7 најпознати животни во руската историја

Историја
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Често ви раскажуваме приказни за различни историски личности... но што е со животните кои одиграле клучна улога во руската историја?

1. Коњот и змијата на кнезот Олег

Кон крајот на деветтиот – почетокот на десеттиот век овој кнез владеел со Новгород и со тогашните киевски земји на Стара Русија. Го сметале за мудар човек и го добил прекарот Пророк, зашто верувале дека ја предвидува иднината. Но, едно нешто што не можел да го предвиди е сопствената смрт.

Според легендата, на кнезот му било кажано дека ќе умре од својот омилен коњ. Олег наредил коњот да се протера далеку. По неколку години коњот умрел, а Олег само им се насмеал на гатачите. Решил да го посети местото каде што е „погребан“ коњот. А, кога копајќи дошол до коските, од черепот на коњот излегла змија-отровница и смртно го гризнала Олег.

2. Гулабите и врапците на кнегињата Ољга

Уште една епска приказна за древните руски владетели. Еднаш, во 10 век, кнезот Игор загинал, собирајќи данок од словенското племе Древљани, па неговата сопруга Ољга решила да се одмазди. Таа со голема војска тргнала на Древљаните и го опколила нивниот главен град Искоростењ. Но, опсадата на градот не била успешна и Ољга се решила на итрина.

Ветила дека ќе замине со својата војска кога племето ќе ѝ даде мал данок или, подобро кажано, подарок – од сите куќи по три врапчиња и три гулаби. Кога птиците ѝ биле на располагање, наредила на нозете да им се врзе по еден запален фитиљ. Ноќта ги пуштиле птиците на слобода и сите се вратиле во своите гнезда под сламените покриви, на тој начин уништувајќи ги целиот град кој бил во пламен.

3. Коњот на Петар Велики

За разлика од коњот што го убил принцот Олег, кобилата Лизета му го спасила животот на својот сопственик. Петар Велики ја јавал за време на Полтавската битка која се одиграла за време на Северната војна помеѓу Русија и Шведска. Кога Швеѓаните почнале да пукаат на Петар, Лизета се свртела настрана. Куршумите успеале да го погодат само седлото и капата на императорот.

4. Слоновите на Николај II

Руските цареви од Иван Грозни до Петар Велики и многумина други поседувале слонови... единствено за забава. Николај Втори, познат по својата љубов кон животните, имал неколку слона! Првиот го донел од патувањето по Азија во 1891 година, а потоа добил уште еден слон од Африка. Вториот живеел долг и удобен живот во Царское Село. Царот сакал да го гледа слонот како се капе во локалниот рибник и често ги носел сите свои деца да го гледаат. Слонот е убиен во текот на Револуцијата во 1917 година, само затоа што болшевиците го сметале за симбол на царскиот и луксузен живот.

5. Кучињата на Павлов

Познатиот руски научник и добитник на Нобеловата награда Иван Павлов имал неколку кучиња за вршење експерименти. Но, не грижете се, не страдале сите и голем дел од нив умреле од природна смрт. Благодарение на овие кучиња, Павлов ги испитувал рефлексите и ги поделил на условни и безусловни.

Секој пат пред да нахрани некое куче, Павлов ја вклучувал светилката. По извесно време решил да го запали светлото, но да не го храни кучето. Меѓутоа, излегло дека кучето сепак лачело плунка како пред јадење.

6. Мачките од Ермитаж

Овие пуфкасти мачки сѐ уште живеат во Ермитаж во Санкт Петербург и тие се негов симбол и убава дополнителна карактеристика. Дури и се прославува Денот на мачките на Ермитаж, кога сите очи се вперени во нив.

Секако, тие не одат по салите на галеријата, ами живеат во подрумите, успешно ловат глувци и стаорци од 1746 година! Царицата Елизавета еднаш наредила „37 големи и страшни мачори“ да се борат против глодачите во подрумот на нејзиниот Зимски дворец (кадешто сега се наоѓа Ермитаж), зашто никакви хемикалии не можеле да ја завршат работата како мачките.

За време на опсадата на Ленинград и на големиот глад, во градот немало мачки и стаорците го преплавиле, носејќи опасност, не само за Ермитаж, ами и за сите граѓани, зашто стаорците можат да пренесат многу сериозни болести. Затоа биле собрани пет илјади мачки од Сибир и биле донирани на Ленинград. Потомците на овие мачки сега и понатаму живеат во Ермитаж.

Вселенските кучиња Белка и Стрелка

Пред Јуриј Гагарин да стане првиот човек во вселената по својот познат лет од 12 април 1961 година, имало неколку храбри кучиња кои ја тестирале способноста на живо битие навистина да лета во ракета и да се најде во нулта гравитација. За жал, не сите се вратиле на Земјата живи, жртвувани се за големиот напредок на науката.

Меѓутоа, кучињата Белка и Стрелка беа првите животни кои извршија успешен лет во вселената. На вселенскиот брод Спутник 5 минаа 25 часа во космосот и направија 17 ротации околу Земјата пред да се вратат. Инаку биле избрани зашто изгледале слатко, а целиот свет тогаш ги обожаваше. Џеклин Кенеди дури и бараше едно од кутрињата на Стрелка, кое го нарече Пушкин и кое живееше во Белата куќа.