- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Официјално се смета дека Големиот раскол се случил во 1054 година. Но, несогласувањата меѓу западното христијанство предводено од римскиот папа и источното христијанство на чело со константинополскиот патријарх започнале многу порано. Во моментот на расколот свои христијански цркви имале не само Палестина, Рим (и речиси цела Европа), Грција и Византија, туку и Ерменија, Грузија, Египет, Сирија, па дури и Стара Русија. Може да се претпостави колку се разликувале меѓусебно една од друга. Истокот и Западот веќе значително се разишле на ниво на култура, традиција и веќе развиле сосема поинакво разбирање за светот и начинот на живот. Затоа меѓу нив немало меѓусебно разбирање. Тоа недоразбирање прераснало во толку жесток конфликт што црквите меѓусебно се анатемисале, што официјално заврши дури во 1965 година. Очигледно е дека разликите во ставовите на двете цркви почиваат на длабоки духовни и филозофски причини, за кои сè уште расправаат теолозите и богословите. Ние ќе зборуваме за формалните разлики кои се забележуваат на површината на овој конфликт.
1. Една од причините била поделбата на Римското царство
Како воопшто било можно христијанската црква да се подели на западна и источна? За тоа всушност придонела самата поделба на Римската империја. На почетокот на IV век царот Константин I го прекинал прогонот на христијаните и им дозволил јавно да ја исповедаат својата вера. Тој го свикал и првиот Вселенски архиерејски собор, на кој бил усвоен христијанскиот Символ на верата, според кој Богосинот е единосуштен на Боготецот и биле утврдени основните христијански канони.
Засолнувајќи се од варварските племиња кои го напаѓале Рим, Константин ја преселил и престолнината на Римското царство во Константинопол. Во борбата за власт, потомците на Константин фактички ја поделиле единствената империја на Западна (со центар во Рим) и Источна (со центар во Константинопол). Тогаш Византија добила свој епископ, кој, за волја на вистината, и понатаму се потчинувал на папата. Но, веќе во V век византискиот епископ ја добил титулата Вселенски патријарх. Тој и понатаму го признавал папата, но сепак се сметал себеси за самостоен.
2. Папски претензии за врховна власт во црквата
Римскиот папа се сметал себеси за полноправен поглавар на целата христијанска црква. Прво, поради владејачката позиција на Рим, некогашниот главен град на империјата, и второ, како директен наследник на првиот папа, апостол Петар. Меѓутоа, Рим не го разбирал својот примат како патријарх, како „прв меѓу еднаквите“, туку сакал да биде единствениот централен орган за управување со црквата. Со тоа принципиелно не се согласувале не само Византија, туку и другите цркви на исток: Антиохија, Ерусалим, Александрија. Тие го признавале византискиот вселенски патријарх, но не сакале да признаат дека Папата е единствен поглавар на целата црква. На пример, според преданието, Александриската црква ја основал апостол Марко, а нејзиното влијание го опфаќал цел Египет. Притоа поглаварот на таа црква истовремено ја носел и титулата патријарх и титулата папа (и често се јавувал како посредник во спорот меѓу Рим и Константинопол).
3. Несогласувања за Светиот Дух и лебот на причеста
Едно од првите и најважни теолошки несогласувања било поврзано со Светото Тројство. Блажениот Августин, како богослов и епископ на Северна Африка, развил учење наречено „филиокве “ дека Светиот Дух произлегува од Боготецот и Богосинот. Оваа доктрина била прифатена од латинската Западна црква, но отфрлена од Источната црква. Затоа што според старата традиција, која е изложена во Библијата, Светиот Дух произлегува само од Отецот (како и Синот). Источните ерарси во тоа виделе кршење на Новиот завет и намалување на улогата на Светиот Дух. Затоа православието се сметало себеси за повистинско учење („ортодоксија“, што во превод значи „правилно учење“).
Фактот дека Рим на почетокот на XI век во Симболот на верата го вклучил „филиокве“ се смета за еден од главните поводи за расколот.
Покрај тоа, меѓу Истокот и Западот се појавиле различни литургиски несогласувања. На пример, за тоа каков леб треба да се користи за причест. Источната црква се залагала за квасен леб, а Западната за бесквасен. Источните христијани ја осудувале употребата на бесквасен леб како враќање на јудаизмот. Таквиот „мртов“ леб наводно го означувал само Христовото тело, но не и неговиот дух.
4. Борба за земји и „Големата шизма“
Во суштина, христијанската црква никогаш не била сосем единствена (освен на самиот почеток). И покрај сите вселенски собори и обиди црквата да се сведе на еден модел, разликите во мислењата и конфликтите меѓу епископите на Рим и Византија не се смирувале. Додека на Исток ги исповедале догмите прифатени на Вселенскиот собор, Рим бил подложен на најразновидни влијанија – на Германците, Франките итн. Кога Норманите освоиле дел од Јужна Италија, која била под сферата на влијание на Константинопол, тие ги замениле црковните обреди според грчки стил со латински.
Како одговор на тоа, византискиот патријарх Михаил Керулариј ги затворил „латинските“ храмови во Константинопол, а извршителите на волјата на патријархот почнале да го уништуваат латинскиот бесквасен леб за богослужба. Керулариј, исто така, сакал папата да признае дека патријархот е му е рамен по чест. Во 1054 година, папата Лав IX одбил да го стори тоа и ги испратил своите пратеници во Константинопол да го решат тоа прашање. Тој дури испратил и лажен документ во кој стоело дека наводно лично царот Константин му доделил на римскиот папа неподелена власт над целата христијанска црква. (Папата исто така сметал и на воена помош од Византија во борбата против Норманите).
Патријархот ја сфатил местенката и го одбил папата, по што емисарите на папата го анатемисале патријархот, додека патријархот за возврат ги анатемисал заедно со папата...
5. Стара Русија го избрала источното христијанство
Се смета дека првиот владетел во Русија кој го примил христијанството била кнегињата Олга. А нејзиниот внук, кнезот Владимир, веќе во 988 година ја превел цела Русија во христијанство. Летописот детално опишува како тој ја избирал верата, како дошле кај него емисари на различни религии и го наговарале да го избере нивниот Бог. Доаѓале и емисари на папата и „грчки филозофи“ од Константинопол. Наводно, на Владимир му се допаднале литургиските правила на источната христијанска црква.
Најверојатно Владимир не сакал да потпадне под влијание на папата. Во исто време, Русија долго време имала различни трговски и политички врски со Византија. И византиското христијанство повеќе му одговарало. Во 988 година Владимир го освоил византискиот Корсуњ (денешна Кримски Херсонес) и барал во замена за мир да му ја дадат за жена сестрата на царот, принцезата Ана. Царот попуштил под заканата на Владимир дека ќе влезе во Константинопол, но поставил услов: Владимир да стане христијанин. Очигледно, царот сфатил дека на тој начин може да го „скроти“ соседот кој веќе неколку пати ја нападнал Византија. Заедно со принцезата Ана, за Русија тргнале и византиски свештеници и црковни служители, кои почнале да ги покрстуваат Русите, а исто така и да ја шират писменоста и да ги поучуваат за Божјиот закон.
Кога во 1054 година црквата се поделила, Русија сè уште немала автокефалност, па дури ни свои словенски епископи. Сите биле Грци испратени од Византија. Затоа младата руска црква сè уште била зависна од Источен Рим, па со самото тоа продолжила по патот на православието.