Во Русија денес најважниот празник поврзан со елката и подароците воопшто не е Божик, туку Нова Година. За тоа е виновна советската власт која го укина празнувањето на христијанскиот Божик и во замена понуди сеопшта прослава на Нова година.
Но, пред Револуцијата, луѓето го сакаа и со задоволство го славеа Рождеството Христово. Руската православна црква денеска го одбележува празникот на 7 јануари, а пред 1918 година тоа го правеше на 25 декември. Тоа беше посебен ден и во царското семејство. Парите за подароци за децата и членовите на семејството се трошеа неброено.
Во периодот од XVI до XVII век царевите му придавале големо значење на црковниот празник, но тој немал особено силен семеен карактер. На Бадник царевите правеле добри дела, ги посетувале болниците и прифаќалиштата и давале големи милостини, но ги посетувале и затворите, каде им далеле помилувања на осудениците. Царевите потоа присуствуваче и на ноќната божиќна служба во храмот, која инаку била главниот настан.
По завршувањето на богослужбата пред зори, во царските одаи во Кремљ биле повикувани црковните архиереи и хор, кој пеел посебни песни во слава на Христос и царот. Царевите како празничен пијалок давале медовина и дарувале за заслуги овални, раскошно украсени садови за пиење (кош).
Дури потоа подароци добивале и царските деца, на пример, извезени скапи ткаенини како свила и брокат и скапоцени чаши со накит. Принцовите добивале играчки во вид на сабји, а царевите ќерки разни украси.
До деветнаесеттиот век празнични подароци се давале само во богати и благороднички семејства.
Ниту обичајот за китење на елката во Русија не се практикува одамна. Елките се поврзувале со покојниците, а гранчиња од четинари се фрлале на патот до гробиштата за време на погребната церемонија, симболично покажувајќи го на тој начин патот на душата на покојникот. Украсувањето на куќата со елка прв го наредил Петар Велики кога во 1700 година ја вовел прославата на Новата година. И Германката Екатерина II дала свој придонес за утврдување на новогодишната традиција.
Новогодишната елка за прв пат била украсена во Кремљ во 1817 година. Од дваесеттите години на деветнаесеттиот век оваа традиција е воспоставена и во царските замоци во Петербург. Подароците почнале да се кријат под елката за време на Николај I. Се смета дека ваквата прослава на Божик со елка и подароци во царското семејство ја донела сопругата на императорот Александра Фјодоровна. Таа била Германка, ќерка на прускиот крал Фредерик Вилхелм III, во чие семејство се вложувало многу труд за прослава на Божик, со богато украсена елка и подароци.
Сопругата на Николај I Александра Фјодоровна
George Dawe, 1826 / Јавен домен„За време на Николај I Рождеството Христово во аристократската, а подоцна и во градската средина добило облик на домашен семеен празник за кој се правеле внимателни подготовки, без да се штедат ниту време ниту средства“, пишува Јулија Уварова во книгата „Божик и Нова Година во Русија од XVI до XX век“.
Имало толку многу подароци што не можеле да се сместат под елката. Во 1847 година синот на Николај, Великиот кнез Константин, во својот дневник ги наведува подароците што ги добил: сабја, кинжал, панцир, черкески пиштоли и книги.
Едуард Гау. Ротондата во Зимскиот дворец во кој е поставена елка
Јавен доменЌерката на Николај Олга оставила сведоштво дека во 1837 година добила работна маса и фотелја, а во 1843 година „чудесен клавир од марката „Вирта“, слики, елегантни фустани и од тато нараквица со сафири, неговиот омилен камен“.
Едно од најпопуларните места за нарачките на императорот било „Англискиот магазин“ што го држела фирмата „Николс и Плинке“ во Санкт Петербург. Таму можеле да се најдат исклучителни лустери и накит, скапо убаво дизајнирано оружје, колекционерски вина и многу повеќе.
Токму сервис за чај од таа продавница за Божик добила Марија, втората ќерка на Николај во 1839 година. А во 1850 година императорот ѝ подарил неколку исклучителни парчиња мебел, прекрасни софи, фотелји и конзоли.
Сервис за кафе и чај на фирмата „Николс и Плинке“, 1839.
Руски музејОсвен слики, на принцезите им биле подарувани и украси и вреден накит и убави фустани и разни ситници, како и неопходни работи како лизгалки, скии, санки и книги.
Децата можеле да направат список со желби и да кажат што сакаат да добијат како подарок. Познато е дека Владимир, братот на Александар III, како дете за Божик барал остриги кои многу ги сакал. Оригинален бил и принцот Александар, кој сакал играчки во вид на кујна и костим на оџачар.
Во 1883 година Александар III ѝ наредил на Императорската фабрика за порцелан свечен Рафаелов сервис за педесет луѓе, за чија изработка биле потребни дваесет години, а фабриката секоја година за Божик испраќала дел од реализираната нарачка.
Чинија, сад за икра и тацничка од Рафаеловиот сервис
Државен музеј Царско селоТрадиционален подарок за машките членови на царското семејство биле мундир на Кавалерискиот полк, турска сабја или порцелански чинии. Познато е дека на престолонаследникот, Великиот кнез Александар, идниот Александар II, мајката-царица со години му подарувала или мундир на Кавалерискиот полк, или турска сабја, или порцелански чинии со прикази на руската војска. Меѓутоа, таа му подарувала и сервис за чај. А таткото, царот Александар, добил кутија со пиштоли, биста на Петар Велики, како и книги за историјата на Русија.
Јатаган со корици направен во Отоманската империја во 1803 година на идниот Александар II му подарила неговата сопруга Марија Александровна за Божик 1849 година.
Јатаган со корици. Турција. 1803.
Државен музеј Царско селоПознато е дека на императорот Александар III во 1881 година сопругата му подарила револвер „Смит и Весон“ со куршуми и футрола.
Слатки, по правило, им се дарувале само на децата, но и возрасните можеле да добијат слатки на подарок, на пример кутија со скапи суви сливи или кајсии, како и мандарини.
Акварел, дело на Великата кнегиња Олга, ќерка на императорот Александар II. Приватна колекција
Јавен доменЦарското семејство редовно организирало божиќна лотарија со подароци за дворската свита. Така, можело да се освојат порцелански лампи, вазни, сервиси за чај, но и предмети од познатата работилница на Фаберже. Во организацијата на лотаријата биле вклучени и царските деца, кои со часови лепеле етикети со бројки на подароците.
Членовите на царското семејство за празникот редовно го дарувале целокупниот огромен „колектив“ од слуги и друг персонал во дворецот. И притоа не биле скржави. Гувернерот можел да добие скапа кутија за накит или сребрен сервис, а се дарувале и бисери и други „ситници“.
Елка за децата на царските слуги
Јавен доменНиколај II го славел Божик, изненадувачки, многу скромно. Особено кога на почетокот на ХХ век дошле тешки времиња, револуции и војни.
Во дворецот во Царско Село во кој живеело царското семејство биле китени три елки. Децата и слугите имале посебни новогодишни елки. Николај во својот дневник оставил белешка за Божик, истакнувајќи дека тој и царицата покрај божиќните прослави со танцување околу накитените елки, бучни и со многу луѓе, на кои со часови делеле подароци, секогаш имале своја прослава. „После тоа кај Алекс ја имавме нашата прослава “.
И иако Николај секој Велигден на својата сопруга ѝ дарувал скапи велигденски јајца Фаберже, за Божик подароците биле многу поскромни. На пример, царицата двапати добила вреден накит, брилијантен ѓердан годината кога се венчале и приврзоци од жад за Божик по раѓањето на нивното прво дете, кнегињата Олга.
Скромни подароци од последната царска брачна двојка добивале и децата. Така, императорката му го подарила на наследникот Алексеј својот прв дневник.
За Божик 1917 година, во егзил во Сибир, императорката Александра на децата им плетела волнени елеци. А на својата дворска дама и другарка Ана Вирубова царицата ѝ испратила пакет со шал и чорапи кои самата ги сплетела. Во пакетот ставила и брашно, макарони и салама (вистински луксуз во годините по револуцијата).
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче