Како двајца браќа од руската провинција го основаа Холивуд?

Историја
ВЛАДИМИР ЛЕБЕДЕВ
Јосиф и Николај Шејнкер ги основаа познатите холивудски студија MGM и United Artists. Дадоа значаен придонес во развојот на филмската индустрија и имаа живот достоен за екранизација.

Јосиф и Николај Шејнкер се родени на три години растојание во сиромашно еврејско семејство (во 1878, односно 1881 година) во малиот град Рибинск на брегот на Волга. Таткото на браќата работел како службеник во канцеларијата на Волшкото бродарство. На почетокот на деведесеттите години на деветнаесеттиот век момчињата и нивните родители се нашле меѓу еврејските бегалци кои од Европа заминале во Америка, која навистина стана „земја на можности“ за нив.

Џозеф и Николас

За разлика од многумина емигранти кои живееле од споменот на татковината, браќата брзо се прилагодиле на новата реалност. Дури и ги смениле имињата за да звучат поприемливо за американското уво, па така во Њујорк станале Џозеф и Николас Шенк. Со тие имиња и станале познати.

Во новата земја сите морале да работат. Браќата наутро продавале весници на улица, а навечер оделе на училиште. Претприемничкиот талент го покажале на рана возраст. По две години работа како помошници во аптека, тие ја купиле аптеката во која биле вработени за 600 долари и по само три месеци ја продале за речиси шест пати повисока цена. Џозеф во тоа време немал ни дваесет години.

Заработените пари браќата ги потрошиле на патување во Европа. По враќањето во Америка се занимавале со продажба на алкохол. Познанството со сопственикот на паркот Маркус Лоу претставувало нова пресвртница во нивните животи. Во тоа време, Лоу веќе имал заработено мало богатство во автомати за игри на среќа и кина во кои се прикажувале филмови за „никел“, односно пет центи (Никелодеон). Претприемачот им позајмил пари на браќата за да отворат неколку забавни паркови. Браќата Шенк ја почувствувале потребата на луѓето за разонода и увиделе огромен потенцијал во развојот на таа област. Тие граделе подиуми за танцување, барови, забавни паркови. Во 1906 година, на највисоката точка на Менхетен, започнале изградба на луна парк, кој станал едно од најпопуларните места за одмор и романтични средби. А потоа изградиле уште еден. 

Браќата цело време го проучувале филмот и инвестирале во таа сфера. Младата уметност што нагло се развивала им донела на браќата огромни пари и слава, но во одреден момент и ги раздвоила. Во 1916 година Џозеф се оженил со ѕвездата на немиот филм Норма Талмаџ и се преселил во Калифорнија. Николас останал во Њујорк за да соработува со Маркус Лоу во неговиот растечки кинематографски бизнис. Во тоа време претприемачот поседувал 119 кина во САД и Канада.

Нова разонода

Во 1924 година Лоу купил три филмски компании. Тој и Николас ангажирале тим од професионалци и ги обединиле студијата. Новата компанија ќе стане позната во светот како Metro-Goldwyn-Mayer. По смртта на Лоу во 1927 година, Николас застанал на чело на корпорацијата и продолжил да ја развива.

Во тоа време Џозеф, на покана на Чарли Чаплин, Мери Пикфорд и Даглас Фербенкс, станал претседател на филмската компанија United Artists. Пред неговото доаѓање тоа било речиси камерно студио кое произведувало околу осум филмови годишно. Џо извршил реорганизизација и донел нови ѕвезди и продуценти. Филмот на Хауард Хјуз „Два арапски витези“ на оваа продукциска куќа ѝ ја донел првата награда од Американската филмска академија.

Појавата на звучниот филм во 1930-тите го потресло специфичното студио за нем филм, но Шенк успеал да го зачува. Три години подоцна Џозеф, заедно со поранешниот извршен директор на продукцијата на Warner Bros Дерил Занук ја основал независната продукциска компанија 20th Century Pictures. Нејзиниот успех им помогнал на United Artists да го зголемат профитот, а две години подоцна со спојување на 20th Century Pictures со Fox Film Corporation настанала новата корпорација 20th Century Fox.

Во тој момент браќата веќе биле меѓу највлијателните луѓе во Холивуд. Џо бил во позиција да влијае на одлуките на властите на Калифорнија. Токму тој бил на чело на борбата против воведувањето на данок на доход од 35 проценти во таа држава, заканувајќи им се на властите дека ќе префрлат огромни пари од филмската индустрија на Флорида.

Во 1952 година Џо добил Оскар за неговиот придонес во кинематографијата, набрзо се пензионирал и доживеал мозочен удар, по кој никогаш не се опоравил. Умира во 1967 година, а Мерлин Монро, која ја лансирал во орбитата на седмата уметност со филмот „Сé за Ева“, по смртта на Џо ја купила неговата вила во Лос Анџелес.

Николас го надживеал својот брат за осум години. Тој бил на чело на Metro-Goldwyn-Mayer до 1955 година, кога му го отстапил местото на синот на основачот, Артур Лоу. Последните години од животот Николас ги поминал на своите луксузни имоти на Лонг Ајленд и Мајами Бич, каде што и починал.