Традицијата за домашно празнување Божиќ, со елка и со подароци, се појавила на рускиот двор за време на владеењето на Николај Први, благодарение на неговата сопруга Александра Фјодоровна, родена како принцеза Шарлоте, која ваквите семејни празници ја посетувале на родната Прусија. Елката ја кителе на Бадник на 24 декември, веднаш по службата, во Концертната сала или во ротондата на Зимскиот дворец. За секој член од семејството се китела посебна елка, покрај која имало поставено маса за подароци покриена со бел чаршав. „Секогаш прво не собираа во внатрешните одаи на Нејзиното Величество, пишува дамата на императорскиот двор баронесата Марија Фредерикс. – Таму зад затворени врати <...> се бореа и се туркаа сите деца меѓу себе, и царските исто така, за тоа кој попрво ќе влезе во ветената сала. Императорката одеше напред за уште еднаш да ги прегледа сите маси, а нам ни чукаа срцата од радост и од љубопитство од очекувањето. Одеднаш се слушаше ѕвон, вратите се отвораа и ние со галама и со викотниви влегувавме во салата осветлена со илјадници свеќи. Императорката самата го доведуваше секој до својата маса и му ги даваше подароците“.
Цртеж на великата кнегиња Ољга Александровна
Божиќни елки продолжиле да се китат и по смртта на Николај Први, само се менувало местото на прославата: за време на Александар Втори тоа најчесто бил Златниот салон на Зимскиот дворец, неговиот син Александар Трети го претпочитал Гатчинскиот дворец каде елките биле поставувани во Жолтиот и во Малиновиот салон, а за време на царувањето на Николај Втори семејниот Божиќ се прославувал во Александровскиот дворец во Царское Село. Не се менувало само едно – нетрпеливото детско очекување на чудо пред отворањето на вратите, кое е опишано во мемоарите на ќерката на Александар Трети, великата кнегиња Ољга Александровна: „Ручавме во собата веднаш до свечената сала. Вратите од салата беа затворени, пред нив стоеја стражари. <...> Сите ние <...> чекавме само едно нешто – кога ќе го земат десертот што никому не му беше потребен и кога родителите ќе станат од масата и ќе тргнат кон свечената сала, Но, и децата и сите останати мораа да чекаат сѐ дури Императорот не заѕвони со ѕвоното. И тука, заборавајќи секаква етикеција и секаков чин, сите трчаа кон вратите на свечената сала. Вратите се отвораа и ние се најдувавме во волшебно царство“. Салата навистина потсетувала на волшебна шума: во неа имало шест елки за членовите на семејството и многу повеќе за роднините и за вработените на дворот. Сите тие беа украсени со свеќи што горат, со позлатени и посребрени овошја и со лампиони.
Со испорака на подароци за празнувањата во дворецот се занимавале петербуршките кондитори. Нивните „пакетчиња“ тешко дека ќе го зачудат денес некое дете: во 1880 година во секое од нив имало две шаки слатки („француско изненадување“ и „бонбончиња“), две мандарини и две јаболка. На великите кнезови уште им додавале и кутија суви модри сливи, а на императорот Александар Втори кошница со кајсии. Венцоносните родители се обидувале да го поттикнат талентот кај своите деца: најмладиот во семејството Николај Први, Великиот кнез Михаил Николаевич за Божиќ добивале виолончело – инструмент на кој тој мечтаел да свири, а неговата сестра Ољга во 1843 година добила „чудесен клавир од фирмата Вирт“. Децата на своите родители им купувале подароци од својот џепарлак или правеле нешто со свои раце. „Подарокот што секогаш му го подарував на татко ми беше изработен со мои раце: тоа беа меки црвени чевли, опшиени со бели крвчиња. Многу ми беше убаво кога ќе ги облечеше!“, си се потсетувала Великата кнегиња Ољга Александровна за своите подароци за Александар Трети. За титулата најекстравагантен подарок претендираат револверот смит-венсон 38 со кубура и сто патрони, кој Александар Трети го добил од императорката Марија Фјодоровна. Времето било неспокојно – декември 1881 година – не минале ни девет месеци од моментот кога во центарот на Петербург бил убиен Александар Втори. Можеби токму затоа императорката на своите синови Николај и Георгиј им подарила по еден добар англиски нож. И најоригинален подарок добила великата кнегиња Александра Николаевна за Божиќ 1843 година. Кога влегла во Концертната сала на Зимскиот дворец, таа на елката го нашла заврзан... својот младоженец, принцот Фридрих Вилхелм Хесен-Каселски, со кој веќе половина година била свршена. Принцот допатувал во Петербург претходната вечер (во јануари била закажана свадбата), но неговото доаѓање го чувале во тајност.
Цртеж на великата кнегиња Ољга Александровна
За своите поданици Романов не заборавале: Николај Први организирал божиќна лотарија за дамите од дворот,за дадилките, за слугите и за останатите што живееле на дворот: секој извлекувал карта, а потоа императорот ги кажувал картите и секој од рацете на императорката добивал подарок – ваза, ламба или порцелански сервис. Во 1866 година императорското семејство за првпат организирала прослава за сиромавите деца во Аничковиот дворец. Секој добивал за подарок куса бунда, обувки, топла облека, постелнина или фустан, а по гоштавањето принцот Александар (идниот Александар Трети) наредил да се турне елката за децата самите да можат да си земат играчка за спомен. Оттогаш празнувањата во дворците за сиромавите деца станале традиција, а „претставничките должности“ на императорското семејство за време на празниците само се зголемувале. Така, во 1907 година императорот Николај Втори посетил шест прослави само во Царское Село – во болниците, школите за дадилки и гардиските касарни. Еве како за еден од ваквите прослави во својата книга „Последните години на императорскиот двор во Царское Село“ се сеќава началникот на императорското дворско обезбедување Александар Спиридонович: Во центарот беше поставена огромна елка, висока до плафон, украсена со илјадници електрични ламбички. <...> Точно во два часот дојде императорот со своите деца и со великата кнегиња Ољга Александровна. <...> Војниците еден по еден доаѓаа до масата со подароци и извлекуваа ливчиња со бројки. Великите кнегинки, принцот и офицерите ги наоѓаа подароците со тие броеви и ѝ ги носеа на Ољга Александровна која им ги даваше на добитниците. <...> Доделувањето на подароците било интересно за принцот. Особено бил среќен кога некој ќе добиел будилник. Офицерите ги навивале будилниците, а тие ѕвонеле на голема радост на принцот“.
Цртеж на великата кнегиња Ољга Александровна
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче