Шакали, тјапљаповци, фантомаси: 5 најбрутални банди во Советскиот Сојуза

Legion media; Архива на Министерството за внатрешни работи; МВР на Република Татарстан; Russia beyond
На советските медиуми им било забрането да пишуваат за многу злосторства, така што граѓаните не можеле да ни да претпостават какви ѕверства се прават во нивното опкружување. А, злосторствата на овие банди биле крајно брутални.

1. „Шакали“

Ноќта на 23 април 1983 година во лекувалиштето на Советот на министри на Казахстанската Советска Социјалистичка Република, каде обично одморале членовите на републичката влада, со нож бил убиен милиционерот кој го чувал објектот. Тоа бил почетокот на дејствувањето на бандата на Виктор Можаев, позната под називот „Шакали“.

Виктор Можаев, Николај Немчин, Михаил Солујанов

Сите четворица членови на бандата работеле како шофери, а таквиот живот не им бил по волја. Во лекувалиштето не влегле поради казахстанските функционери, ами поради тоа што им требало оружје. Од службениот пиштол што го одзеле од убиениот милионер еден и пол месец подоцна убиле и ограбиле работничка на каса во едно претпријатие во Алма Ата.

Сите злосторства на бандата на Можаев биле необично брутално. Бандата извршила 17 убиства. Четири девојки пред убиствата биле силувани.

Во јули 1986 година Можаев пијан се фалел со своите злосторства, па така бандата била откриена.

2. Бандата на „црниот капетан“

Милицијата првпат наишла на траги од бандата на „црниот капетан“ кога во 1970 година на дното на Невиномскиот канал на југот од Советскиот Сојуз биле пронајдени шест автомобили ВАЗ.

Валериј Самојленко, Сергеј Лежеников, Дмитриј Самојленко

Дмитриј Самојленко со своите двајца помлади браќа и со еден пријател запирале автомобили со таблички од други региони, ги убивале патниците и им ги земале сите пари и скапоцености, а потоа автомобилите ги туркале во вода. Убивале цели семејства, не жалејќи ги ни малите деца.

Во еден од првите напади убиле капетан на милицијата, а потоа неговата униформа ја користеле за запирање други возила. Така бандата го добила своето име.

Покрај автомобили, ограбувале и станови, убивајќи ги сите сведоци. Имаат извршено вкупно 32 убиства пред да бидат фатени во 1980 година.

3. „Фантомаси“

Браќата Толстопјатови

Ова била најнеобичната банда во советската историја. Браќата Вјачеслав и Владимир Толстопјатови во илегална работилница направиле арсенал кој во тоа време не можела да го има ниту една банда во светот. Ограбувањата ги изведувале толку бргу и усогласено што милицијата извесно време се посомневала на поврзаност на бандата со западните разузнавачки служби.

Секој член од бандата за време на ограбувањето носел црн чорап навлечен преку глава (оттука и називот „фантомаси“). Напаѓале банки, продавници и фабрики и ги набљудувале луѓето што во претпријатијата работеле на каса или во благајна.

Еден од првите пиштоли од рачна изработка од арсеналот на бандата.

Извршиле вкупно 14 вооружени грабежи и две убиства. Еден член на бандата е убиен на 17 јуни 1973 година за време на фаќањето, додека останатите подоцна биле осудени на смрт и стрелани.

4. Бандата на Османов

Хабала Османов

Во текот на седумдесеттите години од минатиот век на југот од Советскиот Сојуз дејствувала брутална банда на чело со Хабала Османов. Ограбувале продавници и приватни куќи (каде често можеле да најдат ловечко оружје), а исто така и автомобили на патишта, а претходно ги убивале патниците.

Бандата на Османов на 10 октомври 1979 година во советската република Северна Осетија упаднала во ресторанот „Софија“ со намера да го ограбат. Во ресторанот едно весело друштво славело роденден. Бандитите без да се мислат отвориле оган и убиле осуммина, а раниле двајца гости.

Ресторан „Софија“

Потоа биле ангажирани сите полициски сили, па дури и најблиската воена единица. Членовите на бандата брзо биле фатени, осудени на смрт и стрелани. Во медиумите не е ни споменат масакрот во ресторанот „Софија“.

5. Тјап-Љап

Кон средината на седумдесеттите години од минатиот век во Казањ, главниот град на Татарската Автономна Советска Социјалистичка Република, цветал криминалот. Најмоќна била бандата под назив „Тјап-Љап“. Броела над 300 членови и имала сопствена теретана, која служела и како главен „штаб“. Предводници биле Сергеј Антипов (прекар Антип), Завдат Хантемиров (Џавда) и Сергеј Скрјабин (Скрјаба).

Сите членови биле во одлична физичка форма, без штетни навики (алкохолот и цигарите биле строго забранети под закана за брутално претепување). Вршеле кражби, вооружени грабежи, убиства и силувања.

„Тјапљповците“ често организирале масовни тепачки со други банди или едноставно минувале низ некоја градска населба во голема група и брутално го претепувале секој минувач.

Во една таква акција на 29 август 1987 година учествувале 200 членови на бандата. Вооружени со арматура, со сачмарки и пиштоли, тие убиле неколку минувачи, а многумина осакатиле. Тешко раниле и тројца милиционери кои се обиделе да ги запрат.

Потоа локалната власт им објавила војна на бандитите. Уапсени се предводниците и неколку десетина членови. Им било судено со најстроги мерки на безбедност. На смрт е осуден само Завдат Хантемиров во 1982 година, додека останатите се осудени на 15 и помалку години затвор (поради молчењето на членовите на бандата немало доволно докази за построги казни), но сите главно загинале во текот на бандитските судири во текот на деведесеттите години од минатиот век. Се зборува дека еден од шефовите на бандата е сè уште жив.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња