- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Русите секогаш, кога минуваат низ гробиштата љубопитно ги разгледуваат надгробните споменици. На најпознатите гробишта во Русија се организираат дури и екскурзии. На Црвениот плоштад, во самиот центар на престолнината, се наоѓа вистинска некропола. Покрај Мавзолејот на Владимир Ленин, во бедемите на Кремљ се погребани голем број угледни функционери, војсководци и космонаути, меѓу кои има и странци. Дури и кога се во странство, Русите не ја пропуштаат можноста да навратат на стари гробишта со надеж дека ќе пронајдат гробови на своите сонародници. А, како изгледаат гробовите на познатите личности во Русија? Ова се само дел од нив.
Александар Пушкин (1799-1837)
Најпознатиот руски поет бил смртно ранет во близина на Петербург, во двобој против човекот за кој се зборувало дека е љубовник на поетовата жена Наталија Гончарова. Дворските интриги толку го разгневиле Пушкин што проблемот можел да биде решен единствено со двобој. Многумина биле потресени од загинувањето на најголемиот руски поет и за тоа ја обвинувале власта и круговите блиски до власта. Илјадници луѓе дошле да се простат со покојниот поет и негодувале поради трагедијата.
Императорот организирал незабележлив погреб, со цел да се спречат нереди. Жандарите во ноќта го одвезле мртовечкиот ковчег во Псковската губернија (600 километри од Москва). Поетот е погребан на територијата на Свјатогорскиот манастир, во близина на Михајловское, неговиот семеен имот.
Николај Гогољ (1809-1852)
Смртта на најмистичниот руски писател е сè уште мистериозна и обвиена со легенди. Според сведоштвата на современиците, Гогољ многу стравувал дека ќе падне во летаргичен сон и оти ќе биде погребан жив (според една легенда на крајот токму тоа и се случило). Големиот писател починал во својата 43 година при мистериозни околности. Се претпоставува дека причина за смртта била тежок нервен слом. Девет дна пред смртта тој од непознати причини го запалил речиси завршениот втор том на „Мртви души“, своето најголемо дело. Гогољ и самиот мошне се потресол поради овој настан. Погребан е на гробиштата во Даниловскиот манастир во Москва. Неговиот гроб е украсен со бронзен крст на височина што ја симболизира Голгота и со црна мермерна плоча.
Во 1930 година советската власт го затворила манастирот и ја уништила некрополата, поради што посмртните останки на писателот биле пренесени на Новодевичјите гробишта во Москва. Потоа почнале да кружат гласови дека за време на ексхумацијата наводно излегло дека во гробот недостасува черепот на Гогољ зашто бил украден, или, пак, дека черепот бил свртен настрана, што како да ги потврдува стравувањата на Гогољ, односно дека бил погребан жив. Денешниот изглед на гробот на Новодевичијите гробишта е копија на првобитниот.
Лев Толстој (1828-1910)
Толстој живеел подолго и има напишано повеќе книги од многумина други руски писатели, но во староста доживеал голем духовен пресврт. Многу размислувал за верата и ја критикувал Црквата во своите трактати. Меѓу другото пишувал дека улогата на свештеникот како посредник во човечкото општење со Бога е целосно излишна. И Црквата и световната власт го забраниле објавувањето на трактатите на Толстој на богословски теми, како и неговиот последен роман „Воскресение“. На крајот писателот сам за себе рекол дека е надвор од Руската православна црква, а на Црквата не ѝ останало ништо друго освен да го констатира тој факт.
Во својата последна духовна фаза, писателот имал симпатии кон старообредниците, започнал да води „едноставен“ живот и малку му требало за да се откаже од својот имот. Меѓутоа, не наишол на разбирање од страна на својата сопруга (зашто и тие двајца и нивните многубројни деца всушност живееле од тој имот). Избил семеен конфликт, 82-годишниот писател тајно избегал од дома и заталкал со воз на југ. Меѓутоа, по пат се разболел и починал на малата станица Астапово. Денес оваа станица се нарекува Лев Толстој.
Лев Николаевич е погребан на својот имот во Јаснаја Пољана, во шума на крајот од клисурата. Погребот е извршен без опело и без каков било црковен обред (иако се ширеле гласови дека, наводно, тој бил отпеан). На гробот немало ниту крст, ниту надгробна плоча, само тумба покриена со трева, во согласност со заветот.
Петар Чајковски (1840-1893)
Во 1893 година Чајковски бил целосно здрав, но во еден петербуршки ресторан испил чаша незовриена вода, иако владеела епидемија на колера. Веќе следното утро му станало лошо. Четири дена бил во мошне тешка состојба, и на крај починал.
Меѓу руските емигранти се ширела легенда дека Чајковски извршил самоубиство, плашејќи се од прогон поради хомосексуалноста. Наводно симптомите на труење со арсен се слични со симптомите на колера.
Погребот на рускиот композитор го платил лично императорот Александар Трети. Опелото се извршило во Казањскиот храм со учество на хорот на императорскиот театар. На погребот присуствувале дури и членовите на семејството Романови. Најпознатиот руски композитор е погребан на Тихвинските гробишта во Александро-Невската лавра во Санкт Петербург.
Владимир Ленин (1870-1924)
Ленин се разболел само пет години по Револуцијата од 1917 година. Се претпоставува дека причина за болеста била нервна напрегнатост во постојаните јавни говори, напорната работа и стресот по атентатот од 1918 година. Преживеал три мозочни удари, по што повеќе не можел да зборува. Починал од излив на крв во мозокот (иако се зборува дека починал од сифилис). Смртта на Ленин предизвикала цела лавина неверојатни гласини. Се зборувало дека избегал во странство, дека одамна починал, но дека телото му било замрзнато, па и дека тоа не е негово тело, но дека тоа е восочна фигура...
Прашањето за начинот на кој треба да биде погребан Ленин се разгледувало и претходно, додека тој сè уште бил жив, но тешко болен. Човекот кој ја презираше Црквата и црковните обреди не било можно да се погреба според христијански обичај. Според официјалната верзија, Јосиф Сталин се изјаснил дека телото на Ленин треба да биде „зачувано“, и дека, наводно, тоа е желба на „работниот народ“. Тоа значело телото да се балсамира според методите на современата наука. (Многумина партиски другари, за волја на вистината, на почетокот биле скептични, зашто им се чинело дека „моштите“ на Ленин ќе можат да служат како моштите на руските светители, што било штетно по марксизмот).
Била организирана „световна“ (односно не црковна) церемонија на проштевање. Мртовечкиот ковчег со телото на Ленин бил изложен во Салата со столбови на Домот на синдикатот (подоцна тука ќе бидат изложувани и телата на други советски раководители). Пет дена не се прекинувала поворката луѓе кои приоѓале да се простат од својот водач, а потоа балсамираното тело било сместено во привремениот дрвен мавзолеј на Црвениот плоштад. На ова место во 1930 година подигнат е денешниот мермерен мавзолеј, каде телото на Ленин (односно она што останало од него) сè уште лежи во прозрачен саркофаг. Специјална лабораторија се грижи за зачувувањето на надворешниот изглед на посмртните останки.
Јосиф Сталин (1879-1953)
Сталин имал 73 години кога на 1 март 1953 година му се парализирала десната половина од телото. Припадник на обезбедувањето го затекнал како лежи на подот. Три дена подоцна водачот на народот починал. Како и во случајот со Ленин, официјална причина за смртта била излив на крв во мозокот.
И телото на Сталин било изложено во Домот на синдикатот. Три дена река луѓе минувале и се проштевале од водачот. И членови на странски делегации доаѓале да положат венци. Погребот бил извршен на 9 март и останал познат по тоа што се собрале толку многу луѓе, што стотина го изгубиле својот живот во големата толпа. Балсамираното тело на Сталин во свечена погребна поворка било внесено во мавзолејот во придружба на артилериска канонада и воени авиони кои го надлетувале Црвениот плоштад.
Телата на двајцата советски лидери осум години се наоѓаа во мавзолејот едно до друго. Но, во 1961 година во состав на борбата против „култот на личноста на Сталин“, неговото тело е изнесено од мавзолејот и е погребано пред ѕидините на Кремљ, каде и денес се наоѓа.
Јуриј Гагарин (1934-1968)
Седум години по легендарниот лет во космосот, Јуриј Гагарин загинал во авионска несреќа за време на вежби во ловечки авион МиГ. Кон крајот на шеесеттите години советската власт веќе нашла начин да ги заобиколи „христијанските погреби“, а тој начин бил кремирањето. Многумина познати личности во Советскиот Сојуз се кремирани.
Така било направено и со прочуениот космонаут. Урната со неговата пепел е заѕидана во кремљовскиот бедем, каде потоа е формирана цела некропола со угледни државници, членови на партијата и генерали.