50 холивудски филмови поврзани со Русија и Русите (хронолошки преглед)

Legion Media
Речиси од самото појавување на филмот во Америка се појави и денес популарниот лик на „лошиот Русин“, а со темата на студената војна се имаат занимавано повеќе генерации режисери. Следејќи ја хронологијата, можете да видите како се менуваше имиџот на Русија во холивудските филмови.

Ана Каренина, 1935

Холивудска класика и една од првите звучни екранизации на романот на Лев Толстој со ненадминливата Грета Гарбо, која претходно веќе ја имаше толкувано улогата на Ана Каренина во немиот филм „Љубов“. Тука во прв план избива судирот меѓу мајчинската љубов на Каренина кон синот Серјожа и нејзината желба да биде сакана, нејзината страст кон Вронски. Овој внатрешен судир ѝ носи трагична судбина, како и во финалето на литературната предлошка.

Ниночка, 1939

Повторно Грета Гарбо, но овој пат во комедијата на Ернст Лубович, која на убав начин, иако со политичка шега, ги исмева советските „другари“ и резултатите на петолетката на која многумина ѝ се „восхитуваат веќе 15 години“. Гарбо ја игра недостапната комунистка Нина Јакушова која Советите ја испраќаат во Париз за оттаму да врати тројца претставници кои се препуштиле на западниот свет. Но, постепено и челичната леди станува опиена од магијата на француската престолнина и се предава на лекомисленото, романтично расположение што владее таму.

Војна и мир, 1956

Екранизација на романот на Лев Толстој со Одри Хепберн во улогата на Наташа Ростова и со Хенри Фонда, кој тогаш беше значително постар од ликот на Пјер Безухов што го толкува, а што предизвика негативни оценки како кај критиката, така и кај гледачите. Филмот беше критикуван зашто не ги пренесува верно историските костими, глумата на Одри Хепберн беше опишана како недоволно убедлива, а една од замерките се однесува и на песните што се изведуваат на англиски, а не на руски јазик. Сепак, овој филм го инспирираше Сергеј Бондарчук да направи сопствена, најопсежна и најуспешна екранизација на „Војна и мир“, која освои Оскар за најдобар странски филм.

Браќа Карамазови, 1958

Десет години пред да се појави првата екранизација на романот на Достоевски во СССР, американскиот режисер од семејството на руски емигранти Ричард Брукс ја прикажа својата верзија на „Браќа Карамазови“ со дијаболичниот Јул Бринер во улогата на Дмитриј. Токму тој станува главен јунак на приказната која Брукс, речиси целосно отстапувајќи од филозофско-теолошките толкувања на Достоевски, ја претвора во забавна детективска драма, прикажана на фестивалот во Кан. Истата година кога „Златната палма“ на ова натпреварување му припадна на советскиот филм „Жеравите летаат“.

Доктор Стрејнџлав или: Како научив да не се грижам и ја засакав бомбата, 1963

Црна комедија на Стенли Кјубрик која може да се опише како вистинска антивоена химна. Оваа филмска класика ги судира нуклеарните суперсили кои се обидуваат да ја почнат или, сепак, да ја завршат војната. Еден американски генерал го користи тајниот план R и испраќа бомбардери со атомски бомби на СССР, но излегува дека на страната на Советите постои машина подготвена да изврши контранапад. Амбасадорите и шефовите на државите се во шок, доктор Стрејнџлав ја крие својата самоволна рака која тежнее да се издигне во фашистички поздрав, американските генерали со задолжителната мастика во уста се обидуваат да пронајдат заеднички јазик со советските генерали кои неочекувано пијат вода наместо вотка – иако „комунистите не пијат вода без добра причина“.

Доктор Живаго, 1965

Една од најпопуларните американски мелодрами на 20 век и голем блокбастер кој е снимен врз основа на најпопуларната на Запад, а во СССР долго време забранета книга на Борис Пастернак. Филмот на Дејвид Линч беше, секако, критикуван поради поедноставено толкување на романот и поради наивно прикажување на револуцијата на екранот. Но, во историјата филмот ќе остане запаметен пред сѐ како голема драма за љубовта на Јуриј Живаго. По улогата во овој филм Омар Шариф стана вистинска ѕвезда на сите континенти.

Дванаесет столчиња, 1970

Мајсторот на комедијата и на слепстикот Мел Брукс се осуди да го екранизира романот на Иљф и Петров за авантурите на Остап Бендера, преполн со шеги и досетки, за кои се чини дека ги разбираат само во Русија. Во филмот Брукс, навистина, ги има отстрането сите второстепени ликови и се има концентрирано на комедијата за крадците во потрага по богатство. Добивате снежен Сибир, параноидни алузии на Достоевски и нервната песна Hope For The Best – Expect The Worst (надевајќи се на најдоброто – очекувајте го најлошото) според мотивите на словенската поговорка.

Девојката од Петровка, 1974

Непретенциозна мелодрама за љубовта на еден американски новинар и на романтична советска балерина со патриотско име Октјабрина содржи голем број клишеа, карактеристични за американскиот филм од времето на студената војна. Поради тоа филмот беше критикуван и на Запад, зашто беше прикажан во периодот кога Никсон се обидуваше да воспостави добри односи со СССР. Сепак, ќе биде запаметен по одличната улога на Ентони Хопкинс, кој го играше рускиот далаверџија Костја.

Љубов и смрт, 1975

Најдобра пародија на некоја руска класика сними Вуди Ален, кој практично во сите свои филмови на некој начин алудира на Чехов, на Толстој и на Достоевски. Ален тука и самиот се појавува во главната улога на Борис Дмитриевич Грушенко, кој очекува смртна казна и се сеќава на детството, на момчештвото, на младоста и, секако, на своето семејство. Освен тоа, размислува за смислата на животот, за Бога и за смртта, како во класичната руска литература.

Москва на Хадсон, 1984

Романтична драма за еден советски интелектуалец кој го глуми Робин Вилијамс. Неговиот јунак работи како саксофонист во московски циркус, живее во скромен советски стан со големо семејство и стои во редици за основни животни намирници. Потоа заминување на турнеја во Њујорк каде и останува за, благодарение на случајни американски познаници, да ја пронајде својата среќа, а пред сѐ својата слобода.

Бели ноќи, 1985

Михаил Баришников, познат на љубителите на балетот во целиот свет, во овој филм, практично се одигра самиот себеси – балетскиот танчар Николај Родченко кој избегал од СССР. Навистина, во филмот го очекува помрачна судбина. По бегството тој опуштено заминува на турнеја ширум светот. Меѓутоа, еднаш неговиот авион се урива над Сибир. Така Родченко се враќа во татковината под строг надзор на КГБ.

Роки IV, 1985

Најуспешниот филм од франшизите со Силвестер Сталоне во кој тој се спротивставува на советскиот офицер Иван Драги (Долф Лингрен). Иако има забележано голем успех во кината, филмот доби негативни критики. Меѓу другото и поради ликовите на мрачните Руси, кои во финалето, за волја на вистината, почнуваат да добиваат душа, а и со сета сила навиваат за Роки Балбо додека тој станува од колена.

Црвената жештина, 1988

Како едно од првите холивудски остварувања во кое Советите не се прикажани во негативно светло, овој акционен филм го прикажува Арнолд Шварценегер како советски полицаец во потрага по руски криминалец во САД. Тоа беше времето на перестројката, кое денес изгледа како време на неверојатно затоплување во односите помеѓу Истокот и Западот. Сепак, во тоа време американската екипа не можеше да добие дозвола за снимање на Црвениот Плоштад, па се правеа дека снимаат приватно видео со Шварценегер во полициска униформа.

Лов на Црвениот октоври, 1990

Екранизација на првиот од серијата романи на Том Кленси за аналитичарот на ЦИА Џек Рајан, кого го одигра Алек Болдвин, изгледа малку задоцнето (Кленси, имено, го има напишано романот во 1984 година). Дури и Шон Конери, кој ја одигра улогата на советскиот капетан-дезертер Марк Ремиус, најпрво ја одбил улогата, сметајќи дека студената војна е веќе завршена. Но, креаторите на филмот го убедиле дека тоа е еден вид историски приказ. Конери, како и Болдвин, својата работа ја заврши одлично. Но, тоа не е она што изненадува. Необично е тоа што еден член на екипажот на „Црвениот октомври“ кој знаел за предавничкиот план на Ремису е комесарот со презиме Путин што го толкува англискиот глумец Питер Ферт.

Руска куќа, 1990

Продуцентите на „Руска куќа“, шпионски филм со Шон Конери и Мишел Фајфер во главните улоги, немаа проблем да го снимат во Москва и во Ленинград. Филмот следуваше набргу по „Црвената жештина“ и беше втор и последен голем холивудски филм снимен во СССР. Тоа беше втора посета на Шон Конери на Советскиот Сојуз. Дваесет години претходно играше во „Црвениот шатор“, последниот филм на познатиот советски режисер Михаил Калатозов.

Полициска академија: Мисија во Москва, 1994

Последниот, седми дел, на американската комична полициска сага завршува со епизода во Русија. Снимен е есента 1993 година кога во Москва изби вооружената побуна при што единиците лојални на претседателот на Борис Елцин го гранатираа парламентот. Овие настани ја принудија екипата да го скрати снимањето. Патем, во филмот може да се види оштетената зграда на парламентот.

Граѓанинот Икс, 1995

Редок пример на американски филм кој не зборува за студената војна, ами за една друга, криминална реалност на Советскиот Сојуз, во кој долго не го признаваа постоењето на сексот, ниту злосторството на таа основа. Додека не се случи Андреј Чикатило, кој и во советската кинематографија стана прототип за многумина манијаци. „Граѓанинот Икс“ го истражува токму неговиот феномен – не само од гледна точка на личноста, ами и од општествено-политичкото уредување на тоа време.

Златно око, 1995

Прв филм од серијата филмови за Џејмс Бонд со Пирс Броснан како агентот 007 содржи исклучителна сцена на бркање по улиците на Санкт Петербург. Бонд, кој вози украден тенк Т-55, го брка својот главен непријател во оклопен воз.

Распутин: Мрачниот слуга на судбината, 1996

Алан Рикман во улогата на Григориј Распутин го минува целиот пат од неговото појавување како исцелител на Сибир до спасувањето на наследникот на престолот Алексеј кој боледува од хемофилија, и контактот со императорката Александра Фјодоровна. Овој пат се завршува со лудилото и со смртта на Распутин, што одговара на приказ од руските учебници по историја. Во филмот одлични улоги остварија не само Рикман, ами и Ијан Макелен во улогата на Николај Втори.

Анастасија, 1997

Музичката анимирана сказна е една од најубавите и највозбудливите приказни за великата кнегиња Анастасија Николаевна Романова, која, според легендата, е единствената преживеана од стреланото царско семејство. Цртаниот филм е незаборавен не само поради впечатливите јунаци и оригиналните песни, ами и поради безумниот Распутин, кому гласот му го позајми Кристофер Лојд.

Претседателскиот авион, 1997

Редок случај на пријателство помеѓу САД и Русија во обид да го одбие заедничкиот непријател – диктаторот Радеку кој ја преживеал власта во Казахстан и кој сака да ја уништи демократијата и планира да предизвика Трета светска војна. Иако филмот започнува во Москва, во прв план е, секако, американскиот претседател Џејмс Маршал (Харисон Форд), кој знае да зборува руски. А, рускиот претседател со примитивно име Михаил Петров само му помага во неговите потфати.

Ана Каренина, 1997

Во оваа американска драма заснована на познатиот роман на Лев Толстој главната улога ја толкува Софи Марсо. Филмот делумно го продуцираше компанијата на Мел Гибсон и главно е сниман во Санкт Петербург. Некои сцени се направени и на локации во Москва. На пример, една сцена во Новодевичиот манастир, во прекрасен комплекс на средновековната архитектура.

Армагедон, 1998

Класиката на научната фантастика уште еднаш докажува дека планетата може да ја спаси само Брус Вилис. Но, не сам, ами со своите компањони. Најмладиот го толкува Бен Афлек, кого од смрт на станицата „Мир“ го спасува рускиот космонаут полковникот Лев Андропов. Американците ги пречекува пијан, со ушанка на глава и со маица со натпис „СССР“. Но, професионализмот исчезнува со пиењето. Без Андропов, кој успева од американскиот шатл „Независност“ да извлече сѐ што може да се извлече, мисијата би била загрозена и крајот на светот би бил неизбежен.

Тајната на подморницата К-19, 2002

Пред Кетрин Бигелоу да го снима овенчаниот со Оскар „Катанец за болката“ имаше можност во секоја смисла да нурне во руската историја. Филмот К-19 е заснован на реални настани од 1961 година, кога советската нуклеарна подморница претрпе несреќа и многумина загинаа во неа. Како творец кој инсистира на детали, Бигелоу за време на подготовките за филмот има разговарано не само со сведоци на настанот, ами и успеа да добие и дозвола да ја посети Северната флота на Воената морнарица на Русија. Затоа филмот од првите кадри изгледа прилично убедливо – од техничките детали до лицата на екипажот. Реалните членови на екипажот беа скептични кон сценариото, па дури и пишуваа отворени писма, но на крајот филмот ги задоволи желбите на речиси 90% од нив.

Проектот „Елцин“, 2003

Политичка сатира посветена на руските избори во 1996 година, кога Борис Елцин ја загуби популарноста, зад петите му беа лидерите на комунистите и на либералните демократи Зјуганов и Жириновски. Филмот, заснован на вистински настани, зборува за тоа како со помош на Олег Сосковиц и на Анатолиј Чубај на чело на изборниот штаб доаѓаат американски консултанти. Од гледна точка на кинематографијата филмот не може да се нарече исклучително достигнување, но ова е единствен американски филм посветен на темата на дејствувањето на меѓународните политички методологии на изборите во Русија.

Борновата надмоќ, 2004

Завршетокот на вториот дел од серијата филмови за Џејмс Борн е снимен во Москва, како и познатата брканица со автомобили. Мет Дејмон во целост го уништи руското такси во кое се обиде да им избега на оние што го гонат, а притоа оштети и многу други автомобили и предизвика џумбуш во градскиот центар. Двајца каскадери за изведувањето на оваа сцена во 2005 година ја добија меѓународната награда Таурус.

Добриот овчар, 2006

Вториот режисерски потфат на Роберт де Ниро зборува за основањето на ЦИА. Улогата на основачот на агенцијата, кого советските колеги го нарекуваа „Матушка“, го толкува Мет Дејмон. За волја на вистината, неговото формирање, кое е хронолошки распоредено во текот на целиот филм, е невозможно без спротивставувањето со СССР и искуствата од Втората светска војна и од студената војна. Но, тоа за Де Ниро не е најважно. Во секој, дури и обичен агент, тој се обидува да пронајде сложен и автентичен внатрешен живот. Ова не се однесува само на главниот јунак, ами и на епизодните улоги на советските „шпиони“.

Хитмен: Платен убиец, 2007

Првата и не сосема успешна филмска адаптација на видеоигра за клон платен убиец останува во сеќавањето по случајот на убиството на рускиот претседател Михаил Беликов, кој има не само двојници, ами и брат Борис. Од помошта на агентите на ЦИА, на Интерпол и на ФБИ нема фајде. Затоа на главниот јунак, Агентот 47, на помош му се приклучува руската проститутка Ника Воронина. Станува збор за една од првите акциски улоги на манекенката и актерка Ољга Куриленко.

Индијана Џонс и кралството на кристалнниот череп, 2008

Ова е еден од најмногу исполитизираните делови на авантуристичката фрнашиза на Џорџ Лукас. Тоа не е ништо необично, зашто дејствието се одвива во времето на студената војна, кога лудата научничка Ирина Спаљко (Кејт Бланшет) се обидува да го натера вечно независниот јунак Харисон Форд да работи за неа, поради што тој за малку не е обвинет дека работи како советски агент. Ова е лебедовата песна на режисерот на „Индијана“ Ствен Спилберг, која десет години паузираше од патувањата на ексцентрочниот археолог.

Железен човек, 2010

Прв дел од популарната франшиза познат е не само по првото појавување на агентот Наташа Романова која ја глуми Скарлет Јохансон, ами и по рускиот негативец Иван Ванка кого го толкува Мики Рурк. На руски начин моќниот и молчалив физичар, кого во руската забит го одгледал таткото алкохоличар, смета дека тој е вистинскиот татко на Stark Industries и тргнува во одмазда на Железниот човек поради своето несреќно сибирско детство.

Солт, 2010

Откако играше улога во филмот „Баран“ на рускиот режисер Тимур Бекмамбетов, Анџелина Џоли повеќе немаше што да изгуби. Затоа две години подоцна се појави во улогата на двојниот агент Солт кој работи час за ЦИА, час за КГБ. Таа е, притоа, главно достигнување на овој филм. Џоли изгледа исто толку уверливо и како блондинка, и како бринета, и со шубара. Како во ентериерите на Капитол, така и во мрачните катакомби на руската престолнина.

Најтемниот час, 2011.

Ова е научно-фантастично филмско искуство на рускиот продуцент и режисер Тимур Бекмамбетов. Во оваа пригода, тој на бранот на својот холивудски успех не само што обезбеди поддршка од страна на големите студија, ами во Москва ги испрати и актерите Макс Мингело и Емил Хирш. Тие глумат стартап-бизнисмени, кои во руската престолнина се среќаваат со човек што им ја украл нивната идеја, но и со вистинска апокалипса, против кој не би успеале да се изборат без помошта на новите пријатели, секако, Руси.

Невозможна мисија: Протокол Дух, 2011

Иако поголемиот дел од акциските сцени на филмот се одигрува во руската престолнина, поголемиот дел од нив се снимени во Прага. На пример, сцената во која терористите предизвикуваат експлозија во Кремљ додека Том Круз очајнички бега од Црвениот плоштад не е снимена во Москва. За да се долови руската престолнина, творците на филмот направија неколку широки кадри од центарот на Москва.

Притаено зло: Одмазда, 2012

Идејата овој дел од футуристичката хорор-сага да се сними во Русија потекна од актерката Мила Јовович. Филмот е снимен на Далечниот Исток на Русија, на Камчатка, и во Москва. Според пишувањата на медиумите, снимањето на Црвениот плоштад траело неколку часа и било затворено за јавноста. Јовович во филмот се бори против зли мутанти во близина на Кремљ, потоа влегува во метро, спуштајќи се по лентата на ескалаторот.

Ред 2, 2013

Втор дел од акциската комедија за активниот живот на американските пензионери на чело со Брус Вилис во голема мера ги прошири границите на збиднувањата и поголем дел посвети на Москва, иако не е сниман во Русија, ами во студија во Лондон. Токму таму, според заплетот, се кријат остатоци од опасна атомска бомба од времето на студената војна и токму таму се упатува екипата на лудите храбри пензионери.

Добар ден да се умре машки, 2013

Поголем дел од сцените се снимени во Будимпешта, иако дејствието се случува во Русија. Според Брус Вилис, меѓутоа, сцените со познатите московски облакодери се снимени во руската престолнина, а во една од нив хеликоптер немилосрдно пука на Московскиот државен универзитет.

Џек Рајан: Регрут од сенка, 2014

За оваа улога Крис Пајн мораше да замине во куса посета на Москва, иако филмот е снимен главно во Америка. Тука тој се наоѓа во опкружување на вистинска руска телевизиска серија: со речиси пропаднатиот олигарх Черевин (режисерот Кенет Брана самиот ја толкува оваа улога), неговите бројни жени и синот, кого го игра Алек Агтоф (неодамна се здоби со популарност во серијата „Чудни нешта“). Обидите за разоткривање на личните и општествени тајни ќе мора да ги платат сите учесници на процесот.

Жртвување пион, 2015

Повторно врвот на студената војна, но сега наместо шпионско, следиме шаховско натпреварување. А, тоа не почива на политика, ами исклучиво на две силни личности: Боби Фишер и Борис Спаски. Тие доколку и ги жртвуваат пионите, тоа го прават само за себе, а не за својата земја. Моќна психолошка драма за најинтелигентниот вид спорт, во кој индивидуалните вештини и умешности се во голема мера поважни од парискиот однос на силите.

Шифра U.N.C.L.E, 2015

Симпатична пародија на Гај Ричи воедно на сите шпионски филмови од времето на студената војна, заснована на истоимената британска серија од шеесеттите години на минатиот век. Само што Ричи на сето тоа му даде нов шик-имиџ во реализацијата на главните јунаци: двајцата агенти од потреба Наполеон Сол од ЦИА и Иљја Курјакин од КГБ. Пред нив на големото платно ретко можеа да се видат толку елегантни и толку иронични шпиони.

Мостот на шпионите, 2015

Трилерот на Стивен Спилберг е редок формат на филм за студената војна во кој режисерот не се обидува да заземе чија било страна, ами останува „над случувањата“, исто толку детално прикажувајќи ги агентите од ЦИА, од КГГ и од „Штази“. Филмот е успешен во голем дел и на тоа што за улогата на советскиот шпион Рудолф Абел е избран театарскиот актер Марк Рајланс кој за ова остварување доби Оскар. Заплетот е заснован на реални настани, кога Абел е заменет за американскиот пилот Пауерс, соборен над Советскиот Сојуз.

Црвената армија, 2015

Интересен документарец што го режираше потомокот на семејство на советски емигранти Гејб Пољски. Филм за поврзаноста на хокејот во СССР со начелата и со обичаите на локалната средина. На пример со интервјуто со „големата петорка“ – Макаров, Ларионов, Крутов, Катасонов, Фетисов – како и со голманот и тренер Владислав Третјаков, Пољски се обидува не само да ја илустрира познатата советска школа за хокеј, ами и да покаже како секој од тогашните млади спортисти на мраз се бори не само за себе, ами и за целата земја.

Капетан Америка: Граѓанска војна, 2016

Во ова продолжение на „Капетан Америка“ неговиот стар непријател – Зимскиот војник – ги преминува сите граници. Затоа е време да се осврнеме и на неговото минато кое се одиграло во криогениот сон на сибирското одделение на „Хидра“. Во овој дел се собираат сите јунаци на Марвел – од ВандаВизија до Спајдермен и Човекот-мравка. Затоа не останува многу време за објаснување на сите географски специфичности без разлика дали е тоа Ваканда или Сибир.

Галеб, 2018

Успешна екранизација на најпопуларната драма на Чехов во Русија и во странство. Во режија на Мајкл Маер, кој е главно близок на театарот (има режирано претстави на Бродвеј и во Метрополитен операта), делото на Чехов добива и кинематографски, и тоа меѓународен, живот.

Црвениот врабец, 2018

Овој филм е интересна илустрација на тезата за тоа дека студената војна сѐ уште не е завршена. Примабалерината на Бољшој театарот Доминика Егорова која живее во предградие на Москва, по повредата заминува со својот вујко Вања – безбедносен агент – во специјалните одреди во кои припадниците учат не само да ја сакаат татковината, ами и непријателите. Не е случајно што хероината што ја толкува Џенифер Лоренс во извесен момент станува двојна агентка, работејќи и за Русија и за САД.

Сибир, 2018

Јунакот на Кијану Ривс – американскиот трговец со скапоцени камења Лукас Хил – доаѓа деловно во Санкт Петербург (навистина снимано во Русија), но не може да го најде својот партнер Пјотр. За да не го изгуби животот со поглед на Ермитаж, Хил тргнува во потрага по Пјотр во сибирското гратче Мирни, каде сретнува нови чудни пријатели и љубов во ликот на судбоносната сопственичка на локалното кафуле. Тие и треба да го згреат во неговата криминална потрага во кочија, инаку, тргнува во мошне тенко капутче. Се упатува, сепак, во убавиот Петербург, а не во снежниот Сибир, кој на платно, за волја на вистината, го „глуми“ Канада.

Без излез, 2020

Неочекувано весел хорор на тема од играта „бегство од собата“ во руската престолнина со актерска екипа на чело со Киген Ален. Група американски блогери доаѓа во Москва и се запознава со еден мистериозен млад богаташ, кој им ветува неверојатни доживувања. А, потоа животот во руската престолнина, иако не потсетува секогаш на реалноста, им подготвува свои опасни изненадувања. Доколку заборавите дека станува збор за хорор, можеме да кажеме дека станува збор за класично патување на странец низ Русија.

Тенет, 2020

Филмот, кој е делумно снимен во Естонија, зборува за спречувањето на Трета светска војна и сеопшта катастрофа, која може да се случи ако само еден човек научи да управува со времето. Првите кадри на извлекување од операта асоцираат на терористичкиот напад во Москва за време на прикажувањето на мјузиклот „Норд-Ост“ есента 2002 година. А, главниот негативец на „Тенет“ е рускиот олигарх и трговец со оружје, по потекло од измислениот сибирски град Стаљск, Андреј Сатор кого го толкува британскиот актер Кенет Брана.

Песна на Евровизија: Приказна за огнената сила, 2020

Саркастичма комедија за најголемото музичко натпреварување во Европа. Филмот ги исмева сите: и самиот формат на овие натпреварувања, како и националните особености не само на скандинавците, кои се тука во прв план, ами и на Русите. Еден од веројатно највпечатливите ликови е Александар Лемтов, кој истовремено потсетува на реалните руски учесници на натпреварувањето од различни години - Филип Киркоров и Дима Билан.

Нико, 2021

Комичен трилер со Боб Оденкер во улогата на очајниот ревизор од мрачното минато го сними рускиот режисер Иљја Наујшулер. Затоа не е ни чудо што тука на страната на лошто се наоѓа руската мафија на чело со шефот Јулијан, кого го толкува Алексеј Серебрјаков, познат по улогата во „Левијатан“. Судирот на харизматичните Оденкер и Серебрјаков, како и појавувањето на Кристофер Лојд во филмот, ги привлекоа гледачите од двете страни на океанот.

Црна вдовица, 2021

Филмот за најтаинствената жена „Одмаздник“ Наташа Романова би бил, секако, незамислив без советското минато на оваа хероина. Родителите на Наташа, излегува, биле руски шпиони и многу одамна ја испратиле својата ќерка заедно со нејзината сестра Лена во тајната база „Црвена соба“, каде се обучувале идните „вдовици“. Организацијата постои и денес, а на нејзино чело е злиот генерал Дрејков, кој и понатаму сака да го освои светот. Така Наташа мора да се сети на семејните врски и, пред сѐ, на својот татко кој во себе ги обединува сите стереотипи за Русите, од алкохолизам до тетоважа со куполи на црква на целиот грб.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња