позајмува и од луѓе со понизок статус, на пример, од трговци и од сопствените селани. Во трговска продавница тој можел да земе стока и замоли да го запишат долгот на негова сметка. Трговците со задоволство се согласувале, знаејќи дека долгот најверојатно ќе биде вратен дури и во случај благородникот да умре. Покрај тоа, за трговецот било добра реклама и самиот факт што некоја угледна личност купува стока од него.

„Минатото е зад нас“

Условно кажано, на имотот можело да постојат „две каси“, т.е. господарски пари (кои селската заедница ги собирала за газдата) и селски пари. Ако сопственикот би останал без пари, тој би позајмил од селската каса и потоа ги враќал.

Како благородниците ги враќале долговите?

„Преферанс“

Благородниците имале премолчен редослед на враќање на долговите. Најпрвин го враќале долгот кон државата, потоа на другите благородници (но не од најблиската околина), потоа на трговците и роднините, па дури на крајот на селаните.

Поединци воделе книги на приходи и расходи за да имаат подобра слика за тоа како ги трошат парите, т.е. ги запишувале сите свои расходи. Но, не сите го правеле тоа. Најчесто дури по смртта на благородникот можела да се дознае неговата вистинска должничка состојба. Роднините дури објавувале и известувања во весниците дека „тој и тој благородник почина, и сите што имаат финансиски побарувања се молат да се обратат во текот на наредните шест месеци“.

Постапката за порамнување на долговите била комплицирана и можела да трае со години. Долгот на починатиот благородник подоцна го отплаќале неговите деца. Во секој случај, сите се труделе да го вратат долгот. Големите суми биле покривани со продажба на имот. Благородниците воделе сметка за својата репутација, а репутацијата на должник можела да им нанесе штета. На пример, со долг било потешко да омажите ќерка, да напредувате во службата, итн.

„Посета на сиромашните“

Сфаќајќи дека благородниците се нашле во стапица на сопствениот статус, Слободното економско друштво (првата општествена организација во Руската империја) им препорачало да воведат барем некакви ограничувања во трошењето пари. Не морале, на пример, да купуваат лошо вино, можеле доброто вино да го разредуваат со вода. Тешко е да се води домашна евиденција за потрошувачката на брашно дома и затоа е подобро лебот да не се пече дома, туку да се купува. И најдобро е да не се градат куќи, туку да се изнајмуваат, бидејќи многу благородници банкротирале токму со изградбата на своја куќа. Тие препораки не биле лесно имплементирани. Многумина претпочитале да го одложат прашањето за долгот сé додека не се случи нешто навистина сериозно. На пример, додека должникот не умре.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња