Храм на словенско божество. Дело на В.Иванов
Legion MediaКога кнезот Владимир ја покрстувал Киевска Русија од 980 до 1015 година, ги испратил своите војници и православните свештеници да го покрстат Новгород, а тие ја тргнале дрвената статуа на Перун – едно од најважните божества на словенскиот пантеон. Тие најпрво ја влечеле статуата низ градот и ја удирале со стапови, за потоа да ја фрлат во реката Волхов.
Овој чин имал симболично значење кое би можело да се формулира на следниов начин? „Православниот Бог победи“. Паганските божества морале да се повлечат. Поединци плачеле, гледајќи што се случува со статуата на Перун. Перун, Сварог, Мокош и други божества со векови биле неразделен дел од нивната мистичка свест. Да ги погледнеме „одблизу“.
Секој пагански пантеон имал свој демиург, односно божество кое го создало сиот свет. Кај старите Словени тоа бил Сварог, божество на небото. Тој, како што се смета, господарел со универзумот и ги раѓал сите млади божества.
Како што се наведува во „Новата енциклопедија на митологијата Ларус“, коренот на зборот Сварог е поврзан со санскрит (свар – остар, јасен). Сварог во илустрациите често се прикажува како мудар и силен старец со бела брада. На словенските селани небото можело да им донесе и благослов, но и неволја, така што не е чудно што божеството на небеското синило управува со светот.
Словените живееле во тешки климатски услови. Од таа причина го обожавале Даждбог, милосрдно божество на Сонцето за кое се верувало дека е потомок на Сварог.
Неговото име буквално значи „бог кој дава“. Даждбог го пресекол небото со кола и повлекол четири бели коња со златни крилја, па така е создадена сончевата светлина со „огнен штит“. Тој бил одговорен за плодноста на земјата, а луѓето себеси со гордост се нарекувале „внуци на Даждбог“.
Најпознатото словенско божество денес е громовникот Перун. Тој е сличен на старогрчкиот Зевс и на скандинавскиот Тор – божество на бурата и на војната кое ја користело молњата како оружје. Луѓето се плашеле од гневот на Перун, но воедно и се воодушевувале и го повикувале на помош за време на војна.
Често се илустрира како исклучително силен човек со долга брада. Тој исто така бил длабоко поврзан со власта. Перун бил врховното божество од кое смртно се плашеле словенските кнезови и нивната „дружина“ (најблиските и најблагородните војници)
За разлика од споменатите божества кои биле поврзани за небото, Велес бил задолжен за земјата – ги контролирал водите, шумите, земјиштата и подземниот свет. Често се илустрира како диво, неуредно и влакнесто суштество со долга брада. Се споредува со грчкиот Пан.
Словените го сакале Велес. Се сметало дека тој ја штител стоката и внимавал на животните и на билките. Додека Перун бил божество кое ја поддржувало аристократијата, Велес се поврзувал со обичните луѓе, со ловџиите и со селаните. Перун и Велес често се спротивставувале еден на друг поради што се менувале годишните времиња.
Битките помеѓу Перун и Велес биле вообичаени. Овие божества, иако различни, биле дел од вечниот поредок. За разлика од нив Чернобог (буквално „Црн бог“) претставувал апсолутно зло во словенската митологија.
Некои сметаат дека тој бил владетел на словенскиот задгробен свет (кој можеби се викал Нав). Како таков, бил предизвикувач на сето лошо, слабо и одвратно во човековата природа. Тој на смртниците им праќал елементарни непогоди. Поради тоа бил поблизу до ѓаволот (како што е опишан во религиите засновани на Стариот Завет), одошто на обичното паганско божество.
Ова доста невообичаено, па можеби поради тоа Чернобог се појавува во современата масовна култура и конкретно, во многу компјутерски игри и во „Американските богови“ (роман на Нил Гејман и неговата екранизација).
Суровиот патријархален пантеон немал многу женски ликови. Мокош била единствена, но мошне влијателна. Таа го контролирала земјиштето, а воедно била во состојба да им дарува на луѓето љубов, благосостојба и богатство. Освен тоа, ги казнувала злосторниците. Мокош била заштитничка на жените и на децата, а таа улога е важна во секоја култура, па и во словенската.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче