Кои жени во СССР го добиваа одликувањето Мајка-Херој?

Историја
RUSSIA BEYOND
Во Русија решија да го вратат советското одликување и звање воведено уште за време на Втората светска војна. Сега доаѓа и со парична награда.

„Мајка-херој“ беше највисокото звање што се доделуваше на мајки  во СССР. Одликувањето го добиваа жени кои родиле и одгледале десет или повеќе деца. Наградата се доделуваше откако најмалото дете ќе наполнеше една година и ако сите други деца сé уште беа живи. Меѓутоа, се броеја и децата кои загинале или исчезнале за време на одбраната на татковината или при извршување на војнички или граѓански долг.

Орденот „Мајка-Херој“ беше ви вид на златна ѕвезда-петокрака од која се шират сребрени зраци. На плочка покриена со црвен емајл стоеше натписот „Мајка-Херој“.

Одликувањето првпат беше врачено на 27 октомври 1944 година. Го добија 14 жени. Првата беше Ана Алексахина од населба во Московската област. Таа имаше две ќерки и десет сина, од кои четворица не се вратија од фронтот на Втората светска војна.

Не случајно наградата беше воведена за време на Втората светска војна. Звањето „мајка херој“ е замислено за поддршка на мајките кои загубиле деца во војната, а воедно и со намера да се стимулира младата генерација што повеќе да раѓа за да се надомести огромната демографска загуба за време на војната.

При доделувањето на звањето се сметаа и законски посвоените деца. Особено се поттикнуваше посвојувањето на деца кои во војната ги изгубиле родителите.  

Тако на узбечката мајка Бархи Акрамова ѝ е подигнат споменик во Ташкент поради тоа што за време на војната посвоила 15 сирачиња од различни републики на СССР, евакуирани во советски Узбекистан. И нејзиниот случај не беше единствен.   

Честопати мајките-херои беа жени од сојузните републики во кои традиционално имаше многу деца во семејството (додуша, и во руските села жените раѓаа многу деца, но имаше и висока стапка на смртност кај децата).

Орденот и звањето се доделуваа сé до распадот на СССР во 1991 година. Дотогаш го добија над 430 илјади жени. Мајките-херои добиваа и разни бенефиции од државата: скромен месечен додаток за секое дете, зголемена пензија, бесплатен јавен превоз, олеснувања при плаќањето комунални услуги. Освен тоа, тие често беа први на списоците за доделување бесплатни станови.

Покрај звањето Мајка-херој, жените со повеќе деца можеа да добијат и други награди. За пет и шест деца добија медал за мајчинство - сребрен или златен, во зависност од бројот на деца.

За седум, осум и девет деца се доделуваше орденот „Мајчинска слава“ од различен ред.

Ликот на мајка со многу деца беше прикажуван во многу советски филмови. На пример, во филмот од 1980 година „Еднаш дваесет години подоцна“ е прикажана годишнина од матура на која хероината не може да одговори на прашањето: „Што беше најважното нешто во вашиот живот?“ И тогаш се покажува дека таа има десет деца и сите нејзини соученици се воодушевени и признаваат дека децата и образованието ѝ се најважни во животот. Притоа таа е среќно мажена и останува вистинска жена.

По распадот на СССР, одликувањето повеќе не се доделуваше. Во современа Русија постои орден на „Родителска слава“, од 2008 година се доделува на родители или на еден родител за воспитување на повеќе од четири деца, а од 2010 година на родители со повеќе од седум деца (вклучувајќи ги и посвоените). Заедно со орденот родителите добиваа и еднократна помош. Од 2022 година таа изнесува 200 илјади рубли. Наградата ја добија вкупно околу 500 семејства.

На иницијатива на Владимир Путин, на 15 август 2022 година беше обновен советскиот орден „Мајка-херој“. Највисокото одликување ќе им се доделува на мајки (со руско државјанство) кои родиле и одгледале десет и повеќе деца (кои исто така се руски државјани).

Правилата за доделување на орденот се слични на советските: сите деца мора да бидат живи, а се бројат и децата загинати или исчезнати при извршување на војничка, службена или граѓанска должност, како и во терористички напади и вонредни ситуации. Мајките добиваат звање и орден, како и парична награда од еден милион рубли.

Новиот орден ќе изгледа вака. На тркалезен златен медал втиснат во ѕвезда петокрака се гледа натписот „Мајка херој“, во центарот на црвен емајл е двоглавиот орел, грбот на Русија. Руското знаме го краси одликувањето - бело-сино-црвената тробојка врамена во злато со вметнат дијамант.